Македонската амбасада во Бразил доби две вредни слики на Димитар Кондовски и Никола Мартиновски, кои до неодамна се чувале во Амбасадата на Србија во оваа земја, останати таму од времето на некогашната Југославија.
Македонскиот амбасадор Ивица Боцевски и српскиот амбасадор го извршиле примопредавањето на овие вредни слики од македонското културно наследство. Станува збор за сликите Мотиви од икони на Кондовски и Машки портрет на Никола Мартиновски, кои сега се згрижени во Македонската амбасада.
Амбасадорот Боцевски упатил нота на благодарност до својот српски колега Вељко Лазиќ по повод враќањето на сликите во македонска
сопственост.
Двете слики биле вклучени во списокот уметнички дела кои и припаѓаат на Македонија согласно Договорот за сукцесија на поранешните југословенски федерални членки од 2011 година, нопрактично останале во Српската амбасада се до отворањето на
Македонската амбасада во Бразилија.
Сликите биле чувани во Српската амбасада, која е всушност Амбасадата на поранешната СФР Југославија во бразилскиот главен град Бразилија.
Покрај сликите, и самата зграда на југословенската, односно српската амбасада е дело на Македонец, архитектот Славе Брезовски и при нејзината изградба Брезовски бил примен од легендарниот бразилски архитект Оскар Ниемаер, кој е автор на значајни објекти во главниот град Бразилија.
Македонија ја отвори својата прва амбасада во Бразил и во Јужна Америка во 2016 година, именувајќи го Боцевски како прв амбасадор, иако во времето на поранешна Југославија оваа должност ја вршеле Македонци како Илија Чашуле и Бранко Трпеновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.