Поедноставување на документите за субвенции, нивна доследна евалуација и навремена исплата, бара Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.
Здружението смета и дека на саемските манифестации во странство, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), освен што ја презентира државата генерално, треба да организира и поединечни, директни претставувања на домашните тур-оператори.
– Досегашната политика за поддршка на туризмот дава резултати од аспект на растот на вкупниот број туристи, посебно на странските, но треба да се работи уште многу во секторот, зашто голем е просторот за унапредување и развој – истакна Даниела Михајловска Василевска од Комората денеска на прес-конференција.
Според Асим Меџедовиќ од Здружението, за поголема и поактивна промоција на Македонија, при учеството на светските саеми за туризам на нашите штандови треба да бидат вклучени и авто-камповите со дизајн и материјали, а ХОТАМ и Здружението да бидат застапени со најмалку една третина од закупениот простор.
– Авто-камповите се голем потенцијал за развој на туризмот, но ние воопшто не ги промовираме. На саемите за нив нема никакви информации, маркетингот е слаб – истакна Меџедовиќ.
Најатрактивни за туристите се уште се Скопје, Охрид и Струга иако земјава, додаде, може да понуди многу и во транзитниот туризам.
– Одамна зборуваме дека акцент треба да се стави и на зимскиот туризам, но за тоа мора да имаме инфраструктура: патишта, хотели, скилифти кои работат. Голем неискористен потенцијал се и планинарските домови кои може да бидат фактор за развој на туризмот преку целата година. Но, прво треба да се мапираат, реновираат и да се направи прстап до нив – посочи Меџедовиќ.
Здружението иницира потпишување меморандум за соработка со АППТ преку кој, напомена Меџедовиќ, ќе се дефинираат условите и активностите за поддршка со цел зголемување на девизниот ефект и поголемо учество на туризмот и угостителството во домашната економија.
Статистиката покажува дека Македонија ја заокружи 2016 година со околу пет отсто раст на туризмот. Над 70 отсто од туристите престојуваат во хотелите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Милошоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги субвенционира тур-операторите кои носат странски туристи
-
Холандски туроператори заинтересирани за изградба на туристичка населба во Пехчево
-
Македонците не се откажуваат од уплатените одмори во Турција
-
Македонија презентирана пред најголемите туристички оператори во Јапонија