| четврток, 6 декември 2018 |

„Творците во чест на свети Климент“ во Музеј на македонската борба

По повод празникот Св. Климент Охридски во НУ Музеј на македонската борба на 7 декември, (среда), со почеток во 19 часот, ќе се одржи пригоден настан „Творците во чест на свети Климент“.

На манифестацијата, реч за свети Климент ќе одржат проф д-р Михајло Миноски и проф. д-р Александар Прокопиев. Во чест на големиот просветител неколку автори ќе донираат свои дела на музејската библиотека на НУ Музеј на македонската борба, меѓу нив и Јордан Плевнеш, Лилјана Котевска – Плевнеш, Ташко Саров, Михаил Белдедовски, Иван Глигоровски, Никола Јованоски, Ставре Џиков, Михајло Миноски, Гоце Ристовски, Блаже Миневски, Александар Кујунџиски, Киро Кипроски и Ангел Балкански.
Настанот ќе биде проследен со две изложби.

Авторот Златко Бојковски ќе изложи свои скулптури, а во музејот ќе биде поставена и филателистичко-картофилска изложба под наслов „1100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски – одрази во денешнината“, од збирката на д-р Бранислав Светозаревиќ.
На музичкиот дел од настанот ќе настапат учениците од Музичко-балетскиот училишен центар „Илија Николовски Луј“ предводени од проф. Благица Илиќ. Презентер на манифестацијата е Ленче Смилевска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top