Македонските ракометни репрезентативци веќе трет ден тренираат во Маврово, како дел од подготовките за СП 2017 во Франција. Капитенот Кире Лазаров од денеска се приклучува на тренинзите на националниот тим, а тренерот Лино Червар од вечерва ќе ги има на располагање речиси сите расположливи играчи, со исклучок на Дејан Манасков и Филип Миркуловски кои на 26 декември ќе играат натпревари во Бундес-лигата, по што ќе допатуват во Македонија.
– Денеска ќе бидеме комплетни, односно од вечерва ќе тренираат сите ракометари кои беа предвидени да дојдат во овој период во Маврово. Кире Лазаров утрово пристигна во хотелот каде што е сместена репрезентацијата, исто така денеска пристигнаа и Столе Стоилов и Никола Маркоски. Во текот на денот ќе дојдат и Митков и Велко Маркоски, така што од вечерашниот тренинг ќе работиме комплетни – истакна директорот на репрезентацијата, Милчо Чакаревски.
Ракометарите тренираат во пеколен ритам (за денеска се најавени три тренинзи) со цел Лино Червар да ја исполни својата зацртана цел сите репрезентативци да бидат максимално подготвени на физички план за да ги реализираат зацртаните задачи. Тоа ќе биде неопходно за македонскиот селектор да успее да го реализира она што го има замислено – целосна промена на концептот на игра на „црвено-жолтите“, што би бил промовиран за време на мундијалот во Франција.
Репрезентативците ќе останат во Маврово до 30 декември, по што ќе добијат неколку слободни денови за време на новогодишните празници, по што финалната фаза од подготовките ќе се одвива во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.