Македонската филхармонија со огромна радост го најавува гостувањето на прочуениот виолинист Џулијан Рахлин!
На 7 јануари, по повод еден од најголемите христијански празници Божик, во Македонската опера и балет во 12.30 часот, Македонската филхармонија ќе одржи Божикен концерт на кој како солист, но и како диригент, ќе се претстави светски познатиот виолинист Џулијан Рахлин.
Славниот Џулијан Рахлин и оркестарот на Македонската филхармонија ќе изведат виенски маршеви, романтични увертири, популарни танци, љубовни теми, дела од Росини, Чајковски, Штраус, Глинка, Годовски, Крајслер.
„Многу сме среќни што конечно во Скопје ќе гостува еден од најславните виолинисти на дененицата, почитуваниот Џулијан Рахлин“, вели директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ. „За нас е тоа огромна чест, затоа што Рахлин е еден од ретките виртуози, уметник кој настапува со сите престижни оркестри и славни диригенти во светот. Особено е значајно што со оркестарот на Македонската филхармонија ќе се претстави и како диригент, во двојна улога, а тоа се повеќе го практикува на своите концертни настапи. И она што нам најмногу не радува, е што овој мајстор на виолината гостува на ексклузивен концерт кој е посветен на еден од најголемите христијански празници – Божик, денот на Христовото раѓање. Празник кој сите оние кои што го прославуваат можат да го одбележат и на ваков начин – со убав концерт, да слушнат врвна изведба, да видат голем уметник и да уживаат во пригодна програма“, вели Чанаќевиќ.
Џулијан Рахлин е еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти на нашето време. Во последните 27 години, тој ја маѓепсува публиката низ целиот свет со неговиот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрални интерпретации, соработувајќи со најпрестижните диригенти и оркестри. Неговата желба да ги проширува сопствените музички хоризонти, ќе го одведе Рахлин и во сферата на диригирањето, а чести ќе станат и неговите изведби на виола.
Критиките се секогаш на негова страна. Славниот диригент Марис Јансон ќе каже: „Џулијан ја чувствува музиката од длабочината на срцето“, додека маестро Зубин Мехта ќе изјави: „Тој е мошне дарежлива личност во животот и во музиката и тоа силно се чувствува додека свири“.
Билетите се продаваат на билетарата во Дом на АРМ, секој ден од 10 до 16 часот, по цена од 900, 1200 и 1500 денари. Инаку, билетарата во Дом на АРМ ќе работи и на 3, 4,5, и 6 јануари од 10 до 15 часот, додека на денот на концертот билетите ќе можат да се купат на билетарата во МОБ. Билетите можат да се набават и онлајн на веб- страниците www.kupikartizase.mk и www.mktickets.mk.
Џулијан Рахлин е еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти на нашето време. Во последните 27 години, тој ја маѓепсува публиката низ целиот свет со неговиот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрални интерпретации, соработувајќи со најпрестижните диригенти и оркестри. Неговата желба да ги проширува сопствените музички хоризонти, ќе го одведе Рахлин и во сферата на диригирањето, а чести ќе станат и неговите изведби на виола. Тој е прогласен за амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. Неговите турнеи се постојани, а оваа концертна сезона настапи во Европа и во Северна Америка со Националниот оркестар на Франција под диригентската палка на маестро Даниеле Гати, потоа настапи на отворањето на сезоната со филхармонискиот оркестар „Ла Скала“ со маестро Рикардо Шаји, како и на фестивалот во Луцерн со маестро Марис Јансонс… Од неговите последни ангажмани се издвојуваат настапите во „Музиквереин“ во Виена со Минхенската филхармонија и маестро Семјон Бичков, како диригент со Англискиот камерен оркестар, соработката со виолончелистот Миша Мајски и пијанистот Итамар Голан, со Лондонската филхармонија и Андреј Борејко, со Баварскиот државен оркестар и Зубин Мехта, со Симфонискиот оркестар на Бостон и Алан Гилберт, но и со Филхармонијата на Санкт Петербург и Јуриј Темирканов. Во 2012 година беше дел од светската премиера на Двојниот концерт на современиот полски композитор Кшиштоф Пендерецки со Баварскиот симфониски оркестар и диригентот Марис Јансонс, дело нарачано од „Музиквереин“ и посветено токму на Рахлин. Џулијан Рахлин е роден во Литванија во 1974 година, но се преселил во Виена во 1978. Студирал виолина со еминентниот педагог Борис Кушнир на Виенскиот конзерваториум, стекнувајќи го основното образование од руската традиционална виолинистичка школа, а земал приватни часови кај маестралниот Пинхас Цукерман, кој му ја внел страста и за свирење виола. Меѓународна слава стекнува буквално преку ноќ, кога во 1988 година ја добива наградата „Млад музичар на годината“ на Евровизискиот меѓународен натпревар во Амстердам. Тогаш е забележан од маестро Лорин Мазел, кој ќе го покани да настапи на Берлинскиот фестивал со Францускиот национален оркестар и на европска и јапонска турнеја со Питсбуршките симфоничари. Рахлин ќе стане и најмладиот солист што некогаш свирел со Виенската филхармонија, правејќи го своето деби со маестро Рикардо Мути. По препорака на Марис Јансонс, пак, студирал диригирање со Софи Рахлин. Од почетокот на својата кариера, всушност, тој свири со најголемите светски оркестри и со врвните диригенти како Јансонс, Фишер, Ашкенази, Мути, Превин, Еса-Пека Салонен, Темирканов, Мењухин, Мехта, Маринер… Покрај Мајски и Голан, како камерен музичар настапувал и со други врвни уметници какви што се Ростропович, Кремер, Аргерич, Венгеров… Џулијан Рахлин зад себе има голем број снимки и издава албуми за „Дојче грамофон“, „Сони класикал“ и за „Варнер класикс“ – сите високо оценети од критиката. Особено значајни се снимките на Концертот за виолина и Серенадата од Сибелиус со Питсбуршките симфоничари под палката на Лорин Мазел, потоа Виолинскиот концерт од Сен-Санс, Виолинскиот концерт од Виењавски со Израелската филхармонија и маестро Мехта, како и Првиот концерт за виолина од Прокофјев и Виолинскиот концерт од Чајковски со Симфонискиот оркестар на Московското радио под диригентство на Федосеев. Во 1998 година магазинот „Мјузик мануал“ го прогласи за музичар на годината, а во 2000-та му е доделена меѓународната награда на славните на Музичката академија во Сиена. Свири на виолина од марката „Страдивари“ од 1704 година. Од неговото деби како диригент, пак, во 1998 година, Рахлин предводи голем број симфониски и камерни оркестри, а чести се неговите настапи во кои игра двојна улога – и како виолинист и како диригент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.