Македонскиот капитен Кирил Лазаров игра во одлична форма за Барселона пред Светското првенство кое во 2017 година ќе се игра во Франција.
Кире ја водеше Барса до трофеј во АСОБАЛ-купот со девет гола во финалето и вели дека воопшто нема притисок врз себе затоа што има 36 години. Македонецот во интервју за шпанските медиуми вели дека се чувствува како 26-годишник во ракометот и потенцира дека нема намера да си замине од овој спорт по неговото пензионирање како ракометар.
– Имам 36 години и можеби е чудно, но се чувствувам на терен подобро отколку кога имав 26 години. Имам самодоверба и искуство, тоа ми е многу значајно. Во кариерата ми помогнаа големите тренери како Лино Червар, Душебаев и сега Чави Пасквал. Тука е клучот на мојот успех. Талентот не е доволен без да го имплементираш во екипата и да покажеш што знаеш на теренот – вели Лазаров.
Капитенот на машката репрезентација летово би можел да биде слободен ракометар, затоа што му истекува договорот со Барселона. Вели дека не е преокупиран со продолжување на соработката, а негова окупација во моментов е само ракометот и неговите добри игри на паркетот.
– Во овој момент не ме преокупира договорот со Барселона. Го сакам ракометот, сакам само да играм се подобро. Знам дека ќе останам во овој спорт по завршувањето на играчката кариера – вели најдобриот македонски ракометар.
Барселона и оваа година доминира во шпанскиот ракомет и во АСОБАЛ-лигата има 15 победи по 15 меча. За Кире, нареден предизвик е СП 2017 во Франција, во кое Македонија се наоѓа во група со Шпанија, Исланд, Словенија, Тунис и Ангола. Првиот меч црвено-жолтите го играат на 12. јануари против Тунис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.