Вкупно 1.794.376 патници во 2016 година патувале преку двата македонски аеродрома „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид што е 15 проценти повеќе во однос на 2015-та кога се евидентирани 1.560.381 патник, соопшти „ТАВ Македонија“.
Компанијата наведува и дека е зголемен бројот на операции за 8,9 отсто, достигнувајќи вкупно 16.883 летови. Според најавите компанијата и за годинава планира да постигне слични резултати.
Според податоците за патничкиот сообраќај, Истанбул е најфреквентната дестинација од Аеродромот „Александар Велики“ во 2016, со 12,6 отсто пазарен удел, потоа следат Цирих со 10,2, Виена со 6,3, Базел со 5, Малме со 4,8 и Лондон со 4,3 проценти.
Најфреквентниот ден на скопскиот аеродром во 2016 година бил 12 август кога патувале 5.641 патник, додека вкупниот број движења на воздухоплови бил 50, а потоа и 21 јули кога вкупно 5.604 патници беа превезени за еден ден со вкупно 51 движење на воздухоплови.
Карго-сообраќајот на аеродромот во Скопје има значителен пораст од 10,9 отсто во 2016 година со вкупно 3.090 тони превезени авионски пратки.
„ТАВ Македонија“ оценува дека ова зголемување главно се должи на зголемениот извоз на стоки, но и на популаризацијата на индивидуалните нарачки преку интернет превезени преку воздушен пат.
– Изминатата 2016 година беше многу успешна година за зголемување на сообраќајот на аеродромот во Охрид, каде што бројот на патници порасна извонредни 39,2 отсто на годишно ниво, поради што Меѓународниот совет на аеродроми во неколку последователни квартали го прогласи Св. Апостол Павле за аеродром со најбрз раст во својата категорија- информира компанијата.
Покрај значајниот пораст на сообраќајот на годишно ниво, минатата година ќе биде забележана како успешна за ТАВ Македонија и поради добиената ASQ награда за квалитет на аеродромски услуги доделена на аеродромот во Скопје, третпат во изминатите пет години, од страна на Меѓународниот совет на аеродроми. Аеродромот во Скопје беше прогласен за најдобар во Европа во однос на квалитетот на аеродромските услуги, во категоријата на аеродроми под два милиона патници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Наместо во хотел, спиеле на студен под – Македонци преживеаја голгота во Париз
-
Патници на „Бритиш Ервејз“ се уште блокирани на лондонскиот „Хитроу“
-
Вака ги изненадуваат патниците на аеродром: Кога му го виде пасошот, стјуардесата скокна на маса (ФОТО+ВИДЕО)
-
Намален бројот на патници во патниот, зголемен во авиопревозот