Бразилскиот фудбалер Хелио Нето, кој беше еден од тројцата преживеани играчи на Чапекоенсе, се наоѓа надвор од животна опасност откако беше симнат од апарати во клиниката во Колумбија.
Тој почнал да комуницира со околината, но воопшто не се сеќава на авионската несреќа во која животот го загубија речиси сите негови соиграчи. Имено, првото нешто што прашал дефанзивецот по будењето е како завршил првиот натпревар од финалето против Атлетико Насионал.
– По консултациите што ги имавме решивме дека најдобро ќе биде воопшто да не му кажуваме за несреќата, бидејќи тоа може да му ја влоши состојбата во оваа фаза од рехабилитацијата. Сигурно дека шокот кога ќе дознае за судбината на целата екипа ќе биде огромен, не сакаме состојбата да му се дестабилизира, соопштија од клиниката каде се наоѓа Нето.
Семејството на Нето пред извесно време изрази оптимизам дека овој фудбалер би можел да му се врати на фудбалот, но засега е прерано за поконкретни прогнози на оваа тема.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.