Белата мечка од Зоолошката градина во Скопје денес со отворено писмо до Катица Јанева побара да биде ослободена од нејзиното живеалиште и да биде пуштена на слобода.
„Барам Катица Јанева, Ленче и Фатиме да ме ослободат од затворот во којшто се наоѓам, од ова таканаречено живеалиште во Зоолошката градина во Скопје. Долго време бев бесправно држена во зоолошкиот затвор. Конечно е време да дојде правдата и за мене. Ме обвинуваат дека сум бела мечка, а немаат докази за тоа“, изјави белата мечка од Зоолошката во Скопје, читајќи ја содржината на отвореното писмо.
„Дополнително, ме клеветат и дека ако сум на слобода поради мојата природа, ќе јадам живи луѓе, што не е точно. Јас сум кротко фино суштество кое сака нормален живот меѓу градските луѓе, прошетки покрај Вардар, кино во вторник, скијање на планина, лето во Дојран, хамбургер од Осмица, обични работи кои ги сакаат сите“, дополни таа во изјавата за медиуми која ја даде од своето живеалиште во Зоолошката градина.
„Точно е дека добивме барање од белата мечка да биде пуштена на слобода и итно ќе го истражиме и ставиме на дневен ред на обвинителството“, изјави Ленче Ристовска од СЈО за нашата редакција.
„Од она што го знам, навистина не постојат цврсти докази дека белата мечка е бела мечка, туку доказите се меки и влакнести, па големи се шансите таа да биде пуштена на слобода како невина. Дополнително, ако бара отштета од Зоолошката градина или Владата на Република Македонија затоа што била во своевиден куќен притвор со години под сомнение дека е бела мечка, а што најверојатно не е, ќе може и да тужи и да добие отштета од државата“.
На прашањето што ќе се случи доколку белата мечка испадне дека е бела мечка и јаде живи луѓе кога ќе шета слободна на улица, обвинителката Ристовска, која е портпаролка на СЈО, изјави дека нема време да одговори бидејќи има средба со италијанскиот амбасадор.
Доколку судот не ѝ нареди на Зоолошката градина да ја пушти на слобода белата мечка, од СЈО најавуваат можна радикализација и организирање спасувачка акција за ослободување на белата мечка. За таа цел Катица Јанева веќе размислувала да формира тим на „Фоки“ по примерот на американските маринци, на чело со неа, кој ќе е задолжен за да ја изведе тајната операција на ослободување на мечката, дознаваме од наши извори од СЈО.
Тие велат дека план на Јанева и на СЈО е да ја извадат мечката од Зоолошка, а на нејзино место во костим од мечка да влезе Јанева и да глуми дека е бела мечка, како најдобар глумец од сите во СЈО, со цел барем да се купат неколку дена додека не биде откриена измамата и замената, со цел белата мечка да може Заев да ја изнесе надвор од земјата, најверојатно во Италија.
Ослободувањето на белата мечка е можно да се најде и во нова платформа на албанските партии, на барање на албанскиот премиер Еди Рама, кој на свои соработници им изјавил дека сочувствува со мечката бидејќи го потсетувала на него – била крупна и со бели влакна. Покрај мечката, во платформата на Рама ќе се најдат и барањата да биде ослободен и орелот од Зоолошката градина, како и тоа да се стави темна завеса околу кафезот на лавот за да не може да го гледаат бидејќи дел од посетителите биле вознемирени кога го гледале како шета низ кафезот.
Дознаваме дека во книгата со поплаки од Зоолошката градина секоја четврта поплака е на лавот, при што посетителите на латинично печатно писмо пишувале пораки од типот LAVOT GLEDA MNOGU PODLO BE, LAV NE DOBRO, TREBA USPIE, LELE OVAJ LAV KAKO ME GLEDAL, EJ STRASNO, KATASTROFA!
Кромиди Запад
*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.
Кромиди Запад
*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.
*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


