| четврток, 6 декември 2018 |

Првпат преведена на македонски јазик една од најпопуларните латвиски писателки

„Плима“ е психолошка драма за Иева, нејзиниот љубовник, интровертниот сопруг и за начинот на кој нивните младешки одлуки драматично влијаеле врз остатокот од нивните животи

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави романот „Плима“ од латвиската писателка Инга Абеле.

Книгата е добитник на наградата на Балтичката асамблеја. Преводот на македонски е на Елизабета Божиноска. Преводот на книгата е поддржан од Латвиското друштво на писатели.

„Плима“ е психолошка драма за Иева, нејзиниот љубовник, интровертниот сопруг и за начинот на кој нивните младешки одлуки драматично влијаеле врз остатокот од нивните животи. Освен овие ликови, читателот се запознава и со мајката на Иева, нејзината ќерка, а површно и со нејзиниот брат Павилс и неговото семејство. Сите тие играат улога, колку и да е таа мала, врз развојот на психата на Иева и патот што таа го следи.

Освен на наградата на Балтичката асамблеја, Инга Абеле е добитничка и на многу други книжевни награди, а за неа критиката вели дека „има ретка способност да го открие оној егзистенцијален амбис под површината на секојдневното живеење“.

Инга Абеле е родена во 1972 година. Таа е една од најпопуларните и најнеконвенционалните латвиски писателки. Пишува романи, поезија, драми и раскази. Ја опишуваат како еден од најважните латвиски писатели поради уникатниот стил и актуелните теми. Нејзините книги се преведени на неколку европски јазици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top