Илија Несторовски, македонскиот репрезетантивец и член на Палермо се поврзува со трансфер во неколку италијански калчолигаши. Наполи, Рома, Сасуоло се само дел од клубовите кои се заинтересирани за него, но тој вели дека засега е фокусиран само на Палермо и дека не размислува што понатаму.
Тимот од Сицилија грчевито се бори за опстанок и до крајот на сезоната ќе има тешка работа. Токму наредниот меч против Кротоне може да биде пресвртница, но сепак, Несторовски и пријателите ќе мора да се покажат во вистинско светло и конечно да победат.
– Неделава работиме доста добро, фокусирани сме само на Кротоне. Се надевам дека ќе победиме и ќе ја оствариме посакуваната цел. Што во иднина? Не би можел да кажам ништо, затоа што засега сум фокусиран само на Палермо. Се чувствувам добро овде, сакам да му помогнам на клубот да опстане – вели Несторовски за „Скај“.
Македонецот оваа сезона во Серија А има постигнато осум гола. Во дуелот со Кротоне влегува во добра форма, затоа што во претходното коло постигна гол против Наполи и на својот тим му донесе посакуван позитивен резултат на тешкото гостување (1-1).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.