На четврти март во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје е закажан заедничкиот неколкучасовен музички спектакл на хрватските пејачи Оливер Драгојевиќ и Златан Стипишиќ – Џибони. Иако двајцата неколкупати веќе гостувале во Скопје, никогаш немале заеднички концерт пред скопската публика. На четврти март во Скопје доаѓаат да го претстават заедничкиот материјал „Фамилија“, снимен и инспириран од нивната животна приказна и случки. Албумот е сниман во студија во Лос Анџелес, Париз, Загреб и Риека и на него соработуваат врвни музичари како Пино Паладино, Ману Каче, Стив Стивенс, Матија Дедиќ, Мирослав Тадиќ, Елвис Станиќ… „Фамилија“ својата службена концертна промоција ја доживеа на спектакуларниот концерт во Загреб. Ова е десетти студиски албум за 25 години исклучително богата кариера.
Џибони во интервју за „Република“ говори за својата фамилија, за работите што го прават среќни, за љубовта. Се присетува на детството и на момчештвото и на Дино Дворник со кого се познавале од деца. Кога тој помислува на Скопје, прва асоцијација му е семејството на нашиот најпознат гитарист Влатко Стефановски со кога се познаваат многу години и со кого соработуваат.
Што е за Вас фамилија?
ЏИБОНИ: За мене фамилијата е многу важна. Јас сум Далматинец и под фамилија во Далмација се подразбираат најмалку 60 луѓе. Значи, сите деца, баби, свекрви, кумови, роднини, внуци. Мојата фамилија е нешто како на филмот „Кум“.
Дали, можеби, семејството е најважна работа во животот?
ЏИБОНИ: И мене, како и на многумина, семејството ми е најважно, кога си свесен дека живееш во ова време во кое живеат Путин и Трамп. Човек лесно може да ја загуби довербата во општеството во такво време во кое се губат нерви. Затоа можеш да имаш доверба само во своето семејство, во своите најблиски.
Дали е многу важно во љубовта луѓето да можат да сметаат едни на други?
ЏИБОНИ: Во љубовта е многу важно луѓето да можат да сметаат едни на други. Неодамна говорев токму за тоа, па ме прогласија за старомоден. Јас мислам дека зборот посветеност нема никаква врска со модата. Некому да му бидеш посветен, тоа е секогаш во мода. Секогаш е најважно личноста што те сака да може да ти верува и да смета на тебе. Кога ти сакаш некого, знаеш дека нема да добиеш нож в грб. Зар има нешто поважно од тоа? Тоа е најважно!
Дали е песната најдобар облик на изразување?
ЏИБОНИ: За мене, да. Кога ќе напишеш музика, па ќе напишеш стихови, тогаш за таа музика имаш посебен однос, во однос на некој што е поет. Ако си поет или писател, тогаш сакаш да се изразиш, не си ограничен. Можеш да се изразиш на 300-400 страници или на 500 или повеќе. А, кога пишуваш песна, некогаш мора да се изразиш само во неколку стиха. Ако навистина успееш да напише вистинска песна и да се објасниш себе, своите чувства или стравови во неколку стиха, тогаш тоа има навистина голема вредност.
Постојат ли песни што сте ги напишале, но не сакате да ги свирите на концертите?
ЏИБОНИ: Постојат некои песни од првата фаза од мојот живот што ги надраснав, можеби затоа што сум размислувал поинаку кога имав дваесет години, а на 40 години размислувам поинаку. Ете, само поради тоа. Јас цврсто стојам зад сѐ што имам направено, но има некои песни во кои веќе не се гледам себеси. Би се чувствувал лажно со моите сегашни ставови и размислувања кога на концертите би пеел некои песни од раната фаза на мојот живот.
Што е за Вас среќа? Како може да се опише?
ЏИБОНИ: Често, ние луѓето мешаме два збора, што е задоволство, а што е среќа? Задоволство е сето тоа што може да се купи во продавница, а среќата не можеш да ја купиш. Задоволство е, да речеме, подобар автомобил, нова гардероба, а среќа е да имаш возвратена љубов од луѓето што ги сакаш. Тоа е среќа…како и здравјето, не можеш да ги купиш. Постојат работи што не можеш да ги купиш во продавница. Па така јас работите ги делам на тие што можат да се купат, а тоа е задоволство, и на тие што не можат, а тоа среќата. Среќата е бесплатна, но за неа мораш да се бориш.
Каде го пронајдовте Вашиот мир?
ЏИБОНИ: Јас воопшто не сум го пронашол својот мир и го молам Бога да не го најдам. Воопшто не ме интересира мирот, ме интересира немирот! Постојано нешто да сакам да работам, да свирам, патувам, да запознавам луѓе, необични луѓе. Мојот дух е немирен. Не можам да се замислам себе да се откажам од сево ова.
Во својата кариера единствено сте пишувале песни за Оливер Драгојевиќ и за Дино Дворник. Какви сеќавања имате за Дворник? Како го запознавте?
ЏИБОНИ: Со Дино Дворник се познававме уште од детството. Мојот покоен татко Љубо, кој беше музичар и диригент, беше голем пријател со таткото на Дино, познатиот актер Борис Дворник. Тогаш Сплит, нашиот роден град, не беше мегаполис, туку град со само 50-60 илјади луѓе и беше нормално сите тие што се занимаваат со уметност да се познаваат меѓу себе, но и да се дружат. Љубо и Борис беа пријатели. Зградата во која живееше Дино беше оддалечена стотина метри од мојата, така што се знаевме од мали. На Дино се сеќавам уште кога беше мал и возеше велосипед во кратки панталони. Секогаш беше див. Се сеќавам, многу сакаше со велосипедот да се пушта по скалите. Во еден период, двајцата почнавме да се занимаваме со музика, така што во еден момент животот нѐ спои. Заедно напишавме 17 песни, кои се најдоа на неговите албуми. Посебно сум горд поради тоа. Во тоа време тоа беше една многу забележителна музичка револуција на овие простори на Балканот.
Ова не е Ваше прво гостување во Скопје. Сегашниот концерт, на 4 март во СЦ „Борис Трајковски“ е најавен како спектакл. Паметите ли нешто посебно што Ви се случило во Скопје?
ЏИБОНИ: Јас секогаш се врзувам за луѓе, така што ни Скопје не е исклучок. Така е со сите градови во кои гостувам. Кога некој ќе го спомене Скопје, прво нешто што ми паѓа на памет се Влатко и Гордана (Стафановски, н.з.). Некако се врзувам за луѓе. Луѓето се тие што го прават градот.
Изјавивте дека имате 14 деца, кои се родиле по завршување на Вашите концерти. Расте ли бројот на новоредни деца?
ЏИБОНИ: Јас секогаш кога ќе завршам некој концерт велам „Луѓе, славевме љубов. Сега одете дома и направите бебе“. Во последните десетина година луѓето го слушаа мојот совет и сега имаат момче или девојче. Тоа, на еден начин, многу ми годи и го сметам за личен успех ако на некој начин успеав да ги убедам луѓето да бидат среќни и задоволни.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
(интервјуто е објавено во 234. број на неделникот Република кој излелзе во печат на 24.02.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Џибони доаѓа на фестивалот „All you need is love“ на 23 декември во Скопје