| четврток, 6 декември 2018 |

МЗТ Скопје се навикна на трофеи пред празни трибини

МЗТ Скопје ја одбрани шампионската титула во домашното првенство на Македонија, со максимални 4-0 во финалната серија против Кожув, а за жал вечерва пак имаше нереди на трибините. Најпрво мораше да се испразнат трибините во салата „26 април“ во Гевгелија за да продолжи четвртиот натпревар меѓу финалистите, а потоа МЗТ ја заврши работата и победи со 93-89. Тимот од скопската населба Аеродром се закити со втората титула во низа, но „металците“ како да се навикнаа да го освојуваат пехарот во празна сала. Така беше и лани во решавачкиот дуел против Фени кога им беше доделен првиот трофеј пред празни трибини.

Кожув имаше многу повеќе од играта во текот на првите три четвртини. Избраниците на Марјан Србиновски игра многу помотивирано, отколку на претходниот дуел во Скопје кога дадоа само 44 поени. На моменти предноста на Кожув изнесуваше и десет поени, но гостите се искусна екипа,  најдоа сили да се вратат во игра и во последниот период се приближија на 66-64. Токму тогаш дојде до инциденти на трибините, по што официјалните лица без премногу дилеми решија мечот да биде доигран без присуство на навивачи.
За празнење на трибините беа потребни повеќе од 60 минути, а кога мечот продолжи Кожув повторно делуваше во својот ритам, чекорејќи кон првата победа во финалето од плејофот. Сепак, во последните три минути работите во свои раце ги презеде Борис Бакиќ, кој погоди четири тројки во низа и му овозможи на МЗТ да направи пресврт. Домаќините во самиот финиш се обидоа со чести прекршоци да се вратат во водство, но шампионите беа прецизни од линијата за слободни фрлања и не дозволија пораз во овој плејоф.
Кожув гхо играше првото финале во историјата на клубот, но немаше сили да му се спротивстави на шампионот МЗТ Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top