| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува фестивалот на нов британски филм со „Трејнспотинг 2“

На програмата на „Плеј Ју-Кеј“ се и: „Градот Лондон“ - документарен филм за животот на работничката класа во предградијата на Лондон во 1979 година; драмата „Уна“ - емотивна приказна за млада жена што почнува романтично патување во потрага по своето минато; играниот документарен филм „Признание“ - за ширењето на џихадот во современиот свет и реакцијата на Западот

Во организација на Британскиот совет и Младинскиот културен центар, од денеска до 19 февруари ќе се одржува Фестивалот на нов британски филм „Плеј Ју-Кеј“ на кој премиерно ќе бидат прикажани десет играни и документарни филмови од современата британска продукција.

Фестивалот ќе биде отворен со продолжението на култниот филм „Т2 Трејнспотинг“ (Trainspotting) во кино „Милениум“, а во наредните денови проекциите ќе бидат во киното „Фросина“.

На програмата на „Плеј Ју-Кеј“ се и: „Градот Лондон“ – документарец за животот на работничката класа во предградијата на Лондон во 1979 година; драмата „Уна“ – емотивна приказна за млада жена што почнува романтично патување во потрага по своето минато; играниот документарен филм „Признание“ – за ширењето на џихадот во современиот свет и реакцијата на Западот.

Фестивалот го донесува и филмот „Слободна стрелба“ – за банди во Бостон во 70-тите години;  драматичната комедија „Патувањето“ – инспирирана од точката на пресврт во британската и ирската историја; ремек-делото „Белешки за слепилото“ – филм што го истражува внатрешниот свет на слепилото и прикажува „свет над видот“ вклучувајќи ги и соништата, сеќавањето и имагинарниот живот.

На Фестивалот ќе бидат прикажани и комедијата „Вештините во животот на возрасните“ – приказна за самодовербата и гордоста; „Човекот од Mo’Wax“ – документарен филм за животот и кариерата на музичкиот продуцент Џејмс Лавел,  и „Најдоброто од нив“ – филм што раскажува за патот на млада жена во хаосот на војната во Лондон во 1940 година.

Покрај во Скопје, фестивалот ќе се одржува уште во пет градови во регионот – Белград, Подгорица, Призрен, Сараево и Тирана.

– Филмовите што ќе се прикажат за време на четирите дена во шест градови од регионот во рамките на фестивалот „Плеј Ју-Кеј“ ја слават човековата издржливост и способноста за изнаоѓање вистински одговори и решенија во тешки времиња, соопштија организаторите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top