| четврток, 6 декември 2018 |

Еден тон капачиња им донесоа еден тон среќа на четири семејства

„Едно капаче - една надеж“: 50.000 капачиња претставува огромен број, но не и број што не може да се собере, а досега сме подариле четири инвалидски колички, што кажува дека оваа мисија не е невозможна

Кога би се отстраниле 50 илјади пластични капачиња од депониите, тоа само по себе би било огромна придобивка и чекор напред кон зачувување на животната средина. Но, тие капачиња сега имаат уште една конкретна намена, видлив и опиплив успех, помош добредојдена за тие што имаат потреба.

Главната цел на хуманитарно-еколошката акција „Едно капаче – една надеж“ е да се соберат што е можно повеќе пластични капачиња.

Капачињата се испраќаат во Турција, каде што се рециклираат, а за количина од 250 килограми се добива една инвалидска количка. Таа се донира на семејство што има потреба, а нема финансиска можност самостојно да си ја обезбеди.

Проектот „Едно капаче – една надеж“ е почнат во 2013 година од Македонска медицинска студентска асоцијација (ММСА), преку тогашниот национален офицер за човекови права и мир.

Идејниот проект е земен од „Грин клаб“, турска организација со која е склучен договор за соработка.

Иако почетоците на проектот биле тешки, акцијата зазема сѐ поголем замав низ земјава, особено низ основните и низ средните училишта, вели Онур Дика, студент по општа медицина на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и еден од координаторите во ММСА.

onur

За една количка се потребни 250 килограми пластични капачиња, колкав број капачиња се тоа?

Дика: Со 250 килограми капачиња може да се купи една инвалидска количка. Иако 250 килограми изгледа нормален број, кога 250 килограми ќе ги сведеме на број капачиња, тоа е околу 50.000 капачиња, што претставува огромен број. Но, не е број што не може да се собере. Досега сме подариле четири инвалидски колички, што кажува дека оваа мисија не е невозможна.

Колку долго трае акцијата и каков е одѕивот досега?

Дика: Акцијата почна во 2013 година и ќе трае сѐ додека има потреба. На почетокот беше тешко да се пробие проектот. Но, последнава година се забележува значителен пораст на интересот и бележиме многу нови претпријатија што се вклучуваат во проектот. Особено голем интерес покажуваат основните и средните училишта во целата земја.

Сте обезбедиле ли инвалидска количка досега?

Дика: Досега израдувавме четири семејства. Со оглед на тоа дека секој ден расте бројот на учесници, веруваме дека за кратко време ќе имаме можност да израдувавме повеќе семејства.

Koму ги подарувате помагалата?

Дика: Помагалата ги даруваме на луѓе што имаат потреба од нив, но не се во можност да си купат. Инвалидската количка ја добива тој што прв ќе се пријави кај нас.

Колкава е заинтересираноста за акцијата? Како може да се помогне?

Дика: Како што спомнав, заинтересираноста се зголемува секој ден. Зголемувањето на бројот на пунктови ни помага многу, за полесно собирање, така што се намалува бројот на места за собирање, а се зголемува количината на собраните капачиња. Најголема помош би ни била логистичката поддршка. Поради тоа што ние сме младинска организација од Медицинскиот факултет, односно Македонска медицинска студентска асоцијација, не секогаш сме во можност да одиме и да ги собираме капачињата од пунктовите. Сепак, студираме медицина и сме зафатени со предавања, практика и испити.

Kако пластичните капачиња спасуваат животи во Шпанија?

2013 4ª

Шпанија е една од водечките европски земји каде што свеста на луѓето од придобивките од рециклирањето е подигната на многу високо ниво. Шпанците не само што го сортираат своето ѓубре и рециклираат стакло, пластика и хартија, туку одат чекор натаму собирајќи го искористеното масло за јадење, кое подоцна се рафинира и се употребува во индустријата.

Во Шпанија од 2011 година, исто така, постои слична акција како „Едно капаче – една надеж“.

Сѐ почнало со Ајтана Гарсија, девојче родено со комплексна срцева мана. Третманот бил скап, а лекувањето требало да продолжи во САД. Родителите на девојчето побарале помош преку  медиумите, a помошта пристигнала од една фабрика за рециклирање, која понудила да го плати потребниот износ во замена за 200 тона тврда пластика.

Луѓето почнале да собираат капачиња насекаде. Во маркетите, спортските клубови и во административните канцеларии – кутии за капачиња имало насекаде. Потребната количина на капачиња била собрана за неколку месеци.

По ова, во Шпанија се формираше  проект во договор со компаниите за рециклирање. Парите од рециклирањето капачиња и ден-денес спасуваат човечки животи.

Зошто само капачиња, а не цело шише? Кој е почетокот на оваа идеја?

Дика: Шишињата и капачињата не се изработуваат од иста пластика и токму видот на пластиката од која се изработуваат капачињата ги прави посебни. Таа е поскапа и поважна за рециклирање. Затоа 250 килограми капачиња имаат иста вредност со една инвалидска количка. Идејата ја иницира еколошката организација „Грин клаб“ од Турција, која става акцент на рециклирањето како мерка за запазување на природата.

Во колку земји е раширена оваа акција? 

Дика: Моментално, Турција и Словенија се водечки земји на оваа акција. Но, според последните информации, акцијата е почната и во другите балкански земји. Во големите европски земји не постои ваква акција од хуманитарен карактер, но, сепак, подигната е свеста за рециклирање со тоа што отпадот се сортира во различни вреќи или контејнери.

edno kapace 2

АПЕЛ:

ММСА има потреба од помош од фирмите, но и од волонтери кои со минимална посветеност би помогнале многу:

  1. Имаме потреба од фирми, претпријатија, продавници, училишта, ресторани…. кои ќе се вклучат во акцијата како локации каде што луѓето би можеле да доставуваат капачиња.

Сѐ што треба да направите е да поставите соодветна кутија и да ни испратите известување на која локација има нов пункт за да можат луѓето да доставуваат капачиња.

Откако ќе соберете одредена количина капачиња што сакате да ги предадете, ќе треба телефонски да стапите во контакт со некој од нас и да се договориме за транспортот.

  1. Имаме потреба од волонтери да се вклучат во тимот.

Добиваме сѐ повеќе капачиња и имаме потреба од луѓе кои би ни помогнале при организација и (по можност) транспорт на капачињата.

Повеќе информации за акцијата и за пунктовите каде може да ги однесете собраните капачиња погледнете на официјалната страница за акцијата на „Фејсбук“.

Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 232. број на неделникот „Република“, 10.02.2017)

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top