| четврток, 6 декември 2018 |

Планот за Западна Македонија како еднојазична територија

Македонската јавност веќе навикна по секој говор или изјава на Зоран Заев да очекува демант од центарот за комуникации на СДСМ или од Заев лично, да се дообјасни, не сме го разбрале или лошите вмровци му го извртеле говорот. Ова преминува во фолклор, запознавам луѓе што го чекаат само демантот или дообјаснувањето, сѐ со цел да не се заморуваат дополнително со празни зборови, кои подоцна некој ќе се обидува да ги дообјаснува

 

Nikola-Srbov-150.jpg

Колумнист: Никола Србов

На последните митинзи Зоран Заев вели дека федерализацијата на државата е само во главите на „квазипатриотите“ и на „националистите“. А кои се „квазипатриотите“ и „националистите“? Тоа сме ти, јас, сите ние што со загриженост сме ја проследиле изјавата на Заев во која објаснува дека ние сме виновни и дека нашата вина кон соседите тој ќе ја компензирал со растурање на Република Македонија. Последно од Заев беше, „какво менување Устав, каква кантонизација, какви бакрачи?“ ова „бакрачи“ посебно ме весели, но нејсе, во „бакрачи“ изгледа лежи простор за демантот, пак не сме го разбрале.

Но некои нешта не можат тукутака да се демантираат. Во „Планот за Македонија“ составен од СДСМ јасно си пишува што планираат со државата, претпоставувам нема да ги повлечат сите програми и да ги препечатат на ново, да се демантираат. На страница 164 од „планов“ социјалдемокративе запишале дека ќе извршат реорганизација на полицијата, поточно, ќе извршат децентрализација на полицијата со која голем број надлежности ќе бидат пренесени на локалните власти. Настрана што ова води кон посебни полиции во државата, кои имаат свои региони и не одговараат пред централата, колку и да ви изгледа пренапумпано, факт е дека секој почеток на децентрализација во нашите услови завршува со разединување, да не се навраќам со историјата наназад. Во таков случај, само за момент замислете, кога се случуваше „Диво Насеље“, ако полицијата беше децентрализирана, како ќе реагираше на групата вооружена до заби, вкопана во кумановската населба, со план за дестабилизација и со коминике?

divo naseljeДали во таков случај единиците за антитероризам, кои би тргнале од централата за да се соочат со терористичките групи, би можеле да бидат спречени од децентрализираната околиска (или како сакате наречете ја) полиција? Што би се случило доколку единиците за антитероризам тргнат да искоренат терористички групи во Тетовско, дали тамошната децентрализирана полиција со пренесени надлежности ќе им се приклучи на единиците за искоренување на терористичките групи или ќе ги спречи во нивната акција?

zaev selfi divo naselje (3)Јас се обложувам во второво, ќе ги спречи, и нема да бидат виновни тие што ќе ги спречат, ќе бидеме виновни ние доколку им ја дадеме таа можност. Сето ова е претпоставка, реторички поставено, но реално, кога опозициските ударни тупаници пишуваат ајде да зборуваме слободно за федерализации, тогаш ајде да пишуваме слободно и што носат таквите чекори, со цел да имаме сѐ на маса, па да мериме пред гласање.

sdsm-programa-1-640x467На страница 188 од „Планот“ социјалдемократите запишале дека ќе воведат мултикултурно образование и дообјасниле што планираат: „Првото место каде што треба да се градат вредностите на едно заедничко општество се детските градинки. Затоа, ќе воведеме елементи на мултикултурно запознавање за сите деца уште во најраната возраст“. Во овој „План“ господинот Зоран Заев предвидува тој лично или неговите најблиски соработници да одат по градинките и да им објаснуваат на дечињата, вклучително и на тие во јасли, како треба да се дружат мулти-култи. Ајде да зборуваме. Вие го оставате вашето двегодишно детенце во градинка, доаѓа чичко Заев и му кажува, „дете, многу ти е патриотско друштвово, само со Македончиња се дружиш, ајде малку да шараме, скарај се со Македончињата и ќе направиме ново друштво во кое ќе бидат рамноправно застапени и Албанчиња, Турчиња, Ром­­чиња, итн. мора да градиме соживот од најмала возраст“, или обратно, ова ќе му го каже на некое Албанче што се дружи само со Албанчиња, па ќе мора и тоа да шара, да биде „револуционер“ – шарен. А како ќе ги воспостави Зоран Заев овие „мулти-култи“ друштвенца на двегодишни деца во Источна Македонија каде што нема Албанци? Ајде да зборуваме. Дали тоа значи дека на сила ќе донесе Албанци во Кочани, Делчево, Виница, Кратово, Берово итн. за да може да го спроведе својот „план“?

kol221-zaev-alban-1На истата страна од „Планот“ социјалдемократите запишале: „Ќе бидат стимулирани проекти за мултикултурно дружење и меѓујазична комуникација и во повисоките степени на образованието“. Со ова Заев ни објаснува дека нашите деца кога ќе тргнат во училиште веќе ќе треба да го имаат совладано албанскиот јазик, само на таков начин ќе можат децата да се дружат „мултикултурно“ и „меѓујазично“ да комуницираат. Вметнувањето на „меѓујазично“ е лош обид да се затскрие намерата и поентата на „Планот“.

uck-golema-albanija-patokazАјде да мериме. Со воспоставувањето на „мулти-култи“ градинки и училишта Заев во Западна Македонија ќе направи компактна еднојазична територија. Сите се концентрираме кон албанскиот јазик во Источна Македонија, но не, не е возможно, со планот на Заев, Западна Македонија ќе стане еднојазична територија во која и Македонците уште од најмала возраст ќе го учат албанскиот јазик и на тој начин ќе им се намали шокот при идните физички поделби на државата

Соживот не се гради со директиви и со закони, соживотот извира од традицијата и тој може да биде нарушен само со вештачки конфликт каков што создаваше партијата на Зоран Заев во 90-тите години од минатиот век. Истиот тој СДСМ ги вложи сите свои ресурси за да го минира законот за веронаука и за историја на религиите во училиштата, кој требаше да доведе до самоосознавање, осознавање на различниот од тебе и до меѓусебно разбирање и почит. Агендата што ја спроведува Заев сега е уривање на сите напори што беа направени во минатото, а кои беа во насока на вистинско разбирање и почитување меѓу Македонците и Албанците.

Обиди се, Заев, да го демантираш ова, или испечати нови програми, има помалку од десет дена до избори.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top