Во ноември 1998 година, Ангела Меркел разговарала со фотографката Херлинде Келбел. Тоа беше момент на неизвесност во кариерата на Меркел, која седум години служеше во Kабинетот на канцеларот Хелмут Кол. Таа година тој си поднесе оставка, а неговата партија загуби на општите избори. Германците се замориле од неговото раководство и неговата партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) се најде во опозиција.
Меркел имаше среќа. Новиот лидер на ЦДУ, Волфганг Шојбле, ја одбра за негова генерална секретарка. Таа беше решена да не се дозволи нејзината кариера да заврши како таа на Кол.
– Некогаш сакам да го најдам вистинскиот момент да се повлечам од политиката. Тоа е многу потешко отколку што замислував. Не би сакала да бидам полумртва руина кога ќе ја напуштам политиката, туку, напротив, би сакала да продолжам и со нешто друго – рекла таа во разговорот со Келбел.
Дали Меркел го пропушти вистинскиот момент? Дали се фати во стапицата на Кол?
Минатиот понеделник, Меркел беше во седиштето на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), баварската сестринска партија на ЦДУ, и изгледаше како да е гостинка на сопствениот погреб. До неа беше лидерот на ЦСУ Хорст Зехофер, кој иако со месеци ја прекоруваше канцеларката за политиката кон бегалците и се закануваше дека нема да го поддржи нејзиниот реизбор, конечно, реши да ја поддржи Меркел.
– Јас… ммм… како лидер на ЦСУ… ммм… ве информирам дека… ммм… јас… ммм, ммм… ја објавувам мојата поддршка… ммм… и поддршката на ЦСУ… ммм… за германската канцеларка Ангела Меркел… ммм, ммм… за претстојната изборна кампања и за нејзината кандидатура за канцелар на Сојузна Република Германија.. ммм, ммм… со поддршка на раководството на партијата и на извршниот комитет – изјави тој.
Ослободена СПД
Тоа беше убедливо најневеселото почнување изборна кампања во поновата германска историја. Ако конзервативната кампања е на кревки нозе како и поддршката на Зеховер, тогаш Меркел може веднаш да ги предаде клучевите од кабинетот на противкандидатот од Социјалдемократската партија (СПД), Мартин Шулц.
Каков пресврт! Само пред три недели, се чинеше дека единствениот заплет во наредните избори ќе биде со колкава разлика ќе загуби СПД од Меркел и дали партијата ќе заврши во опозиција место во сегашната улога како помал коалициски партнер. Речиси сите социјалдемократи очекуваа дека поранешниот партиски лидер Зигмар Габриел ќе ја води кампањата на СПД како кандидат за канцелар и дека ќе ја одведе партијата во сигурен пораз. Место тоа, Габриел неочекувано поднесе оставка и му ја препушти функцијата на Шулц и партијата одеднаш изгледаше ослободена.
Дали ерата на Меркел се ближи кон својот крај? Дали расположението се менува? Бројките сѐ уште не се јасни и анкетите не се секогаш исти со изборните резултати – како што научивме од „Брегзит“ и од изборот на Доналд Трамп. Но, политичкото расположение во земјата се менува, па дури и луѓе од кругот на Меркел велат дека трендот е јасен и во моментов оди во правец на СПД.
Според анкетите на „Инфратест димап“, 50 проценти од Германците сакаат новата влада да биде предводена од СДП, резултат што е за 14 проценти повисок од последните општи избори во 2013 година. Само 39 проценти сакаат владата да ја водат конзервативците на Меркел. Шулц, исто така, води во однос на Меркел и на прашањето кој кандидат гласачите би го избирале кога би можеле да гласаат за кандидат место за партија. Има речиси 20 години откако СПД имаше слично водството на тоа прашање. Тоа беше во март 1998 година, кога Герхард Шредер ја објави својата кандидатура против Хелмут Кол – кампања на која отиде за да победи. Кога Шулц минатиот понеделник се појави во фабриката за текстил во Бохолт, град во западниот дел на Германија, во близина на холандската граница, тој беше пречекан со ритмички аплауз и со пароли на кои пишуваше: „Шулц сега“ и „Време е за Мартин!“
Се бара место повеќе
Оживувањето на најстарата политичка партија во земјата е видлива насекаде: Разгранокот на СПД во Северна Рајна-Вестфалија прими 140 регистрации за семинар за претстојната кампања и покрај тоа што се очекуваа само 25. Бројот на барања за нови членови е повисок отколку што некогаш бил во поново време, со повеќе од 4.600 нови членови, кои се регистрираат на интернет, откако Шулц беше избран за кандидат на партијата.
Во југозападниот германски град Фрајбург, локалната канцеларија на СПД остана без хартија за нови членови и партијата се соочува со истиот проблем во државите Сар и Долна Саксонија. Кога Шулц го посети локалниот разгранок во североисточниот дел на Хамбург минатата недела, стотици членови сакаа да присуствуваат. Партијата ја промени локацијата, но, сепак, имаше место само за околу 100 лица. Одамна СПД не враќала луѓе од врата.
Меѓу конзервативците, грижите се зголемуваат.
– Може да се влијае врз бројките на анкетите, но не може да се одврати промената во расположението, вели лидерот на ЦСУ – Хорст Зехофер.
Успехот на Меркел веќе долго време се градеше на сметка на СПД. Централно-левичарската партија имаше тешкотии поради променливата природа на лидерот Зигмар Габриел и поради неговата способност да ги оттурне од себе дури и тие што го сакаа само најдоброто за него. Сега, Габриел се повлече и го насочи центарот на вниманието точно на слабостите на канцеларката.
– Во 12-тата година од нејзиниот мандат, Меркел сега се соочува со вообичаената замореност што ја чувствуваат луѓето кон функционерите, со која се соочуваше Аденауер во 1959-1960 година, Кол во годините по 1989 година и Маргарет Тачер по 11 години како премиерка – вели Андреас Рудер, историчар од Мајнц. Но, тоа не значи дека само дека електоратот е уморен од Меркел. Таа, исто така, води конзервативна алијанса, која е поделена повеќе од кога било досега. Самитот за мир што ЦСУ-ЦДУ го одржа во Минхен пред една недела не е ништо повеќе од еден привремен прекин на огнот и аурата на Меркел како канцеларка, која е смирена и во време на криза што значително се продлабочи во текот на летото во 2015 година, кога таа ги отвори границите на земјата за бегалци. Тоа беше чин на хуманост, но не само што ја подели Германија, туку ја подели и Европа. Всушност, ЕУ и денес продолжува да страда од одлуката на Меркел.
Канцеларството на Меркел покажува дека е застарено и тука лежи опасноста. Често гласовите на електоратот за противкандидатот се глас против актуелниот функционер. Во Германија политичката моќ се разнишува со текот на времето. Лудвиг Ерхарт и Хелмут Шмит беа отфрлени бидејќи веќе не ги следеа сопствените партии. Хелмут Кол беше присилен да ја напушти функцијата бидејќи, по 16 години во канцеларството, тој изгледаше како споменик: сив и скаменет.
Викање и исвиркување
Меркел долго време беше во можност да профитира од фактот дека таа ретко предизвикуваше силни емоции. Таа полека ја модернизираше ЦДУ овозможувајќи ѝ на партијата да привлече различни групи гласачи. Таа им се обраќаше на младите жени и на жителите на големите градови, изборните единици што никогаш не гласале за ЦДУ и за ЦСУ. Некои конзервативни гласачи ѝ свртија грб на партијата, но, сепак, таа освои повеќе гласачи отколку што избрка.
Но, бегалската криза промени сè и од летото 2015 година, Меркел стана крајно поларизирана.
– Сега постојат луѓе што попрво би ги пресекле раце отколку да гласаат за Меркел – вели еден близок пријател на Меркел. Кога канцеларка водеше кампања во Мекленбург – Западна Померанија минатото лето пред изборите во државата, таа повремено се појавуваше само пред одбрана публика затоа што, инаку, нејзините говори ќе беа задушени од викање и од исвиркување.
Тоа расположение му оди во полза на Шулц. Тој дури и е во можност да привлече некои поддржувачи на десничарската популистичка партија Алтернатива за Германија. Шулц е во можност да ги комбинира навиките на популистите со централно-левичарска платформа, вклучувајќи ја и нивната посветеност кон Европската унија и кон либералната политика за бегалците во земјата. До неодамна, само Алтернативата за Германија нудеше јасна алтернатива за Меркел. Сега, тоа го прават и социјалдемократите, барем во однос на политичкиот стил. Нивната порака е јасна: Меркел треба да си оди.
Неодамна, 66-годишниот Фалк Одрих стоел зад штандот на пазарот на земјоделците во Франкфурт и продавал кисели краставички, како начин на дополнување на пензијата. Во 2014 година, тој бил дел од кампањата на партијата Алтернатива за Германија во Ерфурт.
– Дистрибуирав 40.000 летоци и со часови стоев зад бината на партијата на централниот плоштад во градот – рече тој.
Тогаш тој сметал дека таа е партијата на обичните луѓе, но, како што вели тој, штом влезат во парламентот, партиски функционери го забораваат обичниот народ. Одрих се жалеше дека Бјурн Хуке, лидерот на разгранокот на партијата во законодавството на Тирингија, сѐ повеќе станува агитатор – неодамна неговите повици за Германија да ја остави настрана вината во Втората светска војна беа масовно критикувани. И сега, со Шулц на чело на социјалдемократите, Одрих има намера да ѝ се приклучи на партијата. -Веќе имам апликација за членство дома, рече тој.
Не му пречи ли фактот дека Шулц, во поголема мера од многу други германски политичари ги поддржува Европската унија и хуманитарниот пристап кон прашањето за бегалците? Не, Одрих рече, додавајќи дека тој, всушност, смета дека тоа е добро: бегалците, рече тој, треба да бидат соодветно дистрибуирани низ цела Европа, а не само Германија да ги прима.
– Тоа беше грешката на Меркел, фактот дека таа ги отвори границите, без прво да се координира со другите Европејци – вели Одрих.
Шулц стана фигура на ветувањето, отелотворувајќи ги сите видови надеж. Тој никогаш немал позиција во германската влада, ако не се смета неговиот мандат како градоначалник на Вурзелен, град со население од 40.000 луѓе на границата со Холандија. Но, Шулц успеа да ги искористи своите години како градоначалник на Бурзелен во приказната дека е човек од народот.
– Вистинскиот живот нема да го најдете во Бундестагот, туку на градските улици – рече Шулц.
Извор: „Шпигел“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.