| четврток, 6 декември 2018 |

Никој како Циле

Васил Тупурковски и во следните четири години останува да биде првиот човек на македонскиот олимпизам, откако на Собранието на Македонскиот олимписки комитет (МОК) повторно, по седми пат, беше избран за претседател на организацијата.

Со ова Тупурковски, познат по прекарот Циле, го надмина и ненадминливиот Шпанец, Хуан Антониот Самаранч, кој од 1980 до 2001 година беше претседател на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Самаранч и Тупурковски беа одлични пријатели, а првиот човек на ИОК беше и во посета на МОК во 2001 година. Ниту еден друг работник не бил на чело на некоја спортска интернационална или национална спортска организација како Тупурковски. Самаранч почина во 2010 година во Барселона, а ќе остане запаметен како претседател на ИОК кој дојде на чело на оваа организација за време на одржување на Игрите во Моска 1980 година. Шпанецот е оној кој ја подобри финансиската состојба на комитетот кој бил во криза во 70-те години. Тој обезбеди ексклузивни телевизиски права и договори од многу спонори.

За одбележување на ова Собрание на МОК е што Тупурковски првпат во историјата доби противкандидат во името на кајакарот Атанас Николовски.  Делегатите речиси едногласно го реизбраа Тупурковски за претседател на МОК. За него гласаа вкупно 119 делегати од 120, еден беше воздржан.

Тупурковски ја води оваа институција уште од 1992 година. За потпретседатели избрани се бизнисменот Јордан Камчев и кошаркарската легенда Благоја Георгиевски Буштур.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top