Зоран Заев ја има најтешката мисија во својата контроверзна политичка кариера. Дали да ги проголта сите националистички барања на ДУИ и на албанскиот блок со цел да дојде во ситуација по кратка постапка да го апси раководството на ВМРО-ДПМНЕ или да остане без власта по битката во која ги загуби целиот свој дигнитет и авторитет, битка во која вложи толку многу досега? Ако ја свитка „кичмата“ пред координираните и хомогенизирани албански партии уште еднаш како што најави пред неколку години во врска со менување на уставното име, тој може да владее. Но, веројатно, тоа ќе биде најдраматично владеење во историјата на Македонија. И спроведувањето и неспроведувањето на албанската платформа во земјата ќе предизвика сериозни политички турбуленции. Ако Заев ги натера своите сопартијци да се согласат на двојазичност на целата територија на Македонија и ако подоцна влезе во авантура да го менува уставното име (според СДСМ во 2008 година за 6 месеци ќе се реши името и Македонија ќе влезе во НАТО и ќе почне преговори со ЕУ), за што доаѓаат сѐ поголем број најави од светот, тој и неговата влада ќе се соочат со пекол многу поголем од тој со кој се соочуваше Груевски во последните 24 месеци. И тука нема да бидат важни ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, туку обичниот народ, кој едноставно нема да му го прости најголемото предавство.
И затоа е чудно што иако Заев е целосно свесен со какви предизвици ќе се соочи, инсистира да прифати нешто за што верувам дека ниту еден друг нормален политичар не би ни разговарал. И тој самиот да не е свесен, во СДСМ има свесни луѓе што знаат да соберат 2 и 2 и да му кажат дека каква било влада во која столбот што ја гарантира стабилноста е составен од албанската платформа не може да ѝ донесе ништо добро на Македонија. Не дека Албанците во Македонија мислат дека за нив е подобра поделба на државата и унификација со Албанија и со Косово. Свесни се дека единствена Македонија во која можат без никакви проблеми да ги задржат и да ги надградат економските, културните, семејните и другите врски со своите браќа во соседството е нивниот најголем бенефит, кој го живеат и во последната деценија откако е ВМРО-ДПМНЕ на власт.
Зошто Груевски е пречка?
Сепак, ако можат, Албанците ќе ја искористат секоја можност за да станат посебен државно-правен субјект на етничка основа за разлика од сите други помали малцинства иако за тоа не ги исполнуваат ниту меѓународните стандарди ниту, пак, Охридскиот договор, кој, според нив, е круна на победата на ОНА во 2001 година. И, се разбира, во истиот момент ќе заборават дека Груевски, иако ризикуваше губење на поддршката кај Македонците, го призна Косово, направи договор за амнестија на хашките случаи и спроведе демаркација на границата со Приштина.
Сега, во ситуација кога Заев по секоја цена сака да го демонтира ВМРО-ДПМНЕ и да го уапси целиот врв на партијата, албанските партии ќе му помогнат во тоа ако имаат свој интерес затоа што колку што Груевски во последната деценија работеше и за Албанците толку и беше пречка за понатамошна милитаризација на албанското општество, што не им одговара на голем дел од албанските политички лидери иако дел од нив токму од Груевски барале поддршка и заштита пред кумановските настани.
Енергичната реакција на македонските безбедносни служби во Бродец и во кумановското Диво Насеље, како и бескомпромисната битка со исламскиот радикализам кој, пред сѐ, е опасност за урбаната, напредна и модерна европска и албанска интелигенција во Македонија, покажа дека Груевски е пречка преку која албанските партии не можат да поминат во обидот да ги наметнат своите интереси во кои нема место ниту за Македонците ниту за другите. Затоа, во услови кога дел од албанската политичка агенда во земјата артикулира и радикални каузи во кои не се исклучуваат, дури и јавно се најавуваат, паралелни институции како меѓучекор кон остварувањето на Призренската лига, албанските партии имаат свои причини да му помогнат на Заев да дојде на власт за да се ослаби македонската патриотска енергија на која, како што и самиот кажа, лидерот на СДСМ не припаѓа природно.
Кој ќе признае, двојно ќе одговара
За една работа никој не може да му забележи на струмичкиот градоначалник. Тој уште пред четири години призна дека на СДСМ не му личи да биде патриотска партија. И никој од него и од неговата партија не очекува Заев сега преку ноќ да стане патриот, проблемот настанува во дефинирањето на македонскиот патриотизам. Тој еден ден ќе мора да одговори дали за него вештачкото прекројување на општинските граници на Кичево и на Струга во 2005 година беше патриотизам и дали прифаќањето на сите барања на албанската платформа ќе го смета за граѓански концепт. Или, пак, токму тоа е причината зошто не сака да оди на избори. Место да го чека да се изјасни што е патриотизам, народот со гласање ќе му каже дека ниту неговата желба да го апси Груевски не е доволна за да изврши национално предавство.
(Текст објавен во 233. број на неделникот Република, 17.02.2017)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ахмети: Денко Малески е прифатлив консензуален кандидат за претседател
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји
-
Помирување, со цел промена на името и Уставот на Република Македонија, не е прифатливо