| четврток, 6 декември 2018 |

Со едукација да се градат лидерските вештини на жените – почна Глобалниот самит

Global-women-leaders-summit-001

Во Македонија денеска почна Глобалниот самит на жени лидери на кој учествуваат над 300 жени од пет континенти и околу 40 панелисти кои ќе ги споделат своите искуства како да се биде жена лидер.

Според сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова, која е покровител на настанот, само со љубов, посветеност, залагања и упорност може да се биде успешен и да се постигнат зацртаните планови и цели.

Global-women-leaders-summit-002

-Искуството уште еднаш ми покажа дека на тој пат кон подобрување на нашето севкупно живеење, жената е најчестиот, најупорниот и најуспешниот водач, односно лидер. Таа е присутна и во бизнисот и во уметноста и во културата и во социјалата и во здравството и во дипломатијата и во новинарството и во администрацијата. Впрочем жената е присутна секаде, но она што го прави посебно нејзиното приуство и ја извдвојува е нејзиниот пристап, нејзината емотивност, префинетост, интуиција, одлучност и иницијативност – нагласи Иванова.

Global-women-leaders-summit-003

Жената, смета Иванова, е симбол на сите семејни вредности и темел на заедништво која несебично ја дели својата љубов, својот труд и се вложува себе си во секоја улога и како мајка, сопруга, пријател, работник, професионалец и како лидер.

-Улогата на жената лидер, на жената предводник, а уште повеќе на жената која ја има улогата на прва дама во едно општество, ја препознавам како позиција од која може да се поведат многу иницијативи, да се организираат многу акции и кампањи, но и да се бранат обесправените и помалку бројните, тие чиј настап често е незабележлив, ненаметлив, тивок и редок – рече Иванова.

Global-women-leaders-summit-005

Таа потсети дека дел од нејзините активности се насочени кон децата со посебни потреби, особено на децата со аутизам, дел на лицата со ретки болести, а дел од ангажманите и на децата и нивното здравје.

-Една од најдрагите активности која се спроведе под мое покровителство е отворањето на воопшто првиот Ургентен центар на детската клиника – рече Иванова, најавувајќи дека наскоро ќе следи и комплетно реновирање и опремување на Одделот за интензивна нега на оваа клиника.

За претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска жените на пазарот на трудот се активни насекаде и во последните 20-тина години се надминува јазот во однос на родовата еднаквост.

-Во регионот, Македонија добро котира во однос на родовата еднаквост. Нема толку разлики на кој начин се третираат жените, туку во поглед на тоа дека тие не успеваат да стигнат до клучните позиции во општеството – истакна Арсовска.

Global-women-leaders-summit-010

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска смета дека застапеноста на жената во политиката не е на задоволително ниво и мора да се поработи на тоа поле.

-Она што е најважно е импутот што жените го даваат кога ги носат одлуките заедно со мажите заради тоа што женската перспектива е сосема различна од машката – рече Арсовска – Томовска.

И за претседателката на Здружението на бизнис жени на Македонија, Валентина Дисоска недостигаат жени на менаџерски позиции и тоа е она на што треба во иднина да се посвети внимание.

-Жените најчесто одат да работат во секторот услуги или го работат она што го знаат, бидејки тоа е полесната варијатна, но не инвестираат средства за да развијат сопствен бизнис – вели Дисоска, според која потребна е едукација за да се градат лидерските вештини на жените.

Global-women-leaders-summit-006

Дводневниот форум го организираат Сојузот на стопански комори во соработка со Здружението на бизнис жени, а на него ќе биде промовирана и Глобалната платформа на жени лидери од јавниот и приватниот сектор во која првпат се вклучуваат и жени лидери од Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top