Фондот за здравствено осигурување на Македонија 2017 година ја почнува со историски најголемиот буџет на институцијата во висина од 26 милијарди и 947 милиони денари. Овој буџет е за милијарда и 370 милиони денари повисок од буџетот на почетокот на 2016 година, односно зголемување за 5,4 отсто, истакна денеска на прес-конференција директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски.
Посочи дека буџетот од околу 27 милијарди денари е повеќе од двојно повисок во споредба со 2000 година кога е формиран Фондот и кога изнесувал 12,5 милијарди денари.
Фондот за здравствено осигурување, нагласи, продолжи со практиката на транспарентна распределба на буџетот, и поради тоа во последните два месеци одржавме преговори со сите јавни здравствени установи и методолошки го распределивме буџетот за 2017 година.
– Фондот за прераспределбата на буџетот користеше повеќе параметри, а тоа се: анализите за реализација на буџетите во претходната 2016 година, податоците од преговорите со здравствените установи, планот за видот и обемот на здравствени услуги, новите методи и нови здравствени услуги за 2017 година кои ЈЗУ ги предлагаат и одржливоста на јавните здравствени установи – рече Стефаноски.
Потенцира дека од буџетот за 2017 година, за здравствени услуги се одвоени 23.477.527 денари, за надоместоци за породилно и боледувања 2.900.000 денари, а за административни расходи на ФЗОМ 569.527 денари.
– Процентуално поделбата на буџетот за 2017 година е следнава: ЈЗУ ќе добијат 53,14 отсто од буџетот на ФЗО, ПЗУ ќе добијат 30,57 отсто, надоместоци за породилно и болест 10,76 отсто, ортопедски помагала 1,67 отсто, лекување во странство 1,48 отсто, за функционирање на Фондот (капитални инвестиции и софтвер) 2,11 отсто – истакна Стефаноски.
Посочи дека во рамки на зголемувањето на буџетот за 2017 година од 1 милијарда и 370 милиони денари во однос на почетниот буџет од 2016 година, 1 милијарда и 50 милиони денари претставува зголемување за здравствени услуги, а додека за 325 милиони денари се зголемени надоместоците за породилно и боледувања. И годинава, појасни, очекуваме трендот на зголемен број на породилни отсуства да продолжи, а финансиски во средствата за навремената исплата на породилни отсуства влијае и зголемувањето на времетраењето на исплатата на породилното отсуство за близнаци од 12 на 15 месеци.
– Од здравствените услуги во споредба со 2016 година, најголемо е зголемувањето кај ЈЗУ односно 566 милиони денари или раст за 4,1 отсто во кое е вкалкулиурано зголемувањето на крајот на 2016 година. Кај ПЗУ, зголемување за 160 милиони поради зголемената капитација кај матичните лекари и стоматолози. За лекови на рецепт по зголемувањето од 80 милиони во текот на 2016 година, предвидени се дополнителни 200 милиони денари и за дијализа предвидени се дополнителни 50 милиони денари, рече Стефаноски.
Истакна дека во последните две години буџетите на јавните здравствени установи се зголемени за речиси 1 милијарда и 500 милиони денари, од кои во 2016 година се зголемени за 973 милиони денари, а во 2017 обезбедиле нови дополнителни 458 милиони денари.
Зголемувањето на буџетот до милијарда и 370 милиони денари (919 милиони денари), потенцира, се прераспределува за повеќе лекови на рецепт и поголема достапност на лекови по аптеките, како и обезбедени средства за матичните лекари и стоматолози за зголемената вредност на капитацијата, надоместоци за породилни отсуства, ин витро и лекување во странство.
– Со зголемувањето од 458 милиони денари за јавните здравствени установи во 2017 година им даваме сериозен поттик и поддршка на јавните здравствени установи. Зголемените средства ги определивме за: нови здравствени услуги со воведување на нови методи за лекување, зголемување на вид и обем на постоечки здравствени услуги, финансиска одржливост на здравствените установи и потреба од финансирање за нивно функционирање, новите вработувања на специјализиран кадар (трансформации и преземања од ПЗУ) и зголемување на плати за определени категории на здравствени работници, рече Стефаноски.
Според него, зголемувањето на буџетите на ЈЗУ е стимулирачки и мотивирачки со цел да се даваат поголем обем на здравствени услуги а воедно и да обезбедат поквалитетни здравствени услуги. Зголемувањето на средствата, нагласи, е условено со зголемување на бројот на хируршки интервенции кај клиничките и општите болници, со цел да се намали препраќање на пациенти во Скопските клиники. Истакна дека клиниките се условени со пружање на нови здравствени услуги и нови методи на работа, а воедно и зголемување на видот и обемот на постојните здравствени услуги.
Директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани укажа на дел од зголемувањата во ЈЗУ и тоа: Клиника за радиотерапија и онкологија со 608,4 милиони денари, или за 32 милиони денари поголем буџет од 2016 година (зголемувањето е наменето за набавка на посовремена терапија како и набавка на нови лекови преку условен буџет кој ќе биде до дефиниран до крај на месецов), Клиника за хематологија со 275,4 милиони денари, или за 28 милиони денари поголем буџет од 2016 година (зголемувањето е наменето за набавка на нови лекови преку условен буџет кој ќе биде додефиниран до крај на месецов), Клиника за државна кардиохирургија со 79 милиони денари, или за 20 милиони денари поголем буџет од 2016 година (зголемувањето е наменето за зголемен обем на здравствени услуги, односнои зголемен број на пациети кои се очекуваат во 2017 година).
Потенцира дека зголемен буџет ќе имаат и Клиниката за кардиологија со 360,4 милиони денари, или за 18 милиони денари поголем буџет од 2016 година (зголемувањето е наменето за нови методи финансирани преку условен буџет за пациенти кои не можат да подлежат на кардиохируршки операции и наместо нив се вршат здравствени интервенции кои се замена за операциите (TAVI, TEVAR, EVAR) како и аблацио за атријална фибрилација), Клиниката за очни болести со 104,4 милиони денари, или за 15 милиони денари поголем буџет од 2016 година (зголемувањето е наменето за условен буџет за нови методи, трансплантација на рошница и очна хирургија), ГОБ „8 Септември“ со 869,9 милиони денари, или за 15 милиони денари поголем буџет од 2016 година (зголемувањето е наменето за нови методи предвидени согласно преговорите со болницата и програмата на ФЗОМ)…
Зголемен буџет, како што рече, ќе имаат и Клиниката за инфективни болести и фибрилни состојби со 179,7 милиони денари, или за 10 милиони денари повеќе од 2016 година (зголемувањето е наменето за набвка на современа терапија за хепатит Ц), Институт за белодробни заболувања кај децата Козле со 125, 9 милиони денари, или за 10 милиони денари повеќе од 2016 година (зголемувањето е наменето за набавка на современи ортопедски помагала за примање на терапија кај децата со цистична фиброза, како и за нови неонатални скринизи за скриени болести кај бебињата), Клиниката за гинекологија и акушерство со 418,9 милиони денари, или за 10 милиони денари повеќе од 2016 година (зголемувањето е заради зголемениот број на пациенти (породувања) и поголемата фактура кон Фондот од средствата кои го добива), Специјална болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир со 139,1 милион денари, или за 10 милиони денари повеќе (зголемувањето е заради заради зголемениот број на пациенти), клиничките болници – Битола со 611,2 милиони денари, Тетово, со 470,7 милиони денари и Штип со 348,1 милион денари добија секоја по 10 милиони денари кои се наменети за поголем број на хируршки интервенции за да се стимулира операции на кила, слепо црево и жолчки, со цел поголем регионален развој на хирургијата.
– Фондот останува доследен во своите напори за унапредување на здравството во целост како и унапредување на правата на осигурениците кои произлегуваат од законот за здравствено осигурување, додаде Рамадани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ако одите на одмор во странство: ФЗОМ со важно известување до сите граѓани
-
ФЗОМ не сака преку медиумите да комуницира со своите партнери, најавува средба со Здружението на приватни гинеколози
-
Гинеколозите ќе издаваат само упати, а ФЗОМ нека лекува пациентки
-
ФЗОМ ќе ја зголеми квотата за овој месец и вкупниот буџет за лекови