| четврток, 6 декември 2018 |

Се реконструира автопатот Неготино – Демир Капија, инвестицијата вреди пет милиони евра

pat

Со инвестиција од 5 милиони евра, средства обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта, се реконструира автопатот од Неготино до Демир Капија.  Ќе бидат опфатени 8 километри автопат во двата правци на најоштетените делови каде што е отежнат сообраќајот на оваа делница. Денеска увид во гардежните работи извршија министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов.

-Денеска  извршивме увид во градежните работи на реконструкцијата на автопатот од Неготино до Демир Капија. Реконструкцијата се одвива на најоштетениот дел на овој автопат со должина од 8 км или вкупно 16 км во двата правца. Инвестицијата е вкупно 5 милиони евра, а реконструкцијата ќе трае околу 18 месеци – изјави Мисајловски.

Сообраќајот ќе се одвива по стариот пат Неготино-Демир Капија, а директорот на Јавното претпријатие Стојанов апелираше до учесниците во сообраќајот да бидат трпеливи.

Следната година, како што најави Мисајловски, Јавното претпријатие за државни патишта ќе почне со реконструкција и на автопатскиот дел од Велес до Градско, инвестиција од околу 2,5 милиони евра. Тој појасни дека моментално на Коридор 10 во соработка со ЕУ се работи на реконструкција на автопатската делница од Куманово до Скопје во должина од 23 км и инвестиција од 5,5 милиони евра. Во тек е, посочи, тендер и за реконструкција и на левиот коловоз односно од Скопје до Куманово, тендерот ќе трае до 12 декември. Привршуваат градежните работи на новиот автопат Демир Капија до Смоквица, проект вреден над 210 милиони евра како и на автопатот од Скоквица до Гевгелија, исто така во соработка со ЕУ.

Надлежните потенцираат дека со овие проекти целиот автопат од Табановце до Богородица ќе биде на ниво на брз и модерен автопат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top