На огласните табли на средните училишта денеска беа истакнати распоредите по кои предмети ќе бидат тестирани учениците од завршните години кои в понеделник ќе полагаат екстерно. Директорите на училиштата велат дека списоците навремено стигнале од Државниот испитен центар, учениците се спремни, еден месец откако се објавени прашањата се подготвувале за што имале и помош од професорите. За екстерната проверка матурантите ќе бидат распределени во три термини.
Со процесот на екстерно ќе бидат опфатени 18.600 матуранти, кои ќе бидат тестирани по два предмета, а три дена пред полагањето секој ученик ќе биде известен по кој предмет ќе биде проверуван. Екстерното како што информираа од Државниот испитен центар ќе се спроведува до 3 февруари. Прелиминарните резултати ќе бидат објавени на 7 февруари, по што незадоволните учениците од оценката ќе имаат рок од три дена да поднесат приговор.
Инаку половина милион прашања предвидени за екстерното тестирање достапни за учениците на страната на министерството за образование и државниот испитен центар беа уште пред еден месец. Прашањата за сите струки достапни се на македонски, албански и турски јазик. За годинашното тестирање внесени се 20 проценти нови прашања, откако биле избришани оние за кои лани имало приговори кои беа прифатени. Учениците пак, од четврто одделение до трета година средно екстерно ќе полагаат на крајот од второто полугодие.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.