Тоа што СДСМ и Заев го ветуваа(т) за излегување од рамките во насока на децентрализација на полицијата, а што им е вградено во програмата за наводен живот и во настапите пред етнички Албанци што се гласачи во Македонија, било тоа да е во етнички доминантните средини во земјата или во дијаспората, во целост ги покрива барањата што вооружените претставници на УЧК во 2001 година ги ставија на преговарачка маса. Тогашните западни олеснувачи Џејмс Пердју и Франсоа Леотар, заедно со нивниот шеф Хавиер Солана, „балансираа“ меѓу барањата на албанските лидери, од едната страна, и барањата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, од другата страна.
„Лидерите на етничките Албанци инсистираа на децентрализација на полицијата, односно такво дизајнирање на полицијата која ќе биде поврзана со локалната власт. Според нив, на локално ниво треба да се симне јавната безбедност, сообраќајната полиција и матичната евиденција, а на централно ниво да остане само државната безбедност. На тоа остро се спротивставува македонската страна оценувајќи дека тоа ќе значи инсталирање друга власт, наспроти централната, и деформирање на локалната самоуправа и нејзино прераснување во политичка заедница. Македонската страна бара да остане централното управување со полицијата зашто, во спротивно, оттргнатата локална полиција со барањето за нејзина етнизација може да ја разнебити државата, да отвори широк простор за етнички протекционизам и за цутење на криминалот. Македонската страна во предлогот… не гледа никакво реформирање на полицијата, туку создавање нова полициска структура“, известуваат медиумите за развојот на политичкиот дијалог во Охрид во 2001 година.
Во актуелната платформа на СДСМ, заради која „граѓански и наднационално“ ја добил поддршката, се предвидува токму таква децентрализација на полицијата. Односно, под локалните власти да бидат полициските сили за јавна безбедност, сообраќајот и матичната евиденција. Ако на тоа се додадат и платформите на албанските радикални движења за етнизација со вработувањата во тие структури, денес СДСМ го реализира барањето на вооружената ОНА, чијшто корен лежи во големоалбанството.
Во делот посветен на јакнење на локалната самоуправа јасно се наведува дека „на општините ќе им бидат пренесени сите надлежности што може да ги извршуваат поуспешно од централната власт, и тоа: дел од управните функции на МВР (матична евиденција, сообраќајни и возачки дозволи), дел од надлежностите на полицијата (јавен ред и мир и регулирање на сообраќајот на локалните патишта и улици), итна медицинска помош, социјална заштита, центри за вработување, децентрализирање на установите од областа на културата (со исклучок на тие што се од национално значење), управување со земјоделското земјиште, шумите и пасиштата и др.“
Кога веќе Заев и СДСМ ги кренаа влоговите со етничките формули, со претходни договори и разговори со Беса, албанската дијаспора и со други учесници во таа агенда, нема потреба делот од гласачите етнички Македонци да се изненадени од платформите што лидерите на етничките Албанци ги ставија на маса за идно коалицирање во власта.
Сите барања за промена на Уставот
Заев со надворешна поткрепа ја распосла Македонија пред албанските гласачи и ја крена и цената за коалицирање. Без отстапка и ракавици, директно се бара промена на името на државата и нејзините симболи за да можат тие да ги откочат евроинтеграциите и да го одразуваат мултиетничкиот карактер на државата. Токму затоа недвосмислено лажен и извртен е обидот резултатот на предвремените парламентарни избори што го освои СДСМ да се претставува како победа на „надетничка платформа“ и граѓанско созревање на етничките Албанец во Македонија како гласачи.
Ако СДСМ и Зоран Заев настапуваа(т) со „двојна формула“, со две различни платформи – една пред гласачите Албанци за двојазичност и бинационална држава, а друга за Македонците, дека ќе се зачува уставниот поредок – сега веќе нема да можат да молчат пред прашањата од јавноста која се чувствува излажана. Како Заев ќе го зачува поредокот кога, ако се изостави неговото ветување како „прагматичен околу уставните промени“,мора да го отвори Уставот за да ги исполни барањата на неговите партнери? Нивните барањата, покрај преименувањето на државата, се однесуваат и на редефинирање на уставниот поредок. За албанскиот да биде втор официјален јазик во целата држава, треба да се менува Уставот. Следува барањето СЈО да биде уставна категорија; прашањето за гаранција за консензуалност при донесувањето важни одлуки; економската рамноправност, а тука се и промените на државните симболи кои би биле прифатливи за лидерите на партиите на етничките Албанци, сите се решенија што треба да се најдат во Уставот.
Актуелното виткањето на реалноста и перењето на инженерингот од надвор во спонзорираните медиуми оди до таму што се прават видеоприлози дека во Арачиново, Студеничани и во Липково се гласало за воведување канализација, а не за платформата со која во епицентарот на радикалните сепаратистички движења се нуди можност за формирање своја, локална, општинска полиција и други самостојни органи како преод кон кантонизација. Како да е државата во нормален процес во пресрет на локални избори. Но, луѓето не читаат програми, па дури сега откако албанските другари на Заев ги испорачаа барањата многумина се чувствуваат прелажани и го дале гласот за живот каков што СДСМ им го предвидува со кантонално уредување и преод кон федерализација.
„Граѓански концепт“ над охридската рамка, кој наводно се промовираше, крие уште подраматични резови во општеството. Вакви експерименти во регионот има доволно, од Косово до Босна и Херцеговина. Нефункционалноста на таквата форма на држава брзо ќе исплива и ќе ги покаже своите заби. Не случајно таквите конфликти ги предвидуваат и голем број меѓународни аналитичари.
Доказ дека зад граѓанското освестување се кријат национални стратегии на големоалбанството поткрепено од меѓународниот план за криење на судбината на западниот Балкан беше одработувањето на Тирана. Прво, со формирањето на унијата на албанските општини во која влегуваат и косовски и општини од Македонија, за веднаш по изборите во Тирана да бидат свикани сите политички лидери на етничките Албанци од Македонија со барање да ги надминат своите лични амбиции за доброто на сите Албанците. Но, никој од освестените сограѓани Албанци од новите бастиони на социјалдемократијата во Македонија, од Липково, Брест или Танушевци, не побара одговорност од нив што бараат на советување во Тирана? Никој од излезените од националните рамки во Тетово, Дебар, Чаир или Сарај не побараа на таа средба да замине и Зоран Заев, како директен претставник на 70.000 гласачи етнички Албанци од Македонија. Ниту, пак, Заев го постави ова прашање иако на средбата најмногу се зборувало за неговата платформа. Особено што и Заев и Рама се од истото прозападно крило. Но, пораката со која лидерите на етничките Албанци се вратија од Тирана (некој порано, некој подоцна) јасно укажува на стратегијата – коалиција за власт е можна само врз национална големоалбанска платформа.
Промените на Рамковниот
Што „прагматичниот“ Заев сака да прескокнува во Рамковниот договор? Споредено со неговите платформи за двојазичност и платформата на партнерите од Беса, лесно излегува дека Заев свесно или несвесно би преминал преку еден од основните принципи, а тоа е „суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат, не постојат територијални решенија за етничките прашања“, како што стои во Рамковниот договор.
Заев преминува и преку шестиот дел на рамката, кој се однесува на образованието и употребата на јазиците, при што децидно се наведува дека „низ цела Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик“. Потоа со документот и анексите А и Б се допрецизира делот со кој се регулира употребата на јазиците во државата и во општините со над 20 проценти население кое говори друг јазик. „Кое било лице што живее во единица на локална самоуправа во која најмалку 20% од населението зборуваат службен јазик различен од македонскиот, може да употребува кој било службен јазик за да комуницира со регионалната канцеларија на централната влада, надлежна за таа општина; таквата канцеларија ќе одговори на тој јазик, дополнително на македонски. Кое било лице може да употребува кој било службен јазик за да комуницира со главна канцеларија на централната влада, кој ќе му одговори на тој јазик, дополнително на македонски”.
Заев и СДСМ, видно управувани од надвор, не само што одат против својот став од 2001 година туку и ја инкорпорирале понудата на Питер Фејт, уште еден посредник во преговорите за Рамковниот договор од 2001 година. Тој лани препорача дека Уставот треба да се промени во делот на употребата на јазиците, односно да се додаде албанскиот јазик. „На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Албанскиот јазик, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член“. Неговата платформа содржеше и предлог за основање преведувачки центри за потребите на локалните единици, стимулирање на образованието на поголем број преведувачи, основање нова инспекциска служба за спроведување на Законот за јазиците, кампањи за предноста на повеќејазичноста…
Но, рака на срце, Заев не е сам во овој опасен инженеринг. Подолго време разни експерти блиски до СДСМ, но и до странските извори на пари, предлагаа двојазичен, бинационален, па и федерален концепт. Дел од нив, исто така, учествуваа и во изработката на Рамковниот договор. Еден од нив е Љубомир Фрчкоски, кој во една пригода анализира дека мора да се држиме до Рамковниот „за да не може утре ДУИ или кој било друг да се повикува на тоа – вие го пробивте Рамковниот, ќе го пробиеме и ние – па да бараат јазик во Армија и слично“. Денес, ниту нему, ниту на СДСМ, на патот кон власта, не им е проблем тоа. Нема потреба ниту од втор Рамковен кога измените директно се планираат за во Уставот на идната држава, за нив, со недефинирано име.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 225. број на неделникот „Република“, 23.12.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.