| четврток, 6 декември 2018 |

На „Мостар филм фестивал“: Давид Тодосовски од „Ослободување на Скопје“ – најдобар дебитант

На штотуку завршениот „Мостар филм фестивал“ главниот актер во филмот „Ослободување на Скопје“ Давид Тодосовски ја доби наградата за најдобар дебитант заради, како што се вели во образложението на жирито, „уверливоста на толкувањето на ликот кој содржи многу тешки актерски техники, кој како дете – натуршчик многу успешно ги искажал“, соопшти „Партизанс продукција“.

На истиот фестивал на Раде Шербеџија му беше доделено специјално признание за „креацијата која го премостува времето и служи за зачувување на сеќавањата на едно извонредно уметничко дело од сферата на театарот кое сега во филмски облик е сочувано од заборавот“.

Филмот „Ослободување на Скопје“ досега учествуваше на фестивалите во Хелсинки, Пула, Битола, Братислава, Загреб, а му престојат учества на фестивалите „Фест“ во Белград, „Палм спрингс“, Монтевидео, Подгорица….

На фестивалот младата македонска актерка Наташа Петровиќ ја доби наградата за најдобра женска споредна улога во „Лазар“, каде што го игра ликот на Катерина. Жирито образложува дека со нејзината поетична и ненаметлива актерска игра на екранот резултирала со уверливост и искреност.

Филмот „Лазар“ однесе уште една награда за најдобра машка споредна улога, актерот Горан Навојец кој го игра Мики.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top