| четврток, 6 декември 2018 |

Божикен концерт на Македонската филхармонија и виолинистот Џулијан Рахлин

Џулијан Рахлин е еден од најпочитуваните виолинисти на денешницата кој свири на виолина од марката „страдивари“ од 1704 година. Соработува со престижни диригенти и оркестри, а оваа концертна сезона настапи во Европа и во Северна Америка со Националниот оркестар на Франција под диригентската палка на маестро Даниеле Гати, потоа на отворањето на сезоната со филхармонискиот оркестар „Ла Скала“ со маестро Рикардо Шаји, како и на фестивалот во Луцерн со маестро Марис Јансонс...

На големиот христијански празник Божик најавен е концерт на Македонската филхармонија на кој како солист, но и како диригент, ќе настапи светскиот познатиот виолинист Џулијан Рахлин.

На концертот, што ќе се одржи во Македонската опера и балет, ќе бидат изведени виенски маршеви, романтични увертири, популарни танци, дела од Росини, Чајковски, Штраус, Глинка, Годовски и Крајслер.

Билетите се продаваат на билетарата во Домот на АРМ секој ден од 10 до 16 часот. Билетарата, како што информира Македонската филхармонија, ќе работи и на 3, 4, 5 и 6 јануари од 10 до 15 часот. Билети може да се набават и онлајн на веб страниците www.kupikartizase.mk i www.mktickets.mk.

Џулијан Рахлин е еден од најпочитуваните виолинисти на денешницата кој свири на виолина од марката „страдивари“ од 1704 година. Соработува со престижни диригенти и оркестри, а оваа концертна сезона настапи во Европа и во Северна Америка со Националниот оркестар на Франција под диригентската палка на маестро Даниеле Гати, потоа на отворањето на сезоната со филхармонискиот оркестар „Ла Скала“ со маестро Рикардо Шаји, како и на фестивалот во Луцерн со маестро Марис Јансонс…

Роден е во Литванија 1974 година, но се преселил во Виена во 1978 година. Студира виолина кај еминентниот педагог Борис Кушнир на Виенскиот конзерваториум, стекнувајќи го основното образование од руската традиционална виолинистичка школа, а земал приватни часови кај Пинхас Цукерман, кој му ја влева страста и за свирење виола. Меѓународна слава стекнува во 1988 година кога ја добива наградата „Млад музичар на годината“на Евровизискиот меѓународен натпревар во Амстердам.

Рахлин е најмладиот солист што некогаш свирел со Виенската филхармонија правејќи го своето деби со маестро Рикардо Мути. Од почетокот на кариерата свири со најголемите светски оркестри и врвни дирегенти. Зад себе има голем број снимки и издава албуми за „Дојче грамофон“, „Сони класикал“ и за „Варнер класикс“.

Во 1988 година магазинот „Мјузик мануал“ го прогалсува за музичар на годината, а во 2000 година му е доделена меѓународната награда на славните на Музичката академија во Сиена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top