Поранешниот репрезентативец и сегашен кошаркар на Фенербахче, Перо Антиќ по мечот против Црвена Звезда зборуваше за српските медиуми за моменталната состојба на неговата поранешна екипа. 34-годишниот кошаркар кажа доста комплименти на сметка на клубот и за Марко Гудуриќ, кого го смета за иден најдобар кошаркар во Европа.
– Звезда има добри играчи и квалитетен тим со кои секогаш имаме доста натпреварувачки средби. Ја пратам нивната игра секоја сезона, а оваа година немаа среќа и загубија неколку натпревари во самиот финиш. Нивниот најголем проблем е ротацијата на играчи, особено во период кога имаат повредени и болни кошаркари. Имаат одличен стручен штаб, добар систем на работа и секако многу квалитетни и млади играчи, кои во блиска иднина ќе блеснат на европските терени – вели Антиќ.
Во неодамнешниот судир на двете екипи фалеше Марко Гудуриќ, кој е идната европска ѕвезда во очите на нашиот Перо.
– Да играше Марко во четвртокот се ќе беше поинаку. Тој е еден од најталентираните играчи во Европа, а набрзо мислам дека ќе биде и најдобар на стариот континент. Ако не најдобар, тогаш сигурно ќе биде еден од најдобрите – заврши нашиот интернационалец.
Во својата кариера, Перо Антиќ помина две сезони во Белград во „црвено-белиот“ дрес во периодот од 2005 до 2007 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.