Спасувачките екипи утрово во црноморските води на шест километри од градот Сочи пронајдоа тело на еден од патниците од рускиот воен авион од типот Ту-154, што денеска се урна во Црното Море, соопшти портпаролот на Министерството за одбрана на Русија, генерал-мајор Игор Конашенков.
Како што јави ТАСС, повикувајќи се на воени извори, кај починатиот се пронајдени документи кои укажуваат дека тој бил вработен како новинар во телевизијата „Канал 1“.
Авионот Ту-154 на руското Министерство за одбрана со 92 патници и членови на екипажот се урна во водите во источниот дел на Црното Море, на лет од Сочи кон кон сириската воена база „Хмејмим“ кај Латакија, каде се стационирани руските сили вклучени во операциите во Сирија.
Авионот исчезнал од радарите во 5.40 минути по московско време (3.40 часот по средноевропско време).
Во авионот имало 84 патници и осум членови на екипажот. Меѓу патниците биле и 64 членови на воениот ансамбл за народни песни и ора „Александров“, воени лица и новинари. Првично беше соопштено дека во леталото имало 83 патници.
Руската телевизија НТВ информира дека меѓу патниците во авионот се наоѓале и тројца нивни вработени. Во леталото биле и по тројца медиумски работници на воениот телевизиски канал „Ѕвезда“ и на телевизијата „Канал 1“.
Претходно, Министерството за одбрана на Русија информира дека спасувачките служби утрово на шест километри од брегот на Сочи откриле тркало од урнатиот авион и поголема дамка од масло, по што, како што беше наведено во соопштението, остатоците од леталото се лоцирани на длабочина од 50 до 70 метри под морската површина.
Причините за уривањето на авионот засега не се познати. Според извори од аеродромот во Сочи, во време на исчезнувањето на авионот од радарите во реонот преовладувале „добри метеоролошки услови“.
Неименуван извор од Министерството за одбрана за руските медиуми изјавил дека најверојатна причина за уривањето на авионот е технички проблем или пилотска грешка.
Потрагата по евентуално преживеани патници продолжува.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков информира дека рускиот претседател Владимир Путин цело време добива информации за сите нови детали околу потрагата.
– Се уште е рано да се каже нешто конкретно. Претседатлот чека да добие целосна претстава, па ќе го изнесе својот став, порача Песков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.