| четврток, 6 декември 2018 |

И дијагностицирањето болести во странство ќе биде на товар на државата

Освен за лекување, планираме проект и за овозможување дијагностицирање на болестите во странство. Па така, ако на некој пациент не може да му се постави дијагноза во рок од 6 месеци, истиот да има право да биде упатен во референтен центар во странство на товар на државата, за да му се одреди дијагнозата, потребната терапија и медицинскиот третман за таа дијагноза, со посебна одлука од првостепена и второстепена комисија. Ако се работи за итен случај, периодот за дијагностицирање во нашата земја ќе биде пократок, но не помалку од 2 месеца. Според постојната законска регулатива во Република Македонија, на осигурениците на кои не можеше да им се дијагностицира болест немаа можност да бидат упатени во странство, вели директорот на Фондот за здравствено осигурување на РМ, д-р Сашо Стефаноски, кој веќе две години раководи со оваа институција.

Во интервјуто за „Дневник“ Стефаноски открива и дека дел од лековите кои граѓаните досега ги рефундираа, најчесто „клексанот“ и „фраксипаринот“, ќе може да се земат на рецепт, само со плаќање партиципација, хронично болните пациенти ќе може со само едно одење во аптека да подигнат тримесечна терапија наместо да мора да одат секој месец, но и други олеснувања.

Во пресрет на сите осигуреници

Тој ја појаснува новината за дијагностицирање на болестите во странство, која е еден од проектите кои може да ги очекуваме во 2017 година, а кој неодамна беше воведен и во соседна Србија.

– Би сакал да напоменам дека во изминативе години преку големите финансиски средства вложени во капитални инвестиции во здравствениот сектор, во набавка на нова медицинска опрема за јавните здравствени здравствени установи како и во континуирана едукација на лекари во странство овозможивме навремено дијагностицирање на повеќе болести кои во минатото не можеа да се дијагностицираат. Сепак, светската медицина има огромна прогресија и овозможува откривање болести кои не биле регистрирани ниту во нашата земја ниту во околните земји, па и пошироко. Преку овој проект сакаме да им овозможиме на нашите осигуреници реален рок за поставување дијагнози во согласност со европските стандарди. Според нашите анализи во Република Македонија на годишно ниво има помалку од десет вакви случаи, а на овој начин ние како Фонд за здравствено осигурување и Влада на Република Македонија сакаме да им излеземе во пресрет буквално на сите наши осигуреници да може да добијат поквалитетна здравствена заштита.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top