| четврток, 6 декември 2018 |

Доаѓам за на раат да запееме, да се напиеме…

Со Скопје и со Македонија го врзуваат многу работи, посебно затоа што тука ги поминал и најважните денови од својот живот - студиите на Електротехничкиот факултет во Скопје, воениот рок поминат во битолската касарна, бракот со Гордана...

Место класичен концерт, забава на која секој ќе може на раат да се напие, да се најаде, да се развесели. Вака организаторите, а и самиот Мирослав Илиќ, го најавуваат неговото дружење со македонската публика по повод јубилејот од 45 години музичка кариера. На 11 март во „Метрополис арена“ оваа боемска вечер ќе трае четири часа, а Илиќ на сцената ќе биде придружуван од голем оркестар. Вечерта ќе ја отвори Ефто Пупиновски, а ќе следуваат и неколку изненадувања.

Српскиот фолк-пејач вели дека знаел оти токму од Скопје ќе ја почне големата турнеја. Со Скопје и Македонија го врзуваат многу работи, посебно затоа што тука ги поминал и најважните денови од својот живот  – студиите на Електротехничкиот факултет во Скопје, воениот рок поминат во битолската касарна, бракот со Гордана…

Бевме толку млади, јас полни 20, а таа со навршени 18 години. Бевме толку вљубени. Мислевме дека знаеме сѐ еден за друг, а токму подоцна сфативме дека ништо не сме знаеле и, всушност, баш подоцна и почнавме да дознаваме работи еден за друг. Но, токму тоа ја зацврстува врската – рече Илиќ на дружбата со македонските новинари.

Според него, не постои тајна за долговечен брак, туку само компромис.

Љубовта, пред сѐ, се разбира, зошто би бил со некого толку години ако нема љубов. Но, клучот е компромисот бидејќи иако сме различни, и после толку години супер функционираме. А, причина за тоа е разбирањето кое го имаме еден кон друг – додава пејачот, кој е сигурен дека и овој пат неговата сопруга ќе дојде во Скопје за неговиот концерт.

miroslav-ilic

Фото: Драган Митрески

 Две години не сте го посетиле Скопје, по последниот концерт тука. Се променил ли многу градот, како Ви изгледа?

Илиќ: Се променил, како не. На сите страни гледам кранови, се ѕида, се гради… Дали е добро тоа или не, не знам како го гледате од ваша перспектива. Кога влегував во Скопје, мене првиот впечаток ми беше токму тоа. Но, она што навистина ми бодеше очи, морам да бидам искрен бидејќи навистина го сакам Скопје, е кому му падна на памет да гради на Водно? Јас Водно би го зачувал онака како што го памтам од моите студентски денови: најубаво! Јас да сум архитект, сигурно не би предвидел никакви градби таму горе. Се извинувам ако навредувам некого, но навистина тоа ми падна в очи.

Какви беа Вашите студентски денови тука?

Илиќ: Еее, тоа беше навистина многу весело, радосно, убаво… Никогаш нема да го заборавам скопското корзо, баш овде на градскиот плоштад. Тоа беше познато низ цела Југославија, секоја вечер имаше по 10-15 илјади млади луѓе, се шеташе, се љубеше, се разменуваа разно-разни искуства, учебници се менуваа, се договараа состаноци и забави.

А, Вашите спомени од Битола?

Илиќ: Ех, Битола… Јас како војник бев во Битола…

Старите битолчани раскажуваат за Вашите концерти во Офицерскиот дом.

Илиќ: Пеев, пеев, но по обуката. Цела обука ја завршив, цели десет месеци.

Мислите ли дека би требало да се врати воениот рок како задолжителен за денешната младина?

Илиќ: Јас попрво би ги вратил работните акции. Тогаш постоеше друг вид корисно дружење, баш тие работни акции. Попрво би ги вратил нив отколку воениот рок.

Во овие 45 години, не само кариера, туку успешна кариера, во кои години било најдобро да се биде во Ваша кожа?

Илиќ: Да се биде јавна личност има добри страни, да бидам искрен повеќе се добри, но има и некои околности што ги отежнуваат работите. Најубаво е кога ќе видиш дека тоа што го правиш, тоа што ти го подарил Бог, некого го радува. Е, тоа е за мене најголемата радост.

Затоа, место концерт, ова ќе биде дружба, со маси полни со друштво, јадење, пиење…?

Илиќ: Да, да, не сакав класичен концерт.

Баш така сакате да Ве доживее публиката.

Илиќ: Да. Не дека нема да биде сѐ професионално, и репертоарски и во секој поглед, со оркестар и со сѐ врвно, но нема да е класичен концерт во смисла на самата емоција и дружење. Тоа ќе биде една голема и забавна дружба. Дојдете да се забавуваме, да пееме, отпуштено… Не онака само седнати на стол во сала, туку на маса, да се пие, да се запее…

Постои ли песна што не станала хит, а Ви е драга?

Илиќ: Да, јас не сум од тие што велат „сите се мои деца, не ги делам“ (се смее). Мој омилен рефрен, кој секогаш го пеам со посебни емоции, е „Растанка се нашег сечам“. Оваа песна, можеби, не е голем хит ,како што се „Поздрави је, поздрави“, „Божанствена жено“, но мене ми е особено драга. Нема некоја посебна причина зошто е така, но ете многу ми е драга, ми буди убави чувства.

Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 233. број на неделникот „Република“, 17.02.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top