| четврток, 6 декември 2018 |

ГП Табановце ќе се проширува, воведен времен сообраќаен режим

Царинската управа денеска соопшти дека граничниот премин Табановце во следниот период ќе се реконструира поради што ќе биде воспоставен времен сообраќаен режим и ќе биде поставена посебна сообраќајна сигнализација.

Постојниот царински терминал, како што информира Царината, ќе се проширува, а ќе бидат изградени и други објекти и дополнителни сообраќајни ленти за движење на товарните возила.

За надградбата на граничниот премин ќе бидат инвестирани над 1,8 милиони евра, средства обезбедени преку ИПА програмата и со национално кофинансирање.

Градежните активности се очекува да завршат до крајот на 2017 година, а изведувач на работите е градежната компанија „Страбаг АГ“ од Австрија, додека за надзор е ангажирана фирмата „Кови“ од Белгија.

Царината соопшти дека договорот со компанијата е веќе склучен и изведувачот ќе биде воведен во работата во текот на следната недела, по што ќе започне извршувањето на работите.

– Со надградба на граничниот премин Табановце, Република Македонија ќе добие уште еден современ премин, кој со новата инфраструктура ќе даде можности за забрзан и олеснет прекуграничен промет, согласно потребите на бизнис заедницата и на граѓаните. Реализацијата на овој проект истовремено значи и подобрување на условите за попријатен престој на граничниот премин на патниците и подобри услови за работа на царинските службеници, наведува Царината во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top