Во недела, 26ти февруари од 20:00 часот во Младински Културен Центар во Скопје ќе се одржи големиот хуманитарен концерт Friends2Friends со поддршка на граѓанската иницијатива Мрдни со прст.
На сцената на МКЦ за симболична цена на картата од 100 денари во предпродажба и 200 на врата ќе можат во живо да се слушнат Фолтин, Темпера, DJ Goce SAF, DJ Chvare, Тони Зен, Милко, Мугер Фугер, Сетстат, Алтер Виво Јаничари, Conquering Lion.
Мотив за организирање на настанот на кој ќе настапат 8-те популарни македонски бендови и 3-та најценети хип-хоп DJ во последните 10 години е пожарот кој се случи зимава во Макотекс во кој изгореа инструментите и студиото на голем број музичари. Зградата на Макотекст беше позната како објект во кој твореше и снимаше скопската алтернативна и рок сцена. По пожарот следеше и поплава која што ја уништи архивата на бендовите кои што со децении ја создаваа. Со купување на карта за овој голем фестивал ќе им се овозможи на музичарите да набават нова опрема и да продолжат да творат и да создаваат култура.
Освен богатата музичка програма, во фоајето на МКЦ за време на фестивалот ќе се организираат низа забавни активности и изненадувања за кои се погрижи граѓанската иницијатива Мрдни со Прст. Мрдни со Прст има за цел подигнување на јавната свест за различните можности преку кои секој поединец може да придонесе кон позитивните промени во својата средина.
Дојдете да се забавуваме, да слушаме квалитетна македонска музика и заедно да направиме нешто со кое ќе помогнеме истата да живее и да се создава! Мрднете со прст!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.