Барселона официјално објави дека Луис Суарез го продолжил својот договор до 30. јуни 2021. година. Уругвајскиот напаѓач ќе стави потпис на новиот договор денеска околу 13:30 часот во просториите на каталонскиот клуб, а сведок ќе му биде претседателот на Барселона Жозеп Мариа Бартомеу.
Каталонските медиуми пишуваат дека откупната клаузула ќе изнесува 200 милиони евра. Откако го реши прашањето околу продолжувањето на договорите со Нејмар, Серхио Бускетс, Хавиер Маскерано и Суарез, Бартомеу сега ќе се фокусира на најважната мета – Лионел Меси.
Низ медиумскиот етер се појавуваат различни информации, од тоа дека Меси и Бартомеу веќе се имаат договорено, па дури и потпишале преддоговор, до тоа дека се уште ништо не е решено, но и дека наводно кинескиот клуб Небеи Фортун испратиле понуда за Аргентинецот во висина од 500 милиони евра, ако потпише договор на пет години.
Иако некои шпекулираат дека Меси се премислува, најлогично е да се заклучи дека се вистински информациите дека Аргентинецот ги финишира деталите од договорот со Барселона. Таткото на Меси Хорхе, веќе една недела е во Барселона, што сугерира дека преговорите се при крај и дека навивачите на Барселона за Божиќ би можеле да го добијат најубавиот подарок.
Наводно Бартомеу прифатил речиси се што Меси побарал. Меси би требало да добие плата од 35 милиони евра нето годишно во првата година од договорот, а до последната платата би требало прогресивно да му порасне на 40 милиони евра. Тоа е сумата која се споменува веќе подолго време и се чини дека Меси не сакал да оди под тоа, па на Бартомеу не му преостанало ништо освен да го прифати тоа. Не треба да се говори за тоа дека станува збор за рекордна плата во светот на фудбалот.
Еден од главните услови на Меси бил и Барселона да го задржи Суарез, со кој има добри пријателски односи, исто како и нивните семејства. Со оглед на тоа дека и тој услов е исполнет, логично се чини дека Меси наскоро ќе стави потпис на продолжување на договорот.
Барса и понатаму ќе го задржи ѕвезденото трио МСН, но тоа ќе ја чини скапо, толку скапо што, се чини, ќе остане без пари за сериозни зимски засилување, а и големо прашање е како финансиски ќе стојат на лето. Бидејќи, Барселона има проблеми, максимално се растегна, на плати го троши најголемиот дел од буџетот, кој и досега беше пренапрегнат и ја преминуваше дозволената граница, а Бартомеу се уште го очекуваат преговори со некои важни играчи околу продолжување на договорот, пред се со хрватскиот репрезентативец Иван Ракитиќ, но и Андрес Иниеста кои исто така бараат зголемување.
Барса едноставно не може во исто време да дава големи зголемувања на платата на своите играчи и да купува вистински засилувања, кои според големиот број анализи се потребни и кои ќе ги бара тренерот Луис Енрке. Наводно и Меси барал Барселона квалитетно да се засили, но очигледно сепак му била поважна неговата плата. Како сето тоа ќе се одрази на резултатите на Барселона во вториот дел од сезоната, допрва ќе се види, но може да се заклучи дека проблемите во одбраната ќе останат. Во тој случај Меси, Суарез и Нејмар ќе мораат да постигнуваат повеќе голови од противникот, што се покажа дека не е баш лесно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.