Шемата е разоткриена во извештајот на групата на Зелените од Европскиот парламент, пренесе бриселскиот портал Euractiv.com.
Групата Индитекс, која ги вклучува брендовите Зара, Бершка, Пул & Беар, Масимо Дути, е во сопственост на Армансио Ортега, втор човек по богатство во светот според магазинот Forbes.
Како што се наведува, Индитекс, користел техники за избегнување данок на добивка така што данокот, место во земјите со висока стапка на данок, како Шпанија и Франција, се плаќал во земјите со пониски стапки, првенствено Холандија, Ирска и Швајцарија, пренесува Е магазин.
Извештајот покажал дека меѓу 2011 година и 2014 година Шпанија изгубила 218 милиони евра данок од Зара, Франција 76 милиони, Италија 57 милиони, Германија 25 милиони, Британија 22 милиони, Грција 20 милиони, Белгија 18 милиони, а Австрија 6 милиони.
Зелените сметаат дека даночната стратегија која ја користат „Зара“ и другите корпорации, иако е легална, отвора сериозно прашање дали групата која стои зад „Зара“ плаќа данок и таму каде што тргува.
Европската комисија ќе ги испита наводите од извештајот, вели портпаролката на ЕК за финансиски услуги, даноци и царини Ванеса Мок.
Претходно, Комисијата увиде дека и компаниите Старбакс, Епл и ФИАТ добивале нелегална државна помош во вид на даночни олеснувања. Истрага се води и за Мекдоналдс и за Амазон.
Индитекс порекнува дека направиле грешка, па соопштија дека Зара платила повеќе од 4,4 милијарди евра данок на добивка меѓу 2011 и 2014 година, според стапки во просек меѓу 22 и 24 отсто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.