| четврток, 6 декември 2018 |

Тешка сообраќајка кај Лешок: Шест лица повредени, тројца потешко

soobrakajka-nok

Шест лица се повредени, од кои тројца потешко во сообраќајната несреќа што се случи на регионалниот пат Тетово – Јажинце во близина на селото Лешок.

Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски информира дека сообраќајната несреќа се случила во 16 часот и 10 минути, а во неа учествувале две патнички возила од кои едното „БМВ“ со тетовски таблички управувано од 16-годишен малолетник од Слатино и „шевролет авео“ со тетовски таблички управувано од 28-годишниот М.А. од Џепчиште.

– Во несреќата, 16-годишниот малолетник се здобил со тешки телесни повреди и од Тетовската клиничка болница како итен случај е препратен на скопските клиники и се наоѓа во животна опасност, изјави Јосифовски.

Во Тетовската клиничка болница биле донесени и жената која го управувала шевролетот, нејзините две деца и сопатникот. Кај едно од децата се констатирани потешки повреди, а тешко повреден бил и работник на бензинската пумпа на „Лукоил“ кој се здобил со скршеница на ногата и е задржан на лекување.

По овластување на јавениот обвинител увид на местото извршила екипа од СВР Тетово и според првичните информации причина за несреќата е преголемата брзина и недржењето страна. Двете возила имаат големи оштетувања. Малолетникот најверојатно немал соодветна возачка дозвола, а возилото што го управувал, не било регистрирано.

– Се работи на целосно расчистување на околностите поврзани со оваа сообраќајка, посочи Јосифовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top