| четврток, 6 декември 2018 |

Филмска магија со ѕвездата на саксофонот Ејми Диксон во Скопје

Два пати номинирана за престижната награда „Греми“ и една од најдобрите саксофонистки денес, Ејми Диксон од Австралија, доаѓа во Скопје!

На 9 март во Домот на АРМ во 20 часот, повеќенаградуваната и харизматична Ејми Диксон, ќе настапи како солист на концертот „Алхемија“ со оркестарот на Македонската филхармонија. Првата саксофонистка и првата Австралијка што ја добила наградата Класик „Брит“, во Скопје за прв пат ќе го изведе Концертот за амплифицирана обоа и оркестар од современиот австралиски композитор Греам Коне – „Забава за време на лет“.

Мегапопуларната Ејми Диксон се фокусира на современата и филмската музика, и во нејзиниот репертоар се наоѓаат дела на врвните современи композитори како Филип Глас, Мајкл Најман, Мајкл Кејмен, Џон Вилијамс…

Концертот „Алхемија“ ќе донесе музика со филмска магија, а се одржува во чест на празникот на жената 8 Март.

Диригент е врвниот маестро Кејс Скалионе, под чија палка оркестарот на Македонската филхармонија премиерно ќе го изведе делото „Четири парафрази за симфониски оркестар“ од младата македонска композиторка Теа Богатинова, како и Симфонијата бр. 6 наречена „Пасторална“ од музичкиот гениј Лудвиг ван Бетовен.

Греам Коне (1956) (Graeme Koehne) е еден од најспецифичните австралиски композитори денес. Познат е по тоа што во неговото творештво ги отфрла сите видови авангардни начини на компонирање, иако ги прифаќа моќта и енергијата на популарната култура. Неговиот брат, писателот Џејмс Коне, ќе каже дека авторот го краси музички индивидуализам, дека делата на Греам се создадени во слободен стил, а дека се инспирирани од поп-културата што е препознатлива за Австралија. Неговиот концерт „Забава за време на лет“ („Inflight Entertainment“) за амплифицирана обоа и оркестар, уште на самата премиера предизвикал сензација поради „филмската“ обоеност на партитурата, но и поради специфичните технички сегменти, кои од солистот бараат виртуозност. Делото поседува експресивна драматургија и заразен ритмички пулс.

„Таа има индивидуален и необичен тон… нејзините фрази прекрасно завршуваат, нејзината контрола на динамиката е бескрајно суптилна“, напиша магазинот „Грамофон“ за двапати номинираната за „Греми“ Ејми Диксон (1982) (Amy Dickson), една од најдобрите саксофонистки денес. Таа, всушност, е и првата саксофонистка и првата Австралијка што ја добила наградата Класик „Брит“, откако го објави својот трет албум „Dusk and Dawn“, кој беше на водечко место во Велика Британија. Во јануари 2016, Диксон беше именувана за Млад Австралиец на годината во Британија. Нејзиниот репертоар е строго ориентиран на нејзината страст за новата музика, таа е целосно посветена на новите дела, особено на оние создавани за саксофон. Во моментов, Ејми Диксон живее и твори во Лондон, но е родена во Сиднеј, Австралија, каде што на шест години почнува да зема часови по саксофон. Својот прв концертен настап го има на 16 години, а две години подоцна ја прави и првата снимка како солист со Симфонискиот оркестар на Сиднеј. Таа година се сели во Лондон за да студира на Кралскиот колеџ за музика, а потоа и на Конзерваториумот во Амстердам. Добитничка е на значајни награди, кои ретко одат во рацете на саксофонистите. Настапува како солист ширум светот со врвни оркестри, во „Ројал Алберт хол“, во „Сиднеј опера хаус“ или во „Концертхаус“ во Виена, но и како камерен музичар. Во 2015 година се придружува на Шкотскиот ансамбл на турнеја низ Британија, која вклучува концерти во Единбург, Глазгов и во Лондон и кои оставаат силен впечаток во јавноста. Една од критиките во „Хералд Скотланд“, на пример, вели дека саксофонот на Ејми Диксон има топол, возвишен и експресивен тон што може да стопи и камен. Таа снима за „Сони класикс“ и досега има реализирано шест албуми чии изведби на дела, особено „Spiegel im Spiegel“ од Арво Парт, Концертите за виолина од Филип Глас, делата на Џон Тавенер и на Мајкл Најман сместени на албумот од 2009, како и делата на Џон Вилијамс или Мајкл Кејмен од албумот „Catch Me If You Can“, се оценети како врвни. Нејзините изведби ги красат и некои од најдобрите филмски остварувања.

Американскиoт диригент Кејс Скалионе (Case Scaglione) постојано ги импресионира оркестрите од целиот свет со „сензитивни и внимателни изведби на музичките дела“, како што критиката ги опишува неговите настапи. Зад себе има импресивна кариера диригирајќи со значајни оркестри во светот. Во концертната сезона 2016/17 дебитира со Норландсоперан оркестарот во Шведска, Камерниот оркестар на Лозана и со Филхармонискиот оркестар на Тампере, Финска, а се враќа да диригира и со Симфонискиот оркестар во Кристијансанд во Норвешка, како и со Филхармонијата на Брно. По претходните успеси со Симфонискиот оркестар на Далас, повторно е поканет да биде гостин-диригент на овој престижен американски оркестар. За првпат оваа сезона, маестро Скалионе настапува и со симфониските оркестри во Феникс  и со Сарасота. Минатата особено успешна година за маестро Скалионе ја одбележаа настапи со Симфонискиот оркестар на Детроит, Филхармонијата на Луксембург и оркестарот на „Џулијард“ во „Алис Тули хол“ во Њујорк. Во Јужна Америка настапува со Националниот симфониски оркестар на Колумбија, а дебитира и во Франција и во Германија. Редовно диригира и во Азија настапувајќи со симфониските оркестри на Шангај и на Гуангжу, со Филхармонискиот оркестар на Кина и со Филхармонијата на Хонг Конг. Во 2011 година е назначен за асистент-диригент во Њујоршката филхармонија, позиција што специјално за него ја обезбеди музичкиот директор Алан Гилберт, а истата година ја доби наградата за диригирање од фондацијата „Шолти“. Тој е страстен поборник за изведба и на оперската и на симфониската музика, но многу се посветува и на современата музика. Три години работи како музички директор на Фондацијата за млади музичари и дебитантски оркестри на Лос Анџелес, следејќи ги стапките на реномирани диригенти какви што се Мајкл Тилсон-Томас и Лоренс Фостер. Критиката за Скалионе ќе каже и дека е авантурист и дека сака да истражува нови изрази, па така неговиот репертоар вклучува дела од Моцарт до Лигети, меѓу нив и повеќе светски премиери, заклучно со премиерата на симфонијата „Доктор Атомик“ од Џон Адамс во Лос Анџелес со Дебитантскиот оркестар составен од млади музичари. Пред неколку години остварува серија концерти со Њујоршката филхармонија и со славниот виолинист Џошуа Бел, кога се прослави како извонреден асистент-диригент. Скалионе дипломирал на Институтот за музика во Кливленд и магистрирал на Институтот Пибоди каде што студира во класата на Густав Мејер. Работи под менторство на Дејвид Цинман на Американската академија за диригирање во Аспен, каде што му се доделени и наградите „Џејмс Конлон“ и „Аспен“. Посветен е и на музичката едукација и постојано одржува часови по диригирање на музичката академија „Џулијард“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top