| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски за косовски „Експрес“: Мојот став за Албанците и улогата на Сорос во Македонија

Еден месец по изборите во Македонија сѐ уште не е постигнат договор за формирање влада. Најголемата партија во земјата, ВМРО-ДПМНЕ, победи и на овие избори. Лидерот на партијата Никола Груевски на 9 јануари го доби мандатот од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да почне преговори со другите партии за да формира влада. За да најде партнер, има на располагање уште 12 дена. Според досегашната практика за формирање влада се докажало дека се склучува коалиција меѓу најголемата македонска и најголемата албанска партија. Во овој случај, ВМРО-ДПМНЕ и Демократската унија за интеграција, предводена од Али Ахмети. Преговорите меѓу двајцата лидери се во тек, стои во воведот на големото интервју за порталот на угледниот и влијателен Берат Буџала, во кое, освен за македонско-албанските односи, Груевски зборува и за СОРОС.

Ова е интервју на најмоќниот политички лидер во Македонија, Никола Груевски, дадено за албански медиум, пишува Леонард Керкуќи, уредник на „Газета експрес“ и еден од најугледните косовски новинари, во најавата на големото интервју на Груевски за најчитаниот електронски медиум на албански јазик на Балканот.

 

Експрес: Во последните две години бевте напаѓани од сите страни, но освоивте доволно гласови како и на последните избори. Го очекувавте ли овој резултат?

Груевски: Иако по години сум во една средна возраст, јас сум на политичката сцена доволно долг период за мнозинството граѓани добро да ме запознаат. Како и секој човек, сум имал грешки, пропусти и слабости, но откако излегов од банкарството и брокерството и влегов во политиката во овие 20тина години луѓето имаа многу време, ситуации и шанси да ме запознаат кој сум, со сите мои предности и слабости. Знаат за многу нешта кои се сменија во Македонија, се подобрија, се придвижија, се унапредија, и кога бев министер за трговија, и кога бев министер за финансии и претседател на комисијата за хартии од вредност, и кога отидов  4 години во опозиција и во Парламентот, а истовремено и како советник на друга влада, ангажиран во проект на УСАИД, и можеби најмногу како премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ. И кога на човек кој толку многу направил за земјата, кој дал толку многу лична жртва работејќи по 15 часа дневно 20 години без престан, жртвувајќи си ги најубавите години во животот, а знаејќи дека со помала работа можел многу поквалитетно да живее, кој 20 години секојдневно се докажувал како да е на ден пред избори, и чии слабости и предности сите ги виделе и анализирале, со ваква операција како оваа во Македонија, многу малку можете да му наштетите, и многу привремено.

Имам премногу минат труд во оваа држава, премногу сработено за овој народ, за да некој моќни центри, така лесно, со таква валкана игра можат да ме прикажат пред луѓето она што не сум. А тоа беше целта на операцијата, да бидам прикажан како лош човек, нечесен, корумпиран, предавник, нечовек, за кој треба народот како што кажа Заев за три дена да го смени мислењето и да го осуди отфрли.

Не сакам да анализирам дали мене ме потценија или не, не знам, но знам дека го потценија народот, или барем мнозинството од народот. По почетната збунетост и љубопитност за креираните материјали, мнозинството од народот многу брзо сфати дека ова е злонамерна операција креирана со цел јас и мојата партија да бидеме политички елиминирани, заради остварување на некои поголеми цели, на нечесен начин, на штета на народот, на штета на државата. Јас и мојата партија очигледно бевме пречката на нечии планови, и мислам дека се уште сме. Затоа што во преден план ги стававме интересите на овој народ кој живее во Македонија, и на самата земја, а не нечии туѓи интереси. Мислам дека имајќи во предвид дека сме мала земја, земја во развој, и создадена пред 25 години, некои надворешни сили и центри биле навикнати од други политичари тука, дека се подготвени да им бидат на услуга на нив, дури и кога е на штета на оние кои те одбрале и имаат некаква  надеж во тебе дека ќе се бориш за заедничкиот интерес и ќе им го подобриш животот, и решиш многу проблеми.

Јас немам проблем како човек кој има доверено доверба да правам компромиси во меѓународната политика и не сум паднат од Марс да не знам дека секој политичар на мое место во сите држави, прави одредени компромиси, но има прашања, за кои правењето компромис е сериозно оштетување на интересите на својата земја и народ. И тука мораш да издржиш, или оди си. Јас со мојата политика и идеологија, очигледно бев и се уште сум трн во окото на многумина кои имаат други планови со Македонија, а кои мнозинството граѓани не ги прифаќа.

Со ова Ви одговорив во еден дел и за причините, но и за резултатот од оваа операција која се случи во Македонија. Резултатот во број на граѓани кои ја дават поддршката за партијата која ја водам, е речиси никаков. Споредено со рекордниот број гласови  кои партијата го доби во 2014та сега, со два коалициони партнери помалку кои реално однесоа 20 тина илјади гласови, сме со безмалку идентична поддршка како и во 2014тата. Прво, овие освоени гласови во 2016тата покажаа дека во 2014тата сме имале кристално чиста победа без никакви нерегуларности. Второ, после се она што се случи, после сите напори, потрошени пари, платени протестанти, напори на странски влади, дивеење по улиците низ земјата, политичка криза со сериозен притисок врз економијата, после истурени милиони евра во медиуми кои ме оцрнуваа, до бескрај, без ни малку балансираност во нивните емитувања…Дали го очекував овој резултат. Да, очекував победа, верував во народот, за кој и се борев во овој период. Ако нешто ми беше најслилен мотив во таа борба, беше довербата и поддршката која ја чувствував од мнозинството народ. Жалам што кај дел од народот, кај малцинството народ, им успеа, барем засега таа пропаганда, а особено помеѓу Албанците во Македонија, но тоа е друга тема…

Експрес: Вие го добивте мандатот за формирање влада од претседателот Ѓорге Иванов, а сега имате 20 дена на располагање. Дали почнавте преговори со политичките партии за формирање влада?

Груевски: Разговорите околу составување влада започнаа деновиве. Минатата недела и ние, а видов и некои други партии со оглед на сложеноста на ситуацијата, повеќе бевме фокусирани на внатре партиските дискусии, анализи, дебати и процедури.

Експрес: Кои се Вашите фаворити за коалиција?

Груевски: Јас водам партија која е во коалиција со уште 25 помали партии во Македонија, мултиетничка континуирана и предизборна коалиција, и тоа е така многу долго време. Тоа не би се одржало ако ние сме нефер,некоректни, ако се однесуваме измамнички кон нив, или ако ги користиме само во изборниот период, а потоа ги забораваме. Напротив, многу од нив во минатото имаат искуство и со нашиот опонент СДСМ, и велат дека разликата е огромна. Дека со нив се што ќе побарале лесно им ветувале, но многу малку од тоа исполнувале, некогаш и воопшто. Со нас е спротивно. Многу долго и напорно преговараме со секого, многу тешко даваме ветување, но потоа исполнувањето не е веќе грижа на партнерот, туку наша. Фер и коректен однос со секого. Тоа е нашиот коалициски капитал, кој не дозволи ниту кога бевме во најтешки денови да ни ја растурат коалицијата, иако имаше многу обиди. Со исклучок на две партии кои одамна ги имавме квалификувано како лабилни, нестабилни, поведливи кога ќе ги викне некој амбасадор и ќе ги индоктринира, од другите партии пораките беа, дека стојат цврсто зад нас дури и ако одиме во опозиција. Тоа е однос кој со нешто сигурно сме го заслужиле. Со работа, со држење до дадениот збор, со коректен однос, со вредности кои секој ги почитува, со принципи, со фер однос и во доброи во лошо. Дополнително, како што излегоа овие две помали партии, нови 4-5 влегоа во коалицијата.

Сега, по изборите следува пост изборното коалицирање, кое секогаш е помеѓу македонска и албанска партија. Тој однос кој сме го имале кон овие околу 25 партии во нашата предизборна коалиција, сме го имале и кон албанските партии, и кога сме коалицирале со ДПА и кога сме биле во коалиција со ДУИ. И не знам колку тие имаат храброст тоа да го признаат јавно, имајќи ја во предвид хајката што неколку години албанските медиуми финансирани од СОРОС ја правеа кон нас, оцрнувајќи не како ,,црни ѓаволи,, меѓу Албанците во Македонија,  но знам дека во многу приватни разговори, многумина од нив, од нивните функционери тоа го признале, и се ова што ви го кажав тие самите ми го кажале.

На инсистирање на некои албански партии во Македонија во изминатата деценија, се воспостави некоја пракса, пост изборна коалиција пред формирање на владејачко мнозинство во парламентот да има меѓу победникот на национално ниво во Македонија, и победникот помеѓу албанските политички партии. Ние практикувавме постизборна коалиција со албанска партија и кога ни беше потребна за мнозинство во парламентот, и кога не ни беше потребна, односно кога самите ние имавме мнозинство за да изгласаме влада. Тоа беше од причина што сметавме дека Албанците во Македонија се во значаен број, и треба да бидат застапени во власта преку партија на која и дале доверба. Не затоа што ние не се грижиме за нив, не затоа што без таа партија ние не би направиле се што е во наша моќ да им помогнеме на Албанците да имаат подобар живот, туку заради можната перцепција дека ако нема партија на која тие и веруваат, дека можеби не ги почитуваме или  ќе направиме нешто лошо за нив.

Оттука, нашиот пристап е да се обидеме да направиме коалиција со ДУИ, доколку има услови за тоа. Овој пат, со оглед дека нема 51 отсто од парламентот, таа коалиција покрај она за кое кажував има и значење за формирање мнозинство во парламентот.

Експрес: Вие ги задржавте гласовите, но тоа не се случи со вашиот досегашен партнер ДУИ. Албанците сметаат дека тој беше оштетен на изборите, затоа што беше ваш коалициски партнер. Дали се покажавте невнимателен кон него?

Груевски: Зошто партијата ДУИ добила помалку гласови може да се одговори по една поширока анализа, која сигурно тие ќе ја направат. Јас немам таква детална анализа, но сепак ќе ви го кажам моето мислење, со сиот ризик дека можеби и грешам. Прво, како и ние и тие подолго се на власт, па колку и да работиш и да се трудиш и да имаш добри резултати, во едно демократско општество долгото владеење има последици кај некои од гласачите. Второ, одредена пропаганда од медиумите и НВО кои ги подржува Сорос, која се водеше кон нас, делумно се насочи и кон нив заради наше слабеење и нивно ставање во ситуација да ги прекршат своите принципи и спротивно на нивното мислење да и тие се свртат кон нас. Тоа се случува и сега. Трето, невелам дека и кај нас немаше такви слабости, но мислам дека кај нив имаше уште поголем простор за подобрување во кадровската политика, за што јас повеќе пати укажував на нашите средби. Некои луѓе со својот однос и работа, недоволно допринесоа, и сигурен сум дека тие можеа да привлечат и понудат поквалитетни кадри на сите нивоа на власта. Иако имаа функционери кои солидно ја работеа својата работа, имаа и многу каде што тоа не можам да го потврдам. И четврто, мислам дека партијата и нивните функционери беше премногу фокусирана на колективните националните прашања, а не доволно на индивидуалните проблеми на граѓаните. Таа слабост практично ја препознавам кај сите партии на Албанците во Македонија. Дури и по 25 години независност трката помеѓу албанските партии е кој повеќе и порадикално постапил или побарал, или условил во однос на знамето, јазикот, и слично, а многу помалку околу тоа колку инвеститори функционерите од таа партија привлекле и колку работни места отвориле за сите граѓани, па ако сакате и за Албанците посебно. Колку со тоа се намалил бројот на невработени, и со тоа во некој регион се извршил притисок за зголемување на платите кај веќе вработените. Колку квалитетни професори привлекле и колку квалитетни студенти излегле од албанските универзитети. Колку квалитетни лекари Албанци излегле, и како да им се помогне да станат уште поквалитетни и да даваат подобра услуга на народот, вклучувајќи ги и Албанците. На колку земјоделци, вклучувајќи и Албанци им се решени конкретни проблеми и исправени неправди од администрацијата итн. Некако меѓу албанските партии во најголем процент се е концентрирано околу националните колективни прашања, а на сметка на човекот и неговите секојдневни проблеми, потреби, предизвици. Не се живее само од висока политика. Во ред е таа, ама народот сака конкретни работи, а нивните партии мислам имаат друг фокус, и тоа очигледно е приоритетни критериум и при кадровската политика. И што се случува подоцна? Кога ќе се јави незадоволство кај граѓаните Албанци за некои нерешени животни проблеми, многумина албански политичари во Македонија вината ја префрлаат на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не го претпоставувам, ова сум го чул од неколкумина од нив во приватен разговор. Не се коригираат, туку си наоѓаат виновник. Ова не е само слабост на ДУИ, туку на сите албански партии.

gruevski (3)

Еве на пример, кога во 2006тата влеговме во владата, ние немавме доволно висококвалитетен кадар како партија, особено по внатрешните превирања и поделби, но мене не ми беше проблем во таа влада да предложам од 11 предлози на ВМРО-ДПМНЕ дури 6 во тоа време не беа наши членови, но работеа многу квалитетно и помогнаа и на Македонија и на индиректно на ВМРО-ДПМНЕ. Некои од нив подоцна на своја иницијатива се вклучија во партијата. Исто така, оценивме дека за некои позиции ни се потребни луѓе со поголемо меѓународно повеќегодишно искуство во мултинационални компании. Што направивме? Поканивме многу наши успешни иселеници да дојдат и да завземат клучни функции. Во еден момент една третина од министрите беа вратени од Америка, Германија, Англија, Белгија, Србија,…најмногу од Америка, и тоа од врвни компании или меѓународни институции. Не баравме од нив да се зачленат во ВМРО, иако дел од нив подоцна сами го побара тоа, но тие донесоа голема политичка корист за ВМРО. Во преден план ни беше квалитетот на личноста, стручноста во областа, искуството, знаењето, спремноста да ја менува Македонија кон подобро во одредена област. И не беше лесно некој да убедиш, да остави се во Америка, се што градел во една деценија или повеќе макотрпно и да дојде да помогне за државата. Но бев упорен, работев на тоа, се посветив…Еден ден верувам дека и албанските партии ќе работат по овие принципи, што ќе биде добро и за нив како партии, и за Албанците во Македонија, и за сите наши граѓани.

Ете, тоа е мојата анализа за која велам дека можеби во некои делови не е најпрецизна, но е мое независно мислење.

 

Експрес: Какви односи имате со Ахмети?

Груевски: Моите релации со Ахмети се главно службени. Како претседатели на две големи партии, ние сме упатени на соработка и дијалог. Во почетокот имаше огромна недоверба, но со време работите дојдоа во некоја нормала. Заедно решивме многу проблеми и направивме многу значајни дела за сите граѓани. Факт е дека во нашиот мандат отворивме речиси 170 илјади нови работни места во Македонија, и бројот на вработени кој беше 560 илјади, сега се наближува кон 730 илјади вработени во земјата, и оваа борба е за секој граѓанин независно на неговата етничка припадност. Заедно ја направивме Македонија 5 земја во Европа и 10 та во светот според добрите услови за правење бизнис, заедно издејствувавме визна лизберализација, законодавството во голема мера го усогласивме со истото во ЕУ. Земјата напредна сериозно во сите области. Независно на широко распространетото мислење, главно креирано од медиумите и НВО на Сорос, ние како две партии сериозно ги унапредивме и правата на помалите етнички заедници во Македонија, и во делот на употребата на јазиците, симболите, образованието, децентрализацијата, правичната застапеност во јавниот сектор и администрацијата, но и многу прашања поврзани со зајакнување на односите со Албанија и Косово, што за Македонските Албанци е посебно значајно. За жал, направивме и еден сериозен превид, а тоа е што дозволивме соросовите медиуми и НВО, сиот наш труд и резултати, особено на меѓуетнички план да го срозат, да го престават во најцрно светло, мене да ме портретираат како непријател на Албанците, а Ахмети како премногу толерантен на тоа. Тоа е невистина, но во политиката, не е важна само вистината туку и перцепцијата. Од тоа треба да извлечеме поука во иднина и да не дозволиме така лесно да се повтори. Јас најодговорно тврдам дека во време на ВМРО-ДПМНЕ се направени убедливо и неспоредливо најмногу придвижувања во однос на прашањата поврзани со унапредување на правата на различните етнички заедници. Но, некој искреира друга перцепција, а ние тоа не го пресретнавме соодветно. Остануваат уште многу предизвици за понатаму, во сите области, вклучувајќи ги европските и евро атлантските интеграции.

 

Експрес: Веќе е познат ставот на ДУИ за идна коалиција со вас: двојазичност во целата земја и продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. Дали би преговарале со  овие услови?

Груевски: Не постои земја во поширокиот регион а веројатно и во Европа, која има создадено повеќе права на помалите етнички заедници од Македонија. Тоа не значи дека треба да запреме, но треба да одиме во нелогични решенија, од кој никој нема да има корист. Во однос на употребата на јазиците ние сметаме дека треба да се почитува охридскиот рамковен договор и уставот, и секоја промена на уставот може да предизвика проблеми. Ние сме поддржувачи на унапредувањето на користењето на јазиците на помалите етнички заедници, и тоа о докажавме со повеќе досега донесени закони, измени на закони и слично кои тоа го унапредија, иако во земјата имаше и многу кои се спротивставуваа на тоа. Ова се многу тешки прашања за политичко менаџирање. Ние како партија во повеќе наврати превземавме ризик да бидеме лошо разбрани од Македонците, или можеби казнети на следните избори заради ваквите чекори. Но тие наши чекори, соросовите медиуми и НВО не само што ги бришеа со нула, туку до максимум ги иритираа Албанците против нас, а нашите чекори ги прикажуваа како нешто многу мало и недоволно. Никогаш не направија споредба со таквите права кои се дадени во другите земји, бидејќи тука ќе останат без коментар ако тоа го направат чесно. Не сакам да бидам погрешно сфатен од никого, но помали етнички заедници има кај нашите соседи и ние сме неспоредливо понапред од нив во тој поглед. Но ова се чувствителни теми, и ќе престанам да правам споредби за да повторно не ми ги извртат изјавите.

Барањето за двојазичност на целата територија е барање кое прво бара промена на уставот, и второ не е реално и коректно барање, од причина што Албанците се концетрирани главно во северозападниот дел на земјата, а во многу општини воопшто нема Албанци, и што тие се 25 отсто, а Македонците 65 отсто. Тоа е реалноста, и законите треба да се прилагодени на реалноста, а не на желби на поединци или на обиди на ова прашање политички да се испоентира. Во сите општина каде Албанците се барем 20 отсто, има двојазичност. Сите граѓани од овие општини можат на албански да се обратат до институциите на централната власт, а таа е должна да им одговори на македонски и албански. Значи, не се бара Албанците да се изедначени или мнозинство во одделните општини, туку се прифаќа и ако се20 осто да ја има двојазичноста. Која е користа за Албанците ако добијат двојазичност во Гевгелија, Делчево, Струмица, Босилово. Штип и многу други градови и општини каде не живее ниту еден Албанец, или живеат многу малку. Меѓу другото, тоа е и огромен трошок, но и нефер третман кон другите помали етнички заедници, како Турците, Власите, Бошњаците, Србите и ромите. И конечно, тоа  има многу други последици директно врз Македонците кои живеат во општините каде нема Албанци, и ние не можеме да им го објасниме тоа. Настрана, што во регионот и во Македонија, има и некои радикални структури, кој овој проект не го гледаат низ призмата на правата на луѓето, туку призма на рекомпонирања на држави и државни граници, и ние мораме да водиме и сметка за тоа. Ние сакаме да го дадеме максимумот кон човековите права, но сакаме и да ја зачуваме унитарноста на државата, и не сакаме да оставаме простор за некои радикални структури, кои колку и во моментот да немаат голема поддршка, тие постојат и се потенцијална опасност.

Во однос на СЈО, би рекол дека ние ги склучивме договор кој во целост го исполнуваме. Некој сака да го промени тој договор. Ние не сакаме  промена, туку сакаме да се исполни договореното. Нашиот партиски став е дека СЈО треба да работи согласно договорот од јуни јули 2015та кои некои луѓе го нарекуваат пржински договор,и во рамките на законот кои заеднички го изгласавме сите партии. Ни пократко, ни подолго. Имаме договор и тој треба да се испочитува, а не да се менува.  Не подржуваме промени на договор за кој еднаш сите сме се согласиле заедно, јавно и со консензус, и со тоа показавме дека сакаме да се истражи се што беше причина за негово формирање, и за таа намена овозможивме целосна логистика на Специјалното јавно обвинителство. Особено што причините кои ни беа дадени, се целосно неаргументирани, и е јасно дека позадината е нечиј интерес кој нема врска со правото и правната држава, туку со политички инспирирани цели за многу покрупни прашања. Продолжувањето на СЈО значи и продолжување на кризата, што можеби некому одговара, но не и на Македонија. Затоа, ова се прашања кои се толку јасни за нас и за мнозинството граѓани во земјата, што цениме дека за нив нема простор за преговори.

Експрес: Дали мислите дека во иднина една од трите главни позиции може да биде водена од Албанец??

Груевски: Тоа зависи повеќе работи, пред се од личниот авторитет, стручност, харизма, капацитет, минато и визија на кандидатот, но и партијата која стои зад него освен ако не е непартиски кандидат, а во некои случаи и од меѓу партиските договори. Уставот и законот немаат ограничувања по етничка или верска основа. Пред седум години еден албански политичар од една во тоа време нова и не многу голема партија се кандидираше за претседател, не успеа, но доби многу гласови, мислам околу 150 илјади гласови во првиот круг. Според анализите кои ги правевме доби повеќе македонски гласови отколку албански. Жал ми е што подоцна откако не успеа на изборите, верувајќи дека на парламентарните избори само така може да ги привлече албанските гласови, навлезе во видлива радикална реторика како на етнички, така и на верски план, внесе многу омраза и негативна енергија. Тогаш, му го свртеа грбот и Македонците и Албанците, и пропадна како политичар. Кога го почна тој пресврт, на самиот почеток,случајно го сретнав, му честитав за претходниот успех кој никој не го имал, и пријателски го советував дека ќе згреши ако продолжи како што веќе беше почнал, со крајно радикална реторика. Тој одлучи поинаку, и се обиде да биде порадикален од најрадикалните албански политичари. Не е главниот проблем што тој си ја уништи политичката кариера, туку што разочарувајќи 80 илјади Македонци кои гласале за него, и веројатно најмалку уште толку кои се колебале и размислувале да го подржат, го затвори патот не само за себе, туку можеби и за некој друг албански политичар, барем во одреден период да ја добие довербата на Македонците. Штета. После ги слушав Македонците како говореа дека го доживуваат како волк во јагнешка кожа и дека не можат да си простат како ги прелажал, а Албанците го земаа за несериозен кандидат, кој од избори на избори се трансформира според потребите и дека кога му требале за да го изгласаат за претседател им се умилкувал на Македонците, а кога му требале повеќе албански гласови на парламентарните избори почнал со радикална реторика да се додворува до Албанците. И вистинска штета е и реалноста, што албанските политичари во Македонија се уште се натпреваруваат и добиваат или губат избори според радикалноста, а не според умереноста и визијата за поквалитетен живот, повисоки плати, пензии, субвенции, инвестиции, работни места, инфраструктура…  Во македонскиот блок радикалноста е одамна ретро. Ние пред овие последни избори, 4 изборни циклуси на парламентарни избори, или вкупно по ред добивме исклучиво со понуда во областа економија, работни места, инвестиции, земјоделие, здравство, образование, култура…Последните избори беа први откако сум јас претседател на партијата да прифатиме еден дел од кампањата да биде на етнички прашања, од причина што тоа ни беше наметнато од нашиот опонент Заев, кој излезе со една понуда кон албанскиот електорат која ги шокира сите кои не се занимаваат многу со политика и кои не го познаваат, и која доколку успееше ќе беше штетна и за Македонците и за Албанците и за сите граѓани на Македонија. Знаејќи дека ги губи изборите, не можејќи да смисли подобра економска понуда и визија за сите граѓани во земјата, почна да нуди работи кои никој не ги ни бараше, како кантонизација на земјата на пример. Не можевме а да не се осврнеме на тие прашања, бидејќи наша должност како политичари е навреме да сигнализираме на опасности од погрешни политички одлуки. И така не навлече, наместо да имаме само економска кампања, какова што веќе ни беше подготвена и испечатена програмата, да имаме пола кампања економска и се што води кон поквалитетен живот и развој, пола со политичко етнички прашања. Од двојазичност во Гевгелија не се живее, но ете, приказната му помина кај 70 тина илјади Албанци. Инаку, ако победеше, а познавајќи ги неговите сериозни слабости, Албанците така брзо ќе беа разочарани од СДСМ, што веројатно во наредните 20 години немаше да му поверуваат ниту најчесниот и најискрен македонски политичар.

gruevski (2)

Експрес: Ве критикуваат дека не сте сториле ништо за подобрувањена животот на Албанците.

Груевски: Албанците, и било кои други помали етнички заедници никогаш не биле дискриминирани во однос на инвестициите. Напротив, многу се инвестираше и се уште се инвестира во тие региони каде тие гравитираат. Но, што може една опозициска партија да прави, освен да критикува на тоа поле, независно за која опозициска партија станува збор. Во Македонија постои традиција, кога некоја албанска партија е во опозиција да критикува дека власта ги дискриминира Албанците во однос на инвестициите, а албанските партии во власта тоа го негираат. Кога, ќе ги сменат улогите, таа што отишла од власт во опозиција почнува да критикува, а таа во власта почнува да го негира тоа. И можеби тоа е донекаде легитимна политичка борба, но има многу граѓани кои не го гледаат така, туку секогаш веруваат на оние кои критикуваат, и тогаш таа легитимна политичка борба станува меѓуетнички проблем. Затоа е и опасно кога партиите на помалите етнички заедници се обидуваат да дојдат на власт играјќи само на етничките емоции на граѓаните. Потоа последиците може да се големи, етничка поларизација, тензии, нетрпеливост, омраза.

Експрес: Вие велите дека Албанците имаат потреба за повеќе фабрики отколку да се пишува на албански јазик во македонски села. Зошто не беа изградени тие фабрики за овие 10 години?

Груевски: Како што кажав такви фабрики во Македонија, веќе се отворија многу. И тоа не дојде случајно. Дојде после макотрпна работа да создадеме добра бизнис клима, 5та најдобра во Европа, 10та најдобра во светот, според ранг листат на светската банка. А бевме на 94то место во светот. Имаме најниска ефективна даночна стапка во светот од 7,4 но и ефикасна даночна управа. Во светот. Најдобар централен регистер во Европа, според светската банка, чие создавање беше кога бев министер за финансии, сменивме илјадници закони за да ја намалиме бирократијата за фирмите и граѓаните, вложивме многу во образованието и здравството и го подигнавме…За се ова имаме уште многу работа, но направивме неверојатен напредок, на кој сите ни честитаат. Значително ја подобривме борбата против корупцијата и криминалот,  и не случајно на листата на Транспареси интернеишнал скокнавме за 40тина места. Бев премногу фокусиран на тоа, и за жал занемарив некои работи во политичкиот дел каде со помош на соросовите пари,неговите медиуми, НВО, а на нивниот воз се качи и опозицијата, направија многу штети, и искривена перцепција, и за мене лично, и за мојата партија, но и за Македонија. Тие ништо не градеа, создаваа, реформираа и слично, само трошеа пари да ме оцрнат. А јас по 15 часа дневно работев понесен од страста да го подобрам животот на сите граѓани. Ако не го правев тоа, веројатно успехот ќе беше помал, и од тој аспект не жалам за вложениот труд.

Но, да се вратам на прашањето, фабриките веќе почнаа масовно да доаѓаат, дури и за време на политичката криза. Како резултат на тоа, невработеноста во земјата опадна од 38,7 отсто на 23, 4 отсто. Огромен пад на невработеноста во тешки улови на светска криза, европска должничка криза па сега политичка криза. Многумина и дома и надвор ме мразат заради тоа, затоа што моите и на мојата партија и влада резултати, се најдоброто огледало за нивните неуспеси. Во Македонија кога дојдов во владата имаше се на се 560 илјади вработени, денес сме блиски до 730 илјади вработени. Тоа не падна од небо. И треба да знаете, дека инвеститорите сами ги избираат локациите и општините. Во ретки случаи можеме да влијаеме, а кога можеме да влијаеме, главно бараме да инвестираат надвор од Скопје, во внатрешноста, каде ќе одлучат тие, за да има рамномерност во вработувањата. Ние во последните 3-4 години веќе имаме по 30 до 35 одлуки на поголеми странски компании за отворање нивни фабрики во Македонија, што и се реализира. Оттука, нови 100 фабрики за наредните 4 години, не само што е реално, туку е и конзервативна проценка. Секако, ако немаме надворешни шокови и ако имаме политички стабилна ситуација. Две години по ред сме земја со најмногу странски инвестиции по глава на жител во светот. Ние станавме земја од која може многу да се научи на тој план, но вложивме многу труд и напори за да дојдеме до тоа. Во моментот имаме повеќе од  10 странски компании кои се блиску до одлука да инвестираат во Македонија, а во контакт сме вработиме со 100тина други. Се разбира нема со сите да успееме, но со дел од нив ќе успееме. Создадовме силни капацитети за оваа работа.

Експрес: Стапката на невработеност на Албанците е значително поголема од стапката на невработеност на Македонците. Дали е тоа поради дискриминација, недостаток на соодветни квалификации, или негативен тренд од минатото?

Груевски: Немам податок дека Албанците во Македонија имаат поголема невработеност од Македонците, но знам дека се уште пониска е образовната структура кај албанското население, што директно е поврзано со вработувањата. Секој работодавач сака работници со повисоко знаење и компетенции, и заради тоа моја голема заложба беше, а во голем дел и со успех, да убедиме и помогнеме на што поголем број граѓани а особено Македонци им овозможиме колку е можно повисоко образование. Средното училиште го направивме како и основното, задолжително и бесплатно. Малку земји во светот го имаат тоа. Отворивме многу нови факултети, универзитети, дисперзирани студии, а на секој наш граѓанин кој ќе биде примен на некој од првите 100 највисоко рангирани универзитети во светот му нудиме покривање на сите трошоци за студирање таму, но со услов и обврска да се врати во Македонија и да живее и работи најмалку 6 години во државниот или во приватниот сектор, по негов избор. И се ова важи за сите граѓани, ние немаме дискриминирачки закони да нешто важи за Македонците, а да не важи за Албанците, или за Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите…

Предуслов за полесно наоѓање работа е образованието, но и неговиот квалитет. Универзитетите во Македонија, особено некои од нив имаат уште многу работа за да го добијат епитетот квалитетни. Од двата поголеми албански универзитети, Штуловиот е поквалитетен, и правев многу напори да помогнеме и државниот универзитет во Тетово да стане како штуловиот. Ми треба поголема поддршка од албанските партии во тие цели, и поголема нивна политичка храброст, затоа што имаме заедничка цел, а тоа е Албанците во Македонија покрај дипломите да можат да се пофалат и со високото знаење, најмалку колку студентите од  највисоко рангираниот македонски универзитет. Ова ,,најмалку,, го велам, затоа што и тој погледнат во европски или светски рамки е далеку од потребното ниво, што се гледа од меѓународните рангирања.

Во албанските региони има уште една карактеристика, а тоа е што се уште постои традиција кај  голем процент на жените муслиманки да не одат на работа. Се разбира тоа е нивна одлука, и јас ја почитувам и не се мешам во таа лична или семејна одлука и традиција, но честопати инвеститорите се одвраќаат да инвестираат во некои региони плашејќи се дали ќе имаат доволно работна сила, и покрај тоа што добиле информација за бројот на невработени кој е голем во некоја општина или регион каде мнозинството се етнички Албанци. Но, таа реалност честопати покажува повисока невработеност но со поголем број пасивни баратели на работа, а не активни, и создава погрешна перцепција, заради високиот број невработени кои не бараат работа. И конечно, откога некој инвеститор ќе одлучи да инвестира во Македонија, и кога треба да донесе одлука во која општина ќе ја гради фабриката, голема улога имаат и градоначалниците, колку се тие умешни но и подготвени да ги дочекаат. На пример, имаме некои градоначалници кои ги следеа нашите апел да изградат индустриска зона со целосна инфраструктура, улици, канализација, водовод, струја и слично. И нормално тие имаат поголеми шанси да привлечат инвеститори. Така направи на пример Виница, Василево, Гевгелија, Прилеп, Битола, Петровец, и повеќе други, и резултатот е што многу брзо успееја да ги продадат локациите, и таму веќе или се изградија или се градат фабрики и други стопански капацитети. Покрај индустриската зона, голема улога игра односот на градоначалникот кон потенцијалниот инвеститор, и волјата да му помогне и да го привлече.

Има и други фактори, но сакам да сумирам и да кажам дека многу често во минатото, личното неработење и неуспех, многу градоначалници и политичари се обидуваа да го препишат на мене и владата. А всушност ние имаме ист пристап кон сите, бидејќи сите граѓани се наши граѓани, и секаде се трудиме да помогнеме. Но, како да помогнеш ако некој не заинтересирано и игнорантски се однесува и паметот му е во други работи?

Во нашиот мандат се изградија огромен број проекти во северозападна Македонија, каде главно се концетрирани Албанците. Од темелни реконструкции и огромно опремување со најсовремени апарати на болници, како онаа во Тетово, во Гостивар, опрема во Струга, сега се гради ургентен центар во Куманово и нова болница во Кичево, преку градба на автопат Кичево Охрид, реконструкција на стариот пат Тетово Гостивар, многу важен за селата, 7 или 8 нови спортски сали во Тетово и не знам колку во другите градови, темелна реконструкција на албанскиот театар во Скопје, градба на театар и библиотека во Тетово, стотици нови или реконструирани локални патишта, темелни реконструкции на регионални патишта, многу нови водоводи и канализациски мрежи, пречистителни станици, огромен објект на универзитетот во Тетово со спортска сала, реконструкција на многу училишта каде целосно или во најголем дел учат деца Албанци, итн, итн. Но што е уште поважно донесовме и крупни мултинационални компании кои изградија фабрики и нудат нови работни места за луѓето во тие региони, како Леар во Тетово која отвора 2500 нови работни места, Ки сејфати системс во Кичево со најмалку 1000 нови работни места во првата фаза, и планирани уште најмалку 600 во втората фаза, германските ОДВ Електрик и Костал, двете во струшко охридскиот регион, каде и двете отвораат по 1000 работни места, повеќе такви во Скопје како белгискиот производител на автобуси Ван Хул со над 800 работни места, Џонсон Мети, Џонсон Контролс и многу други.

Ние не можеме да се делиме по етничка припадност. Живееме во мала држава, и се што се инвестира секому може и му е од корист. Зарем реконструкцијата на автопатот Велес Скопје не е и за Албанците, или градбата на главниот клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје која  ќе почне за некој месец ќе биде само за Македонците.

Експрес: Како вашиот ривал, СДСМ, успеа да ги добие гласовите на Албанците?

Груевски: Со огромна помош на НВО, активистите и медиумите на Сорос.

gruevski (1)

Експрес: Дали верувате во мултиетничка партија?

Груевски: Да, јас верувам во мултиетнички партии, затоа што и мојата е мултиетничка партија. Имаме и членови и гласачи и функционери речиси од сите етнички заедници. Но, засега мултиетничноста е недоволна, мешаноста е мала. Тој е степенот на развој. Тоа постепено ќе се подобрува, особено ќе зајакне по влезот на Македонија во ЕУ и НАТО.

Експрес: Кај Албанците постои убедувањето дека вие сте против членство во НАТО и во Европската унија. Дали може да се добие јасен одговор на овие две прашања?

Груевски: Тоа е погрешна перцепција. Јас и мојата партија сме јасно декларирани и многу работевме во тој правец. Токму мојата партија за две години од 2006тата до 2008мата успеа да ги заврши сите обврски за земјата во 2008та да добие покана за НАТО, заедно со Хрватска и Албанија, а веќе една година подоцна и Европската Комисија констатира дека земјата е подготвена да ги започне преговорите за членство во ЕУ, но и во двата случаи не дојде до тоа, заради блокадите од Грција, а поврзани со нивното барање да го смениме името на државата, името на јазикот, на македонскиот јазик и името на нацијата, на македонската нација. Исклучително тешко прашање. Еве замислете како кај Вас и народот и политичарите ќе реагираат ако треба Вашите политичари да потпишат дека сите вие таму не сте Албанци, и да ви најдат ново име, и тоа од тесен избор од неколку кои ви ги нуди Вашиот сосед, и дека јазикот кој го говорете не е повеќе албански туку различен, плус и името на Вашата држава да се смени. И уште замислете тоа да е во атмосфера во која соседот ви вели дека вие не сте Албанци, и дека лажно се преставувате, и јавно да ве уцени дека додека не си го смените сопствениот идентитет и име, нема да дозволи никаква напредок за вашите амбиции за влез во НАТО и ЕУ. И згора на тоа, ако мнозинството кај Вас се спротивстават на тоа, и бараат низ разговори да се надмине таа ситуација, да Ве обвинат дека и мнозинството народ и политичарите на власт се националисти и шовинисти, а се со цел да се извршат притисок врз политичарите да докажат дека не се тоа, и да потпишат тоа што се бара од нив од надвор. Тоа е многу тешка ситуација која никому не ја посакувам. Луда ситуација. Ем те навредуваат и уценуваат ем си прогласен за крив што не ја прифаќаш уцената за која речиси три четвртини од народот за кој се однесува, во случајот Македонците, се против. Потоа ти доаѓа СОРОС, ги активира неговите политички влијанија и моќ во најмоќните држави, ти отвора70 НВО, ги поткупува голем дел од медиумите и ти дава до знаење дека ако не прифатиш што се бара од тебе, ќе те направи, ќе создаде перцепција дека си и шовинист, и националист, и криминалец, искорумпиран и лош човек и неспособен и се најлошо. Знаете, ако му успее тоа во Македонија, истото ќе го прави и во другите земји и на другите народи, особено помалите и економски посиромашни како нашите, каде со за него мал износ на пари, кои за нас се голем износ, може да постигне многу. Индоктринира огромен дел од младите луѓе преку предавања и разни видови финансирања, прави армија на платени протестирачи и се обидува да руши влади и држави.

Но да се вратам на основното прашање, нашата цел е Македонија да се зачлени во НАТО и ЕУ.

И ние ќе направиме максимални напори овие предизвици за кои зборував да ги надминеме, и да се остварат нашите стратешки приоритети.

Експрес: Зошто Џорџ Сорос е толку важен во Македонија и каков ризик претставува тој?

Груевски: Сорос е бизнисмен, кој, исто така, има своја идеологија поврзана со Институтот „Отворено општество“. Во медиумите се шпекулира дека тој предизвикува брзи промени на државните акции и валути. Надвор од сферата на бизнисот, неговите активностите се доста познати, а има активности поврзани со политиката. Тој е активен во голем број земји, особено во Источна Европа, но и во САД, каде што се обидува да ја воведе својата идеологија. Обично овие идеологии се поврзани со левичарски партии. Нашата партија е централно десничарска, конзервативна, партија и нашата идеологија не се совпаѓа со идеологијата на Сорос. Десет проценти од парите што ги инвестира во Европа се трошат во Македонија. Ако се погледне по глава на жител, може да се каже дека во Македонија троши најмногу пари во Европа. Тој е присутен во Македонија 25 години, но во последниве години е многу поактивен во финансирањето на Институтот Отворено општество, под чијашто капа се повеќе од 70 невладини организации во Македонија, кои се 90 или 100 проценти финансирани од Сорос. Кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ, војската на Сорос, медиумите, невладините организации и граѓанското општество се против нас, за сè. И кога ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција Сорос е против нас, тој е против нас, без разлика дали сме на власт или во опозиција. Без разлика на кој начин, без разлика дали преку  невладини организации, медиуми или Институтот Отворено општество, тие се секогаш против нас во поддршка на социјалдемократите. Понекогаш се прашувам дали е можно по толку многу години работа и труд ВМРО-ДПМНЕ да не направи еден добар чекор, а социјалдемократите да не направат ниту еден погрешен чекор. Најверојатно нешто такво не е можно, но ние имаме ситуација во која овој милијардер има јасна идеја што да се прави во нашата земја. Како што реков, тој има потрошено многу пари, но во последниве години ја зголеми својата дејност во нашата земја.

Експрес: Колку пари проценувате дека троши во Македонија?

Груевски: Гледано од перспективата на Западот, не се работи за многу пари, но во држава како нашата со два милиона жители и пет илјади долари БДП по глава на жител, се многу пари. Шест или седум милиони долари годишно.

Експрес: Дали сте се обиделе да стапите во контакт и да разговарате со него за да ги разјасните работите?

Груевски: Всушност, Сорос го сретнав пред околу шест години во Прага, во рамки на конференцијата за Декадата на Ромите, а Македонија го преземеше претседателството. Тој е еден од донаторите за ромската заедница и се сретна со сите шефови на делегации. Имавме средба 15-20 минути, на која главна тема беа нашите активностите за ромската заедница и за тоа што може да се направи во Европа во иднина. Сосема на крајот од дискусијата тој ме праша за процесот за наоѓање решение за името на Македонија. Укажа дека е добро побрзо да се реши ова прашање и дека Папандреу ќе биде уште кратко премиер и дека потоа со други претставници ќе биде потешко изнаоѓање решение, нешто што го знаевме, но, за жал, за клучните аспекти од проблемот и Папандреу ги држеше истите и добро познати црвени линии на Грција, кои во Македонија се неприфатливи. Кажа и неколку други детали од овој процес, од кои видов дека е добро запознаен и има повеќе информации, но толку траеше нашиот разговор, бидејќи тој имаше одделено по 15 минути за состанок со секоја делегација.

Експрес: Дали мислите дека е присутен во Албанија како и во Македонија?

Груевски: Колку што знам, тој има силно влијание во Албанија. Јас немам ништо против Фатос Нано, имам позитивно мислење за овој човек, но тој дозволи Сорос да влијае врз неговата партија, а јас не би сакал да ја видам мојата партија под влијание на Сорос.

Експрес: Прашањето за Косово. Вашата партија беше таа која ја призна независноста на Косово во 2008 година. Колку беше тешко за вас да се донесе таква одлука?

Груевски: Тешко беше, тоа беше тешко време имајќи предвид дека поголемиот дел од граѓаните во Македонија имаат добри односи со нашиот сосед Србија, исто така, знаејќи дека сме делеле иста држава во минатото, сме имале блиски односи меѓу граѓаните на двете земји. Поради сличностите во јазикот полесно можеме да се разбереме едни со други. Исто така, имаме иста вера, а во тој период имавме добри односи со Србија. Моравме да донесеме решение. Тоа беше тежок чекор и многу опасен од наша страна да го признаеме Косово. Направивме долга и длабока подготовка за ова и конечно донесевме одлука. Србите беа лути, а подоцна тие направија неколку потези со кои ни покажаа дека ни замеруваат. А и ден денес гледаме бес од страна на министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ. Тој беше повеќе од директен велејќи дека Србија направи грешка што ја призна Македонија под нејзиното уставно име, затоа што го признавме Косово и поради нашето гласање за Косово во УНЕСКО. Го цитирам Дачиќ, кој рече: „Ова е голема грешка“. Мислам дека некои политичари во Србија не можат да разберат зашто го направивме овој чекор и зашто решивме да го признаеме Косово, имајќи ги предвид сѐ што споменав претходно, блиски односи, добра соработка, јазик, религија и односи меѓу граѓаните. Ризичен чекор направивме во тоа време.

Експрес: Што мислите за односот меѓу нашите две земји, дали се добри или не. Зошто не сте дошле во посета на Косово, а и обратно, зошто нашите политичари не ја посетуваат вашата земја? Што не е во ред меѓу нашите две земји?

Груевски: Јас бев еднаш во Косово, не се сеќавам дали беше официјална посета, мислам дека не беше. Присуствував на настан во Приштина пред пет или шест години, не сум сигурен кога точно. А Хашим Тачи ме посети неколку пати пред да биде избран за премиер и еднаш откако беше избран за премиер. Со сегашниот премиер, Иса Мустафа, се сретнав на неколку самити каде сме присуствувале.

Експрес: Во која област може да соработуваме подобро? Во која област мислите дека Косово и Македонија можат да имаат подобра соработка?

Груевски: Можеме да имаме многу добра соработка, но главниот проблем лежи во две работи. Една од нив е тоа што некои медиуми им всадуваат на луѓето негативно мислење лично за мене, за мојата партија и за мојата влада. Не постои сериозен аргумент дека јас сум негативно настроен кон Албанците. Ако седнеме и разговараме нормално, ќе видите дека е токму спротивното.

Експрес: Колку Албанци се вработени за време на вашиот мандат?

Груевски: Немам конкретни податоци за тоа колку точно Албанци се вработени. Ние работиме за да им обезбедиме вработување на луѓето, но не знам кој сѐ се вработува, бидејќи вработуваат приватните компании, а ние иако им помагаме и  ги охрабруваме да инвестираат во нашата земја, потоа не влијаеме на критериумите по кои вработуваат. Ние не можеме да им речеме вработете Македонци, а не Албанци, или обратно. Но, се разбира, ако отворат  фабрика во Кичево, Албанците ќе имаат корист, ако се отвори  фабрика во Тетово, поголемиот дел од вработените ќе бидат Албанци. Таквите фабрики се наоѓаат во регионот на Охрид, Струга, Кичево. И во Тетово, исто така, има многу голема фабрика со 2.500 вработени лица. Во Скопје и во многу други градови, а особено во ТИРЗ. Очекуваме инвестиција од една светски позната компанија која многу брзо ќе инвестира во Куманово и ќе вработи најмалку илјада работници. Затоа, во градовите каде што живеат Албанци, ние се обидуваме да се најде работа за секого, бидејќи е невозможно да се избираат луѓето Второ, дури и ако некој сака да вработува само Македонци или Албанци, ова ќе биде проблем за нас, бидејќи, јас сум премиер на сите, и тие луѓе се моите луѓе. Тие доаѓаат од различни етнички и верски заедници, но тие живеат во иста држава со мене и очекуваат нешто од мене. Дали гласале или не гласале за мене, на крајот јас сум премиер на сите. Јас сум должен да им помогне на сите.

Експрес: Во изградба е автопатот „Арбен Џафери“. Дали имате планови да се поврзете со овој автопат?

Груевски: Да, тоа е во нашите планови и се прават подготовки. Во нашата нова програма имаме план за изградба на автопат. Ние веќе имаме стапено во контакт со меѓународните финансиски организации, ако решиме да земеме заем, но и со компании заинтересирани за јавно-приватно партнерство, а откако ќе ја формираме владата, ќе започнеме разговори за деталите и ќе избереме еден од модулите со кредити или јавно-приватно партнерство ако има интерес за тоа.

Експрес: Како ви се допаѓа името на автопатот „Арбен Џафери“ и какво мислење имате за Џафери?

Груевски: Ова е одлуката на вашата земја. Не гледам ништо лошо во тоа. Џафери го познавав лично и беше дел од владата на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Георгиевски кога бевме во коалиција со ДПА, а лидер беше Арбен. Често го сретнував и  откако станав претседател на партијата, имав посебна средба со него. Ручавме во еден ресторан во Скопје и разговаравме, а присутен беше и Мендух Тачи. Тој беше многу мудар и просветлен човек, а имаше многу карактеристичен  речник со многу филозофија. Не многу политичари кои сум ги сретнал имаат такви карактеристика.

Експрес: Дали имате нешто недовршено од претходниот мандат што би го поставиле како приоритет во новиот мандат?

Груевски: Една работа која сакам да ја направам е да се донесе повеќе пари во буџетот за НВО, за независни невладини организации, а не за невладини организации со лажна идеологија. Голема грешка беше што досега се доделуваа симболични средства за НВО. Многумина велеа дека тоа не е во ред, но ние не го сфативме. После сето тоа преку што поминавме сфативме дека нашите невладини организации се монополизирани од страна на една институција, на едно лице. Ние мора да го демонополизираме овој сектор. Се разбира, постојат многу работи кои се однесуваат на конкретни проекти, како што е автопатот и други проекти. А втората работа е дека  морам да бидам присутен кај Албанците, особено преку медиумите, а не само директно. Кога одам кај Албанците, тие ме дочекуваат позитивно. Во многу случаи, сум бил во многу различни градови и села каде што живеат, во добри и во тешки времиња за Албанците, како за време на поплавите во Шипковица. Јас бев првиот политичар кој отиде во Шипковица да им помогне на луѓето и директно да учествувам и да бидам на местото каде што граѓаните се соочуваат со проблеми и директно да видам дали нашите институции добро си ја работаат. Луѓето не беа задоволни, па веднаш им се јавив на сите, сите функционери се вклучија во дополнителни активности за санација и тогаш граѓаните беа многу, многу задоволни.

Експрес: Значи вие ќе заземете нов пристап и во следниот мандат и ќе бидете поблиску до Албанците?

Груевски: Сакам да кажам дека јас немам никаков проблеми кога ќе се сретнам со Албанците, но се разбира, главниот проблем се медиумите кои измислуваат. Денес одам во едно село, две недели подоцна во друго, па во трето. Да кажеме дека посетувам 20 или 30 места, тоа не е важно. Но, медиумите пишуваат негативно за нас секој ден. Морам да бидам што е можно повеќе присутен во медиумите, да им ги пренесам своите пораки и да им ги појаснувам нештата, бидејќи луѓето не се глупави и ќе разбираат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top