Светски познатиот мјузикл „Мама миа“ чија авторка е Кетрин Џонс ќе се постави на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ). Режисер на мјузиклот ќе биде Наташа Поплавска, која го режираше првиот лиценциран мјузикл во Македонија исто така во МНТ, „Чикаго“, една од најуспешните и најгледани претстави во националниот театар.
Мјузиклот го најави Дејан Пројковски, директорот на МНТ во интервју за неделникот „Република“ кое беше објавено во почетокот на годината. Денеска Министерството за култура на својата веб-страница ги објави проектите кои добија поддршка од Министерството за 2017 година. Меѓу нив, во делот драмска дејност е и „Мама миа“.
Мјузиклот “Мама миа” е еден од најпознатите во џубокс-мјузикл жанрот, на кој сите сонгови се најголемите хитови на шведската група „Абба”. Од светската премиера во Лондон која се одржа во 1999 година , овој мјузикл досега е изведуван во 40 земји, го погледнале 50 милиони луѓе, а доживеа и успешна екранизација. На светските театарски сцени мјузиклот кој трае три часа, се изведува во најмалку седум различни продукции.
Лани македонските гледачи имаа можност да ја видат изведбата на белградскиот театар „Позориште на Теразијама” која со „Мама миа“ гостуваше во МНТ.
Освен Поплавска, во МНТ ќе режираат повторно и Македонецот Иван Поповски, кој ја постави одличната „Мајсторот и Маргарита“, потоа Александар Морфов, како и светски познатите имиња Атила Видњански и Паоло Маѓели. Освен нив, во МНТ ќе режираат и Бојан Трифновски и Ненад Витанов.
Бугаринот Галин Стоев, кој минатата година имаше премиера во националниот театар режирајќи ја „Тартиф“ на Молиер, оваа година ќе работи во Драмски („Неподносливо долги прегратки“), а во Драмски ќе работат и Синиша Ефтимов, Лука Кортина, Оливер Фрљиќ и Иван Манасковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Београдско драмско позориште со „Зојкин стан“ гостува во МНТ
-
Београдско драмско позориште гостува во МНТ со „Зојкиниот стан“
-
МНТ се приклучи во хуманитарната акција за Сара: Сретствата од билетите од „Силјан Штркот шанца“ ќе се донираат
-
МНТ со „Кец на десетка“ гостува на фестивалот „Ин Виница веритас“