| четврток, 6 декември 2018 |

Реџепи ѝ признал на Јанкуловска: „Монструмите“ ниту имаат ниту барале косовско државјанство

Двајцата осомничени за убиството кај Смиљковско Езеро, кои се приведени од страна на косовската полиција, ниту имале ниту аплицирале за добивање косовско државјанство, истакнал министерот за внатрешни работи на Република Косово, Бајрам Реџепи, на синоќешната билатерална средба со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на маргините од конференција на министрите за внатрешни работи на „Процесот Брдо“, што се одржува во Брдо кај Крањ – Република Словенија.

На средбата, Реџепи нагласил дека косовските власти ќе ги почитуваат сите меѓународни норми во ваквите случаи. Покрај ова министрите Јанкулоска и Реџепи разговарале и за други прашања од билатерален интерес, а во насока на продлабочување на заедничката соработка, која оди во нагорна линија, при што, меѓу другото, се зборувало и за потребата за отворање нов граничен премин меѓу двете држави – Станчиќ – Белановце.

jankulovska brno sredba

Исто така, вчера министерката Јанкулоска имаше билатерална средба и со нејзиниот словенечки колега Грегор Вирант на која од словенечка страна уште еднаш беше нагласена силната поддршка што Словенија ѝ ја дава на Република Македонија на нашиот пат кон целосно интегрирање во евро-атлантските структури. Oд словенечка страна беше инцирано и потпишување нов Договор за полициска соработка што треба да претставува натамошно интензивирање на досегашната извонредна соработка меѓу двете институции.

Денес, пак, министерката Јанкулоска се сретна со министерот за внатрешни работи на Република Хрватска, Ранко Остојиќ, при што беше потпишан Протоколот соработка во престојната туристичка сезона, при што наши полицајци ќе бидат испратени во Сплитско-далматинската жупанија.

jankulovska brno

Покрај ова министерката Јанкулоска на денешната сесија на конференцијата на министрите за внатрешни работи во рамки на „Процесот Брдо“ имаше свое обраќање посветено на визната либерализација. Притоа Јанкулоска истакна дека визната либерализација за Република Македонија претставува еден од позначајните системски зафати, чиешто успешно реализирање не само што е директен бенефит за нашите граѓани, туку и конкретна контрибуција на нашиот пат кон целосна интеграција во европското семејство, што, бездруго, претставува врвен национален приоритет за Република Македонија. Исто така, Јанкулоска потенцираше дека Владата на Република Македонија презеде низа практични мерки и тоа во повеќе насоки – превентивно-едукативни, законодавни, па и репресевни, а сѐ со цел темелно искоренување на злоупотребата на визната либерализација, односно спречување на неоснованите барања за азил поднесени од страна на македонските државјани во земјите-членки на ЕУ/шенген-зоната, притоа презентирајќи дел од конкретните активности и резултати во таа насока.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top