Eдно младо момче кое се чувствувало безвредно и немало самодоверба отишло кај еден стар мудрец да побара помош.
Момчето му рекло на старецот дека дошло да побара помош од него.
„Дојдов да побарам совет. Се чувствувам безвредно и немам веќе желба да живеам. Сите ми велат дека сум будала и дека за ништо не ме бидува. Те молам Господару, помогни ми!”
Мудрецот го погледнал момчето и му одговорил: „ Прости ми, но јас сум многу зафатен и немам време сега да ти помогнам. Имам една важна работа што треба да ја направам…” и тука застанал за момент, помислил и рекол: „Но, ако сакаш ти мене да ми помогнеш, со задоволство ќе ти возвратам на добрината.”
„Да… да, да Господару!”, извикало момчето, со тага во гласот оти неговите маки пак се потврдиле како неважни. „Добро”, рекол мудрецот и извадил од прстот еден мал прстен со прекрасен скапоцен камен.
„Земи го мојот коњ и оди на пазарот! Итно морам да го продадам прстенов за да исплатам еден долг. Земи му пристојна цена и не прифаќај ништо помалку од еден златник. Ајде, оди веднаш и врати се што побргу!”
Mладото момче го зело прстенот и тргнало. Кога стигнало на пазарот, им го покажало прстенот на неколку трговци. Тие го гледале, го гледале, но изгубиле интерес откако слушнале дека чини еден златник. Некои трговци дури му се изнасмеале на момчето, други воопшто не му обрнале внимание. Само еден стар трговец се нафатил да му објасни на момчето дека еден златник е многу за таков прстен и дека може да земе само некоја бакарна паричка или во најдобар случај сребрена.
Кога момчето го слушнало ова, не знаело што да прави, бидејќи мудрецот убаво му рекол да не прифаќа помалку од златник. Го поминал целиот пазар и сегде се обидел да го продаде прстенот, ама безуспешно. Го јавнал коњот и тргнал кај мудрецот. По патот се чувствувал изморен и тажен поради својот неуспех.
„Господару, не успеав да ја извршам задачата како што ми заповеда”, рекол тој. „Најмногу што ми понудија беше неколку сребрени пари но ти ми рече да не прифаќам помалку од еден златник. Трговците ме убедуваа дека прстенов не вреди толку многу.”
„Тоа е многу важно, момче!”, одговорил мудрецот. „Пред да го продадеш прстенот, не е лошо да утврдиш колку навистина вреди! А кој друг може да го направи тоа, ако не златар? Појди до кај него и прашај го која му е вредноста на прстенот. Само, колку и да ти понуди, не му го продавај, туку врати се прво кај мене.”
Момчето тргнало кај златарот. Златарот го гледал прстенот со лупа долго време, па го ставил на вага да го измери. Се свртел и му рекол на момчето:
„Кажи му на твојот господар дека во овој момент не можам да му дадам повеќе од 58 златници за прстенов. Ама ако ми остави неколку дена, ќе му го купам за 70.”
„70 златници?!”, извикало момчето. Се насмеало, му се заблагодарило на златарот и побрзало назад кај мудрецот. Кога мудрецот ја слушнал приказната од веселото момче, му рекол: „Запомни, момче, ти си како прстенов. Вреден и единствен! И само оној кој се разбира може да ја процени твојата вистинска вредност. Тогаш, зошто си го губиш времето во лутање низ пазарот и барање одговор од секакви будали?”
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.