„Идеализмот на младиот човек” е филм на младиот Игор Томески (20), чијашто премиера е закажана за 18 декември во Тетово, кое го прославува добивањето на годинашната Нобелова награда за млади како град со единствен нобеловец на Балканот.Томоски е првиот и засега единствен добитник на Нобеловата награда за млади во регионот и во интервју за „Република“ го раскажува својот пат до наградата, но зборува и за идните планови. Во моментов студира театарска и филмска глума и режија во Њујорк.
Како 20-годишен тетовец стана добитник на Нобеловата награда за млади? Може ли да ни го раскажеш твојот пат до Њујорк?
ТОМЕСКИ: Од рана возраст, покрај училиштето, се ангажирав во културни случувања во Тетово, па, меѓу другото, пишував и режирав регионална телевизиска серија на само 12 години, која ја продуцирав во наредните години. По завршувањето на средното образование – приватното американско училиште „Вудроу Вилсон“ (Woodrow Wilson) во Тетово, добив покана од САД да членувам во Нобеловото национално здружение за високообразовни установи, кое ги регрутира само најдобрите матуранти од светот. Во здружението се влегува само со покана. Поканата стигна на моја домашна адреса лично од Клејс Нобел, внукот на Алфред Нобел – основачот на Нобеловите награди, веројатно врз основа на моите достигнувања на рана возраст. Со тоа станав член на едно посебно општество и здружение на академци, лауреати, нобеловци. Од таму дојдоа и понудите за студии во САД. Нобеловите награди за млади ги доделува Нобеловото национално здружение за високообразовни установи на годишно ниво.Наградата ја добиваат само најдобрите членови на ова здружение на светско ниво, меѓу светска конкуренција. За да додели една Нобелова награда за млади, здружението разгледува неколку фактори: академски успех, научни или уметнички афинитети во одредена област, лидерски способности, способности да ја мотивира младината, како и да ги пропагира нобеловите вредности за еднаквост и за мир преку однесувањето и проектите на студентот, а ги оценува и неговите проекти во областа за која е заинтересиран. Во жирито има претставник од секој област – тоа се реномирани светски имиња, кои можат компетентно да го проценат талентот на номинираните студенти и само неколкумина се здобиваат со награда за областа во која покажуваат огромни квалитети и потенцијали и конкретни достигнувања. Мојата награда е доделена за драма, лидерство и визија за моето осумгодишно непрофитно творење на филмски и театарски проекти во Тетово. Претставник на жирито од областа на филмот и на театарот е познатиот холивудски оскаровец Ед Харис – актер, режисер, продуцент, сценарист, кој ги процени моите проекти.
Што студираш и што работиш во моментов?
ТОМОСКИ: Студирам театарска и филмска глума и режија во Њујорк. Системот на факултети е флексибилен и овозможува партнерски однос со повеќе институции пред да ја добиете својата диплома, особено за нобеловците. Бев примен на Универзитетот во Њујорк, во Бостон и во неколку реномирани драмски академии токму во Њујорк како што се АМДА (AMDA) и „Американ драматикал конзерватори“(American Dramatical Conservatory) во мали класови во кои има силна конкуренција. Моментно, оваа година извршувам дел од студиите во „Менхетнвил колеџ“ (Manhattanville College), каде што ги имам најдобрите услови што ми се потребни во моментов да работам на моите проекти, покрај студиите. По завршувањето на проектите, вратите остануваат отворени за другите уметнички институции во Њујорк.
Дали Нобеловата награда за млади носи одредени бенефиции и привилегии?Имаш ли некои посебни обврски?
ТОМОСКИ: Како единствен македонски нобеловец, ослободен сум од плаќање школарина на реномирани американски универзитети врз основа на моите достигнувања. Во спротивно, сума од неколку милиони денари за целосно школување во САД е невозможна за самофинансирање, првично поради разликата во примањата во двете земји. Нобеловото здружение стои зад мене со сѐ што правам во иднина, како зад моите студии така и зад моите проекти. Сите добитници на престижната награда беа оценети за нивно почитување и спроведување на седумте правила на Нобел преку нивното однесување и дела. Седумте правила се: правилна мисла, правилен збор, правилно дејствување, правилен став, правилен начин на живот, овде и сега. Како нобеловци, наша одговорност е да продолжиме со таквиот начин на живот.
Животот во Њујорк е многу брз и динамичен, но сигурно има и убави моменти. Имате ли некоја анегдота да ја споделите со јавноста?
ТОМОСКИ: Интересно е кога поминувате низ Централ Парк и се вртите да се уверите дали покрај вас поминал актер од некоја серија што сте ја гледале вчера. Интересна анегдота ми се случи токму на театарската сцена. Имав аудиција со режисер од Бродвеј – Том Фогарти, за театарска претстава, на која требаше да глумам и да пеам.Не знаејќи, сум испеал еден американски класик со балкански примеси на претерано вибрато. Тоа му се допаднало на музичкиот директор, кој помислил дека тоа го правам поради уникатен музички печат и личен стилистички избор, додека јас, недоволно запознаен со музиката, не бев свесен дека го правам тоа. Хорскиот директор успеал дури да го убеди и жирито и режисерот Фогарти да ме исклучи од нивните планови за актерски улоги и да ме вклучи во музичкиот и хорски елемент за неговите замисли, што и му успеа. Беше малку збунет кога дозна дека немам десетгодишно музичко искуство, како што претпоставуваше, и дека мојот интерес и избор беа актерските улоги во претставата. Се заинтересира за балканската музика, особено народната, па заедно ја научивме и испеавме „Зајди зајди“. Имаме прекрасна изворна музика. Во овој светски тренд на колективното и на глобалното, не смееме да заборавиме да го почитуваме сопственото, домашното, најдоброто.
Кои се твоите планови за во иднината?
ТОМОСКИ: Џон Ленон вели: Животот е тоа што ни се случува додека ние си правиме свои планови. Јас оставам животот да ги открие своите изненадувања додека јас си ги правам своите планови. Единствено што знам е дека ќе продолжам да се занимавам со тоа што го работам од мали нозе – тоа е филмот и театар, сега веќе професионално, и ќе го изберам местото каде што ќе имам најдобри услови за тоа. И верувам дека кога ќе пристапите и работите со искрена љубов, работите сами ќе си дојдат на свое место. Ако посакувате да стигнете до успехот, прво треба да се откажете од трката по него бидејќи тоа ве преморува. Работење со љубов, ценењето на работите што веќе ги имате во животот се најважните работи, а ако сте благодарни, работите квалитетно и трудољубиво, ќе ги привлечете вашите желби и вашиот труд ќе исплива на површина порано или подоцна.
Ќе има ли некое ново дело, кое ќе го презентираш пред своите сограѓани во брзо време?
ТОМОСКИ: Семестаров работев на постпродукција на мојот најнов независен игран филм „Идеализмот на младиот човек”, кој е дел од интернационално наградените сценарија што ги пишував на 15-16 години (кои не успеав да ги реализирам тогаш) и се сними во Тетово ова лето. Филмот ќе има своја премиера како во Њујорк и во Македонија. На 18 декември Тетово го прославува добивањето на годинашната Нобелова награда за млади како град со единствен нобеловец во Балканот. Покрај документарен филм за мене, филмот премиерно има своја кинопремиера. Настанот се случува во домот на културата во 19 часот и е од национален карактер, па сите се добредојдени.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: приватна архива
(интервјуто е објавено во 223. број на неделникот „Република“ кој излезе во печат на 9.12.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Жена со нож нападна деца во градинка во Њујорк
-
Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова и Јован Ивановски куратори од Македонија за изложбата „Towards a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia 1948-1980“ во Њујорк
-
Испратил електорнска порака и потоа се самозапали во Њујорк
-
Најавен студентски протест во Битола на „Млади за Македонија“: Во каква држава ќе живееме, од нас зависи!