Шпанската радио станица „РАЦ1“ најави нова „ракометна бомба“, откако обелодени дека Барселона веќе стартувала преговори за ангажман на Арон Палмарсон. Исландскиот репрезентативец важи за еден од најдобрите ракометари на денешницата и не е задоволен од статусот во Веспрем, пред сè поради конфликтот што го има со тренерот Сабате. Интерес за услугите на Палмарсон искажа и неговиот поранешен клуб Кил, но според последните информации сега Барселона важи за тимот што е во водство во трката по овој ракометар.
Палмарсон има договор со Веспрем до јуни 2018 година, а Барселона барем засега се интересира да го доведе Исланѓанецот токму од јули 2018 година, како слободен играч. Сепак, не се исклучува можноста тој и порано да му се приклучи на каталонскиот гигант доколку биде постигнат договор околу отштетата со Веспрем.
Барса во изминатиот преоден рок доведе неколку млади играчи на бековските позиции, а со евентуален ангажман на Палмарсон Каталонците повторно би составиле тим што би се вбројувал меѓу главните фаворити за освојување на титулата во Лигата на шампионите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.