| четврток, 6 декември 2018 |

МКЦ за „Роденденот“ организира изложба, концерти и поезија

На 20 јануари, во рамки на „Роденден“ се отвора МКЦ urban store, кој ќе се вика Ап(о)тека. Во Галерјата МКЦ се отвора изложбата „НОМАД“, ретроспективна изложба на цртежи, колажи и слики на Душан Герзиќ – Гера (Белград, 1961-1998)

Оваа година Младинскиот културен центар (МКЦ) слави јубилејни 45 години постоење. Иако МКЦ официјално е отворен на 28.12.1972 година, МКЦ роденденот го слави по „МКЦијански“ календар и оваа година „Роденден“ слават на 20 јануари.
Вака е во изминатите пет години. На програмата има изложба, музика, поезија, филм, отворање на Ап(о)тека, торта, дружење…
unnamed
На 20 јануари, во рамки на „Роденден“ се отвора МКЦ urban store, кој ќе се вика Ап(о)тека.
Во Галерјата МКЦ се отвора изложбата „НОМАД“, ретроспективна изложба на цртежи, колажи и слики на Душан Герзиќ – Гера (Белград, 1961-1998).
Душан Герзиќ Гера e еден од најталентираните белградски ликовни уметници од крајот на 20 век, се движи во распон од слики, цртежи и колажи, до фотографии, сликање на тело, карикатури и стрипови. Гера последните десетина години од животот главно изложува во помали галерии во Париз и Њујорк, каде што живее некое време, а неговата работа е израз на спојот на неговиот бурен карактер и деликатноста на неговата личност и уметничката постапка. Вреди да се спомене дека има работено и како графички дизајнер (флаери, постери, омоти на плочи…) за музички групи како „Хаустор“, „Електрични Оргазам“, „Идоли“, „ЕКВ“… Тој е еден од првите уметници во бившата држава, кој се занимава со сликање по тело, а помеѓу сите ги има сликано телата на Соња Савиќ, Марина Перазиќ, како и членовите на ЕКВ за нивниот албум Екатерина Велика од 1985 година.
По смртта на Гера, неговите дела се прикажувани во многу белградски галерии. Неговото прерано заминување нѐ лиши од еден голем талент, но во исто време придонесе да се создаде легенда за уметникот, кој не само што создаваше уметност, туку и ја ширеше.
Изложбата ќе биде отворена со пригодна реч на неговиот брат Боривој Герзиќ.
Веќе една година како светот остана без Дејвид Боуви. Честа, но и одговорноста да отсвират tribute концерт во чест на великанот ќе ја имаат Фолтин „Паднатите од Марс“. Концерт во Денсинг сала „25 мај“.
– Поетскиот перформанс „Песнило“ на кој ќе настапат десетина поети, наши деца (па и не баш деца), кои ќе се обидат своето беснило да го искажат во поетска форма. Модератор на настанот е Иван Шопов, кој и претходно знаел да ги мотивира поетите малку да откачат, да излезат од конвенционалното презентирање на тоа што го пишуваат. Креативни се, полни со енергија, на Песнило ги чекаме да откачат до крај. Во Кино „Фросина“ – велат од МКЦ.
Од Србија доаѓа искусна екипа. Веќе 15-тина години зад грамофоните, секаде каде што се почитува „органскиот црн звук“.
Настапуваат под името „Тhe Funk Soul Brothers“, а сетовите им се почни со funk, soul, jazz, disco funk, afrobeat, dub и други сродни музички форми, достапни во бифе МКЦ.
Во Кино „Милениум“ ќе има 24-часовен бесплатен филмски маратон со селекција на филмови од „Синедејс“ 2016.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top