| четврток, 6 декември 2018 |

Земан: Чешка е на ред за напад од терористите, дајте му оружје на народот

zeman

Чешкиот претседател Милош Земан во интервју за тамошните медиуми изјавил дека на Чешка ѝ дошол редот за терористички напади и дека не е прашање дали терористите ќе нападнат, туку кога, фалејќи го планот на чешкото Министерство за внатрешни работи во Уставот да им се даде право на Чесите „да пукаат и убиваат терористи“.

-Сега сме ние на ред. Доколку ги читате извештаите на разузнавачките служби, ќе ви стане јасно. Не е прашање дали ќе се случи, туку кога. Затоа сум за превентивни мерки кои не можат да ги сопрат нападите, но можат да го намалат ризикот – изјавил Земан предупредувајќи дека заеднички именител на сите напади во Европа минатата година била терористичката организација Исламска држава.

-Тоа е опасно, кога би се работело за индивидуални напади, како на норвешкиот екстремист Брејвик, тоа би било трагично и тажно, но не така опасно како организиран терористички напад. Каква е таа Европска унија која не е во состојба да ги одбрани своите граници? Земете го на пример Тунижанецот кој изврши напад во Берлин. Се движел низ цела Европа, извршил неколку злосторства, а никој не го депортирал. Ние не знаеме да ги депортираме, ги оставаме на територијата на ЕУ, а потоа се чудиме зошто напаѓаат- рекол Земан.

За да се намали ризикот од терористички напади и бројот на потенцијални жртви, Земан се заложил во Чешка да не дојде до засилување на муслиманската заедница, и Чесите, како што предложил министерот за внатрешни работи Милан Хованец, да добијат загарантирано уставно право да пукаат на терористите. Земан додал дека би ги проширил тоа право и дека чешките граѓани би можеле своето лично и легално огнено оружје да го внесуваат во објекти каде што тоа сега е забрането.

Според чешкиот претседател, Европа би требало да им помага на бегалците, но во нивните земји или евентуално соседските, а не да им дава засолниште кај себе, бидејќи во спротивно „ја очекуваат уште многу солзи“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top