| четврток, 6 декември 2018 |

Нови 15 дела поддржани за превод од странски издавачи

ggggg-640x294

Уште 15 дела од македонски автори ќе бидат преведени и објавени од странски издавачи преку конкурсот на Министерството за култура за финасирање преводи. Нив ги избра комисија во состав Нове Цветаноски, проф. д-р Виолета Димова и м-р Енвер Беќири, а резулатите денеска на прес-конференција ги соопшти министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

На српски јазик ќе бидат преведени книгите: „Азбука на непослушните“ на Венко Андоновски, „Инсомнија“ на Димитрие Дурацовски, „Алма Малер“ на Сашо Димовски, „Избор поезија“ на Звонко Танески, „Неверство“ на Дејан Трајковски, „Ако“ на Трајче Кацаров, „Лоша тетка и други раскази“ од Славчо Ковилоски, а истото дело на руски јазик ќе го објави „Кварта“ од Воронеж, Руска федерација. На руски јазик ќе биде обајвен и „Избор поезија“ на Влада Урошевиќ.

Романот „Нишан“ на Блаже Миневски ќе биде објавен на италијански јазик од издавачката куќа „Ластарија едициони“ од Италија, а издавачката куќа „Изида“ од Софија на бугарски јазик ќе го преведе романот „Мемоарите на една млечка“ на овој автор. Издавачката куќа „Персеј“ од Софија на бугарски јазик ќе го објави романот „Недела“ на Ермис Лафазновски.

Романот „Во очекување на Нобеловата награда“ на Душко Родев ќе биде преведен на украински од издавачката куќа „Тврдина“ од Луцк од Укарина. Книжевни клуб од Брчко, БиХ на хрватски јазик ќе го објави романот „Бојата на времето“ од Стојмир Симјановски, а „Твоите=мои очи“, вториот роман од трилогијата романи посветени на Скопје од Христо Петрески ќе биде објавен на црногорски јазик од „Ободско слово“ од Црна Гора.

Министерката Канческа-Милевска нагласи дека се работи за стимулативна мерка, која е воведена во Националната стратегија за развој на културата за периодот од 2013-2017 година. Мерката, како што рече, ги надмина нашите очекувања во изминатиот период и овозможи значителен пробив на македонската литература во различни јазични подрачја, во кои претходно нашите автори малку беа застапувани.

– Конкурсот за странските издавачи е несомнено еден од најпродуктивните проекти кои ги спроведовме во контекст на промоција и афирмација на македонската култура во меѓународни рамки. Не помалку важно е што Конкурсот силно ја трасираше промоцијата на творештвото не само на етаблираните туку и на младите македонски автори, кои на овој начин добија можност првпат да се презентираат надвор од нашата држава, на значајни европски и светски книжевни пазари, потенцираше министерката за култура која додаде дека оваа мерка ќе се спроведува и годинава, а според неа треба да продолжи и во наредниот период.

Таа направи пресек на досега поддржаните проекти во рамки на оваа мерка. Од почетокот на 2014 година Министерството за култура, вклучително со денешните наслови обезбедило поддршка за превод на 114 дела на 60 македонски автори. Делата се преведени на 21 старнски јазик. За реализација на оваа мерка, Министерството за култура од својот буџет обезбедило околу 200.000 евра.

Претседателот на Комисијата Нове Цветаноски информира дека овој Конкурс е најкапиталниот проект за меѓународна афирмација на македонската литература.

– Ова е Конкурс во кој малку се вложува, а многу се добива. Објавени се квалитетни дела од македонските автори. Со овој Конкурс на светот му е покажано и докажано дека во Македонија има квалитетни автори и квалитетни дела, рече Цветаноски.

Според академик Влада Урошевиќ, ова се можеби најзначајните пробиви на македонската култура во странство и што на странските издавачи им се остава самите да ги одберат делата за кои се заинтересирани.

– Ова е единствен пат од кој остануваат долговечни траги. Овие книги остануваат во библиотеки, тие се несомнен факт со кој сите мора да сметаат, рече Урошевиќ. Изрази надеж дека овие дела ќе го најдат својот пат до странскиот читател.

За придобивките на овој проект на Министерството за култура зборуваа и писателите Ермис Лафазановски, Блаже Миневски, Дејан Трјковски, Трајче Кацаров и Владимир Плавевски. Тие изразија задоволство и нагласија дека се остварува нивниот сон, односно она што го пишуваат или нивниот глас да се слушне преку границите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top