| четврток, 6 декември 2018 |

Рорабакер повторно провоцира: Што сакате правете, јас велам да се поделите како Чехословачка или Швајцарија

rorabaker

Граѓаните на Македонија да одлучат дали сакаат да живеат во конфузна држава или да се поделат, вели за Сител американскиот конгресмен Дејна Рорабакер, кој со изјавата за потреба од распарчување на Македонија предизвика реакции кај македонските власти, но и на Стејт Департментот, американските конгресмени и македонската дијспора во САД.

Очигледно Македонија сега не функционира како држава. Секој пат кога ќе добиеме извештај од Македонија, тој покажува дека нема прифатена или почитувани партија или лице со авторитет. Така што, луѓето кои живеат во Македонија треба одлучат дали сакаат да останат во сегашната конфузна ситуација, без консенсус за легитимен авторитет за функционирање на владата, или да го следат примерот на Чехословачка и да се поделат. Тоа го реков и не сугерирам кој и да е однадвор, посебно не јас, дека треба да одлучува во име на луѓето што живеат во Македонија. До нив е да одлучат, јас само го искажав моето мислење, вели Рорабакер во одговор на барањето на Сител за интервју во кое би ги образложил неговите ставови.

Но, Рорабакер никаде не спомнува дека во неговата изјава за албанската телевизија Вижн плус заговара не само разделба на Македонците и Албанците туку и припојување кон соседните земји. Истата реторика ја пренесе и на Твитер како реакција на бројните критики што му се упатуваат.

Чесите и Словаците не можеа заедно, па се поделија. Швајцарците воспоставија самоуправни кантони. Македонци правете како што сакате, пишува конгресменот.

Од бројните критики и барања Рорабакер ставовите да си ги задржи за себе, единствено отскокнуваат ретки твитови како тој на извесен „Република Илирида’’ од Струга во кој се вели: ,,25 години тие не се способни да се договорат со нас и мислат дека имаат ексклузивни права“.

Во меѓувреме, поддршка за Македонија упати и конгресменот Дејв Трот, копретседавач на бипартиската конгресна комисија за Македонија и Македонците во САД.

Македонија е клучен партнер во унапредување на напорите на американската национална безбедност низ светот. Уште повеќе, македонската дијаспора во САД беше и е клучен дел на нашата заедница со своето учество во различноста и унапредувањето на целата наша нација. Суверена и силна Македонија и македонскиот народ придонесуваат за придобивките од нашиот заеднички интерес, и ние мора да го поддржиме, а не да го поткопуваме нашиот важен сојузник, напиша Трот.

Кон барањето јавна осуда оставка и разрешување, денеска се придружија и бројни организации на македонската дијаспора.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top