| четврток, 6 декември 2018 |

Средба Димитриев-Калниете: Фер избори се единствен излез од политичката криза

Потпретседателот на Европската народна партија Калниете, пак, ги поздравила напорите и успесите на Владата во делот на позитивните економски резултати и инвестициите потенцирајќи дека за Република Македонија од особена важност е по изборите, државата да продолжи со реформите и интегративните процеси

Емил Димитриев, премиерот за спроведување на изборите денеска се сретна со Сандра Калниете европратеник и потпретседател на Европската народна партија и со Патрик Волер, секретар за надворешни односи на ЕПП.

Тие разговарале за актуелната политичка состојба во Република Македонија во пресрет на одржувањето на предвремените парламентарни избори, како и европските перспективи и интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и НАТО.

Како што соопшти владината прес-служба, потенцирајќи ја потребата од организирање и одржување на фер и демократски избори, двете страни ја истакнаа потребата од одговорно однесување на сите политички партии во текот на изборната кампања и периодот по завршување на изборите, преку демонстрирање на позитивен пристап во насока на градење на доверба во целокупниот изборен процес и почитување на демократските вредности.

Премиерот Димитриев истакнувајќи ја фокусираноста на Владата за одржување фер, демократски и кредибилни избори, како што се наведува, информираше за активностите што Владата ги презема во целокупниот изборен процес, за функционирањето на државните институции во овој период и за очекувањата дека после изборите, политичката Влада во Република Македонија со полн капацитет ќе продолжи да ја движи државата по патот на реформите, проектите и решавањето на реалните проблеми на граѓаните.

– Двајцата соговорници се согласија дека одржувањето фер и кредибилни избори и почитувањето на изборните резултати претставуваат единствениот начин за излез на државата од политичката криза и продолжување на конкретните реформски процеси во сите различни области во општеството, при што премиерот Димитриев истакна дека членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО, претставува врвен стратешки приоритет на Република Македонија и дека добивањето датум за преговори со ЕУ и полноправното членство во НАТО ќе придонесат за целосна интеграција на државата и дополнителен просперитет и развој на Република Македонија, се посочува во соопштението.

Потпретседателот на Европската народна партија Калниете, пак, ги поздравила напорите и успесите на Владата во делот  на  позитивните економски резултати и инвестициите потенцирајќи дека за Република Македонија од особена важност е по изборите, државата да продолжи со реформите и интегративните процеси.

На средбата станало збор и за менаџирањето на ефектите од мигрантската криза и потенцијалните предизвици кои постојат во идниот период, при што, се наведува, Калниете упатила благодарност до Република Македонија за одличното менаџирање со мигрантската криза, потенцирајќи дека Република Македонија се справи со мигрантската криза подобро и од многу земји членки на ЕУ.

Премиерот Димитриев истакнувајќи дека со изборите и излезот од политичката криза, Република Македонија ќе обезбеди и дополнителен квалитет во надминувањето на актуелните и на потенцијалните предизвици во врска со мигрантите, потенцираше дека за оваа исклучително значајна тема е потребна редовна комуникација и соработка и во следниот период, стои во соопштението од Владата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top