Со натчовечки напори и во исклучително тешки услови за работа, по нецели две години, пробиен е и вториот километар од тунелите под Пресека, што е дел од автопатот Кичево – Охрид, а чија вкупна должина изнесува нешто над 4.000 метри, пишува „Нова Македонија“
Вработените од „Синохидро“, главен изведувач на работите, со континуирана непрекината 24-часовна работа, успееја да ја преполоват должината од двете тунелски цевки.
– И покрај студеното време и исклучително тешките услови за работа во утробата на планината и неблагородниот терен за ископ, сепак за нецели две години нашата компанија го проби и вториот километар од тунелите под Пресека, поточно моментално пробиената должина изнесува 2.012 метри. Наидовме на исклучително тежок терен за работа од страната на Кичево, кај селото Попоец, каде што утробата на планината претежно ја сочинуваат графитни шкрилци, на кои најпрво треба да се интервенира со шприцање бетон, за да се зацврсти подлогата, за потоа да се става арматурна мрежа и да продолжат преостанатите фази. Бидејќи теренот е многу тежок за работа, дневниот напредок на тунелите е релативно мал и се движи од 60 сантиметри до најмногу 3 метри во текот на 24 часа – велат од кинеската компанија „Синохидро“, главниот изведувач на работите на автопатот Кичево – Охрид и единствен изведувач на работите на тунелите под Пресека.
– Во моментов бројот на работници ангажирани во пробивањето на тунелите изнесува над 100 и како што одминува работата така се зголемува нивниот број, а во текот на летото нивниот број значително ќе порасне. Се работи во три смени и, покрај ископ на материјал во пробивањето на тунелите, се работи и на нивно бетонирање, како и на секундарната фаза, каде што досега се завршени помеѓу 250 и 300 метри. Бидејќи времето е многу студено, големо внимание му посветуваме на квалитетот на бетонот што мора да биде оптимален, ако сакаме тунелските цевки да ги задоволат сите пропишани стандарди што ги бара инвеститорот – додаваат од кинеската компанија.
Оттаму посочуваат дека во секундарната фаза се поставува облога од геотекстил и ПВЦ-фолија, како заштита од водите што се слеваат во утробата на планината и на крај се става облога од фиксен бетон со финалните димензии пропишани за тунелите. Инаку, технологијата што се спроведува во изградбата на тунелските цевки е австриска и е потврдена како најдобра, бидејќи сите тунели изградени во последните децении на Стариот континент, па и пошироко, се базираат врз истиот принцип на градба. Покрај кинеските работници, кои директно се вклучени во ископот на тунелите, во оперативата на „Синохидро“ се вклучени и голем број домашни компании, како и работници од локалниот регион, кои на овој начин барем привремено го решиле егзистенцијалниот проблем, а се ангажирани како возачи на камиони, машинисти, работници во базата за бетон, каде што се врши континуирана проверка на квалитетот на бетонот, обезбедување на објектите и на многу други работни места.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.