| четврток, 6 декември 2018 |

По 80 години старата Градска болница ќе добие комплетно нов лик

Со реконструкцијата на внатрешноста на старата градска болница „Свети Наум Охридски“ во која повеќе од 80 години ништо не е променето ќе се подигне стандардот на негата и услугата на болницата, истакна денеска министерот за здравство Никола Тодоров при увидот на градежните работи во болницата кои започнаа во септември минатата година.

todorof-gradska3

– Имаме комплетна темелна реконструкција на внатрешноста односно на собите, ходниците, салите и интезивната нега, а ќе се изградат и тоалети во поголем дел на соби, со што ќе се подобри стандардот на нега и услугата во болницата, рече Тодоров.

133519994

Информира дека реконструкцијата ќе чини два милиони евра и е дел од големиот инвестициски циклус за реконструкција на здравствени установи во вредност од 74,6 милиони евра со кои се опфатени поголем број здравствени установи во државата. Според министерот Тодоров реконструкцијата треба да заврши оваа година.

todorof-gradska2

За подобрување на услугата во болницата, Тодоров рече дека досега 28 доктори се испратени на едукација во странство, 21 се на специјализација, од кои во моментов двајца се во странство. Министерот рече дека во старата градска болница минатата година инвестирани се 50 милиони денари во опрема која е во функција, а во последните три години се воведени и 72 нови методи или процедури.

133519990

Во болницата во 2015 година имало 280 илјади пациенти, а минатата година во „Градска“ помош побарале 316 илјади пациенти.

Директорката на болницата Јасминка Чабуковска-Радуловска појасни дека во моментов во завршна фаза на реконструкција е третиот кат, а кога градежните работи ќе се префрлат на подолните спратови каде што се операциските сали, Универзитетската клиника по хируршки болести нема да работи три месеци.

 

– Во договор со Министерството персоналот во тие три месеци ќе биде прераспределен во други установи, рече Чабуковска-Радуловска.

todorof-gradska

Директорката информира дека во изминатите четири дена како последица од ладното време и замрзнатите улици во болницата се јавиле 127 пациенти од кои 11 се хоспитализирани.

– Пациентите најмногу имаат фрактури на подлактицата и надлактицата, фрактури на колкот,  дисторзии, а има и една смрзнатина кај пациент кој го чистел снегот без ракавици. Утринава до 11 часот помош побарале 11 лица, истакна Чабуковска-Радуловска и додаде дека болницата има капацитет и ќе ги згрижи сите пациенти кои ќе побараат помош во наредните денови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top