| четврток, 6 декември 2018 |

Здравко Савески, „Левица“: Принципот „Еден работник на едно работно место“ ќе отвори нови вработувања во приватниот сектор

Младите, невработените и животниот стандард- платите, се нагласени во понудите во оваа изборна кампања. Се ветуваат поголеми плати и пензии, додека во фокусот на „Левица“ се работниците и работничките права. Тоа што Левица го нуди како разлика е дека „неолиберална идеологија не носи економски развој, туку зголемување на класните разлики“. Што предвидува да измени „Левица“ во тој однос, а работниците би го почувствувале како бенефит?

Да се биде за повисоки плати и пензии значи да се биде на страната на работниците и за повеќе работнички права. Така што, овде нема никакво спротивставување. Дека неолибералната идеологија не донесе економски развој не е мислење, туку факт. Во Македонија веќе 25 години се тера неолиберална економска политика, прво од СДСМ, потоа од ДПМНЕ и очигледно Македонија не напредна, туку уназади. 25 години се четвртина век. Четвртина век е доволно долг временски период да се извлечат релевантни заклучоци за една економска политика. А тие заклучоци велат дека суштински треба да се преиспита досегашната економска политика. Не може при толкава осиромашеност на толкав процент од населението да се очекува економски развој. Мора да се подобри економската моќ на осиромашеното население ако се сака да дојде до економски развој. А тоа значи и нужно подобрување на правата на работниците. „Левица“ ќе ги промени законите со кои им се ускратени правата на работниците и ќе инсистира Инспекторатот за труд да ги спроведува законите што се однесуваат на правата од работен однос. А преку поддршката на автентичното синдикално организирање ќе ја поддржи борбата на работниците за одбрана и унапредување на нивните права. Доста работниците без жртви на политиката на елитите. Време е да свртиме нов лист!

Економијата е во фокусот, а меѓу најгорливото прашања во земјата е невработеноста и нејзиното намалување. Кои се ставовите на „Левица“ кои ги наметнува како решение за иднината на земјата, како ќе се справува со невработеноста, но имајќи го предвид претходниот став ?

Еден од главните проблеми на економијата во Македонија е што таа е стагнантна. Нема движење. Мора да изградиме раздвижена, пропулзивна економија. А тоа не можеме да го направиме при толку големи класни разлики. Богатата врхушка веќе има и од пиле млеко и не троши производи. Само им расте контото на банкарските сметки. Од друга страна, сиромашното мнозинство мака мачи да сврзи крај со крај во месецот, гледа што помалку да троши и секој непредвиден трошок го чувствува како силен удар врз семејниот буџет. Се штеди на облека, на основни уреди во домаќинството, па дури и на храна и на здравствена заштита. Па имаме намалена потрошувачка поради високите класни разлики и кај богатата врхушка и кај сиромашното мнозинство. А намалената потрошувачка негативно се одразува на производството. А тој негативен ефект значи и намалено ангажирање на работници. Ако тоа се промени, тоа ќе отвори простор за дополнителни вработувања. Затоа „Левица“ ќе го решава проблемот со сиромаштијата и ќе ја стимулира вкупната потрошувачка, а со тоа и ќе ја заживее економијата преку едно од нашите централни барања за воведување на минимален гарантиран приход. Неговата висина, на пример, за четиричлено семејство, ќе биде 12.000 денари месечно. Ако некое семејство има месечни приходи од 9.000 денари, државата ќе му доплаќа 3.000 денари. Ако нема никакви приходи, ќе му доделува 12.000 денари.

Уште еден важен факт околу невработеноста. Во јавната администрација има превработеност, но во приватниот сектор има преангажираност. Еден работник работи за работник и пол, за двајца па и тројца вработени. За иста плата. Ако се почитува основниот принцип „еден работник на едно работно место“ во приватниот сектор ќе се отворат многу нови работни места. Ова не може да се изведе преку ноќ, потребно е работничко самоорганизирање, но „Левица“ е подготвена да работи со автентичните синдикати во оваа насока.

saveskiВработувањето, работничките права, социјалните права- сето тоа би водело и кон реформи во даночниот, во судскиот систем и во делот на репресивни мерки (извршителите, казните). Што нуди „Левица“ за гласачите како решение?

Мора да се врати прогресивното оданочување. Со воведувањето на рамниот данок ДПМНЕ отворено се стави на страната на богатата врхушка и овозможи мал број луѓе нечуено да се збогатат. Џабе е промената на Груевски ако не се променат и неговите ненародни политики. Колку сакаат нека тврдат бранителите на интересите на богатите, 10% не е исто при плата од 100.000 денари и 10.000 денари. Тој што зема 100.000 денари плата, ако плаќа 10.000 денари данок, тоа ниту најмалку нема да се одрази на неговиот „лајфстајл“. Тој што зема 10.000 денари, тие 1.000 денари данок му вредат злато! Не е исто да си богат и да си сиромав. Затоа не може да има исти даночни стапки.

Во однос на судската власт, „Левица“ ќе се бори за целосна самостојност на судската од извршната власт, а во однос на извршителите, тие крвопијци на народот што се збогатија на народната мака, „Левица“ планира да ги врати во судот за да не можат и понатаму да го ограбуваат народот. Исто така планира еднократно отпишување на каматите на извршните пресуди во зависност од висината на каматата и од материјалната состојба на должникот.

Што им нуди „Левица“ во својата изборна платформа на младите за да ги привлече нивните гласови – пред се на студентите и оние за кои политичките партии наведуваат дека „треба да се задржат дома“?

Под итно мора да се обезбеди на конкурсите за работни места да дојдат оние со највисоки квалификации, а не партиски полтрони. Не не’ интересира дали некој е ВМРО до гроп или голем СДСМ-овец, ако тој е најквалификуваниот за некое работно место, тој треба да биде вработен. Само така ќе ги стимулираме сите, а особено младите да останат во Македонија. Еден млад човек не го брка од Македонија тоа ако гледа дека на конкурс е вработен друг, а не тој – ако тој друг има подобри квалификации од него. Го брка од земјата тоа што се пријавил на пет, десет конкурси и секогаш некој партиски полтрон кој е полуписмен е вработуван. Исто така, важно е да ја вратиме слободата во Македонија. Неслободата која ја дишеме, која не’ труе, ги брка од земјата и оние што имаат доброплатени работи.

zdravko-saveskiМеѓу социјалните права за кои се залага „Левица“ е и здравството. Какви реформи предвидува „Левица“ за здравството и здравствена заштита?

Здравјето не смее да стане привилегија на богатите! А тоа е на пат тоа да стане поради уништувањето на јавното здравство од страна на ДПМНЕ. Мора да се зголемат платите на здравствените работници и да се ослободат тие од бирократските обврски. За да бидат задржани на работа во јавното здравство. Но, џабе е тоа, ако се дозволи и понатаму нелојалната конкуренција од приватното здравство. Газдите на приватните болници наплатуваат 10 пати повеќе за интервенции во однос на јавното здравство! А поради уништувањето на јавното здравство, пациентите се принудени дури и да земаат кредити за да го платат лекувањето во приватните болници. А со тие екстрапрофити на грбот на граѓаните, газдите на приватните болници можат да си дозволат да ги плаќаат повеќе здравствените работници. Па здравствените работници си заминуваат од јавното здравство и одат во приватното. Мора да се воведат регулирани цени во здравството за да не се ограбуваат граѓаните од страна на газдите на приватните болници и за да останат здравствените работници во јавното здравство.

Би спомнал и дека „Левица“ се залага здравствено осигурување да имаат сите граѓани на Македонија. Ако некој газда не им исплаќа плата и придонеси на работниците, кога тие ќе се разболат, ем немаат земено плата, ем мора да се лечат на приватно. „Левица“ ќе му стави крај на тоа. Ако некој газда не им исплатил плати и придонеси на своите работници, државата ќе им обезбеди здравствено осигурување на тие работници, а за возврат газдата ќе и’ отстапи на државата дел од акциите од сопствената фирма.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top